Насловна / Вести / Трет годишен состанок на Македонската мрежа на градски морфолози 2026

Трет годишен состанок на Македонската мрежа на градски морфолози 2026

На 26 февруари 2026 година, четврток, во салата на Советот на Општина Центар, се одржа третата годишна средба на Македонската мрежа на градски морфолози (ММГМ). Настанот ги обедини урбанистите, архитектите, истражувачите, практичарите и други заинтересирани граѓани за урбаната морфологија со цел размена на искуства, идеи и актуелни истражувања поврзани со формата и трансформацијата на градот.

Средбата започна со добредојде и кратки презентации на присутните, по што следеше излагањето на д-р Тодор Стојановски посветено на градската морфологија, активностите на ММГМ во изминатата година и најавата за претстојната меѓународна конференција што ја организира академската организација ИСУФ (анг. International Seminar on Urban Form), која во 2026 година ќе се одржи во Сантијаго де Чиле, за која може да се прочита повеќе на следниот линк: https://www.uc.cl/agenda/actividad/international-seminar-on-urban-form-intelligences-and-realities

Презентацијата ја потенцираше важноста на вмрежувањето на македонската академска и професионална сцена со глобалните текови во истражувањето на урбаната форма.

Во вториот дел од програмата, м-р Кристина Ицковска, дипл.град.инж. говореше за профилите на уличните мрежи, со фокус на нивната хиерархија и димензионирање, отворајќи дискусија за односот меѓу сообраќајната функција и просторниот квалитет на улицата. Потоа, доц. д-р Ивана Ангелова ја претстави темата за сино-зелени коридори и урбано земјоделие, нагласувајќи ја улогата на еколошките системи во обликувањето на современите градски структури.

По официјалниот дел, учесниците ги продолжија морфолошките дискусии во неформална атмосфера, потврдувајќи ја потребата од континуирани средби и продлабочена соработка во областа на урбаната морфологија.

Третата годишна средба уште еднаш ја потврди релевантноста на ММГМ како платформа за стручен дијалог и афирмација на истражувањата за градската форма во Р.С. Македонија.

Автор: доц. д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top