Насловна / Вести / ИТ компанија во поранешна фабрика во Москва

ИТ компанија во поранешна фабрика во Москва

Во историска зграда од тули, поранешна фабрика за свила во Москва, реализиран е нов канцелариски простор на компанијата Yandex.

Авторите на проектот, студиото Freya Architects, проектирале ентериер што ги поврзува индустриската архитектура и современ ИТ амбиент, со јасна цел просторот да биде функционален, визуелно растоварен и пријатен за секојдневната работа на 115 вработени.

„Идејата беше да се создаде уникатен, функционален и естетски чист простор, исполнет со природни текстури и светлина, почитувајќи го историскиот контекст на зградата“, наведуваат авторите од Freya Architects.

Рамка на современо работење

Просторот со површина од 1.200 квадратни метри ги задржува автентичните елементи на поранешната фабрика – реставрирани ѕидови од тули и столбови од леано железо, кои денес даваат карактер на современата работна средина.

Овој историски слој е надополнет со отворени тавани, видливи инсталации и конструктивни елементи кои ја нагласуваат индустриската естетика.

Во исто време, ентериерот е омекнат со чисти линии, текстилни подни облоги, топли дрвени ѕидни облоги и мебел, како и закривени стаклени површини кои ја омекнуваат строгоста на конструкцијата и поттикнуваат чувство на проточност низ просторот.

Приоритет на светлината

Планирањето на просторот базирано е на функционална организација на отворени работни зони покрај прозорците, со цел максимално искористување на природната светлина.

Во централното јадро се наоѓаат сали за состаноци, технички простории и „coffee-point“, со витражни стаклени прегради кои ја задржуваат визуелната леснотија.

„Ги комбиниравме отворените работни зони со разновидна типологија на затворени простори – од големи конференциски сали до компактни телефонски кабини за индивидуални повици“, објаснуваат од студиото.

Комфорните „lounge“ зони и просторите за неформална комуникација овозможуваат пауза и размена на идеи во порелаксиран амбиент, со што се поттикнува баланс помеѓу концентрацијата и соработката.

Геометриски прегради

Главниот визуелен акцент на ентериерот го сочинуваат геометриски прегради во нежно сина боја, со кружни отвори.

„Преградите создаваат психолошки граници што ја поддржуваат концентрацијата без да се чувствувате стеснети. Кружните отвори овозможуваат визуелен континуитет и внесуваат доза на игра во целината“, наведуваат авторите.

Овој елемент придонесува за идентитетот на просторот и ја намалува монотонијата типична за големите канцелариски простори.

Бои, материјали и акустика

Клоритот на ентериерот се базира на сини, бели и сиви тонови, со доминантно присуство на природно дрво. Таквата палета пренесува стабилност, а истовремено поврзува различни функционални зони во кохерентна целина.

Стаклените сали за состаноци нагласуваат транспарентност и култура на отвореност, а завесите во просториите овозможуваат флексибилност и приватност кога е потребно.

Посебно внимание е посветено на акустиката – покрај звучно изолираните прегради и акустичните тавански панели, користени се ѕидни панели од филц и двојно застаклени прозорци за намалување на нивото на бучава.

„Нашата цел беше да обезбедиме пријатна и тивка работна средина, која ја поддржува продуктивноста и долгорочната удобност“, истакнуваат Freya Architects.

Зона за релаксација во кафетеријата

Кафетеријата обединува целосно опремен „coffee-point“, кафе-зона и удобни места за седење наменети на помали групи. Полукружни прегради со шанк и интегрирани полици со растенија го делат просторот на поинтимни целини.

Бројни растенија се присутни низ целиот ентериер, интегрирани во полици и жардиниери. Во комбинација со големи прозорци и многу природна светлина, тие ја внесуваат природата во работниот простор, го подобруваат квалитетот на воздухот и придонесуваат за општо чувство на благосостојба.

Работа во простор со карактер

Ентериерот на компанијата Yandex во Москва покажува како историската индустриска архитектура може да се трансформира во модерна, хумана работна средина.

Балансот помеѓу отвореноста и структурата, индустриското наследство и топлите материјали, функционалноста и естетиката го прават овој проект пример на промислен канцелариски дизајн за новата генерација ИТ компании.

Испрати коментар

Scroll To Top