Насловна / Вести / ЕБОР планира вложувања од 150 милијарди евра во зелени проекти до 2030 година

ЕБОР планира вложувања од 150 милијарди евра во зелени проекти до 2030 година

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), ја одобрила Стратегијата за транзиција кон зелена економија за периодот 2026–2030 година, како одговор на предизвиците од климатските промени, прилагодување на климатските промени и зачувувањето на природните ресурси. Стратегијата ја нагласува потребата од системски пристап во клучните сектори и воспоставување на долгорочни политики за одржлив развој. Посебен фокус е ставен на зголемување на влијанието во шест клучни економски системи: енергетски, индустриски, агропрехрамбен, транспортен, урбан и финансиски. Целта е да се поддржат фирмите, заедниците и владите во земјите во кои работи ЕБОР да ги намалат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, да ја зголемат енергетската ефикасност, да ја изградат отпорноста на климатските ризици и да ги заштитат природните екосистеми.

ЕБОР се обврзува до 2030 година да го зголеми зеленото финансирање на најмалку 150 милијарди евра, вклучувајќи средства од сопствени извори и мобилизирани вложувања на приватниот сектор. Банката планира најмалку 50% од вкупниот годишен обем на работење да биде насочен на зелени проекти, да го зголеми бројот на проекти со компонента на климатска отпорност за 50% во однос на периодот 2021 – 2025 година, како и да ги истражи можностите за вложувања кои придонесуваат за зачувување и обнова на природата.

На Западен Балкан, приоритетите на ЕБОР се зелена транзиција, одржливо земјоделство, биоенергија, хидроелектрани, користење на земјиштето и шумарство, туризам и одржливи извори на приходи, прилагодување на климатските промени и отпорност, топлификација, енергетска ефикасност, дигитализација и иновации, циркуларна економија и управување со отпад. Стратегијата напоменува дека финансиските потреби за зелени проекти во регионите каде работи ЕБОР ќе пораснат на над 500 милијарди евра до 2030 година, што е шест пати повеќе од моменталното ниво. Се очекува зголемувањето на вложувањата во зелени проекти дополнително да ја забрза транзицијата кон одржливи економии, да ги намали емисиите и да го унапреди квалитетот на живот во регионот.

Испрати коментар

Scroll To Top