Насловна / Вести / За 10 години Уругвај успеа речиси целосно да се ослободи од фосилните горива

За 10 години Уругвај успеа речиси целосно да се ослободи од фосилните горива

На крајот на 20-тиот век, по прелевањето на бразилската, а подоцна и аргентинската економска криза, економијата на Уругвај доживува шок и длабока рецесија која својот пик го достигнува во 2003 година. Кризата го соголела високиот степен на зависност на извозно ориентираната уругвајска економија од своите помоќни соседи – Бразил и Аргентина. Уочувајќи го овој проблем, носителите на одлуки започнале со диверсификација на извозот, фискална консолидација и пошироки општествени реформи кои овозможиле нов економски раст.

Но, во 2007 година доаѓа уругвајската енергетска криза. Комбинација на три фактори – намалување на производството на хидроенергија поради суша, поскапување на производството на енергијата од термоелектраните поради растот на цените на нафтените деривати, и зголемување на побарувачката на електрична енергија поради економскиот раст – условиле недостаток на електрична енергија ширум земјата. Поучени од претходната криза, во намера да отстранат уште една зависност која е причина за нестабилноста на економијата, овојпат зависноста од увоз на нафтени дефивати, со парламентарно мнозинство составено од сите парламентарни партии, донесена е стратешка одлука за спроведување на политика на енергетска независност. Со доаѓањето на Рамон Мендез Гајлан, на чело на Министерството за енергетика во 2008 година, започнува една од најспектакуларните, најефикасните и најбрзите енергетски трансформации забележани во светот.

Како автор на предлогот за зелена трансформација на уругвајското електростопанство, и тоа покрај големиот скептицизам, професорот Галајн заедно со својот тим спровел масовна изградба на соларни електрани, електрани на биомаса, ветерни паркови и нови хидроелектрани. За само 5 години, енергетскиот микс кој доминантно го сочинувале хидроенергијата (50%) и енергијата од фосилни горива (40%) трансформиран е во нов микс во кој обновливите извори сочинуваат околу 98% од производството. Со овој епохален потфат, Уругвај не само што стекнал апсолутна енергетска независност, туку создава околу 50.000 нови работни места, го стабилизира производството, ги намалува трошоците за управување со мрежата, ја намалува ранливоста на климатските промени, и конечно, го намалува својот јаглероден отпечаток на ниво 30 пати пониско од светскиот просек. Покрај тоа, уругвајското електростопанство станува извозник, и од корисник на државна помош станува профитабилна економска гранка која преку своите приходи субвенционира други дејности во државата.

Зелената трансформација на уругвајското електростопанство претставува материјален доказ дека е можно да се изгради одржлив, стабилен, сигурен, ефтин, чист и профитабилен национален систем за производство на електрична енергија, и тоа во рок од само десет години.

 

Испрати коментар

Scroll To Top