Насловна / Вести / Компанија „Стокуќа“: Од индустриска хала до нов мултифункционален идентитет во Јесенице, Словенија

Компанија „Стокуќа“: Од индустриска хала до нов мултифункционален идентитет во Јесенице, Словенија

Проектот за ентериерот на индустриско – административниот објект – ЈБ ЕНЕРГИЈА, претставува рамнотежа помеѓу рационалното и поетското.

Помеѓу рационалното како последица на граничните услови, функцијата, конструкцијата и достапни ресурси.

Помеѓу поетското како однос кон општеството, просторот и времето.

Проектот претставува наратив создаден од фундаментални елементи, неговите текстурирани слоеви ја зајакнуваат рамката сè додека неочекуваната моќ и тивката магија на ентериерот не се сместат во нејзината основа.

Ситуација

Основа на приземје

Основа на кат

Нашата компанија СТОКУЌА влегува во нова ера на раст – дефинирана со смело истражување, перманентна иновација и потрага по можности надвор од нашите граници. Со јасна визија и посветеност се шириме во нови работни полиња и се движиме кон неистражени хоризонти. Водени од љубопитност и овластени од експертиза, ние постојано ги развиваме нашите способности за да ги задоволиме потребите на новиот пазар и да создадеме трајни вредности и нови успешни приказни.

Една нова успешна приказна е ЈБ Енергија.  ЈБ ЕНЕРГИЈА е компанија активна на полето на системи за обновлива енергија и се наоѓа во областа Јесенице во северозападниот дел на Република   Словенија. Уште од првиот разговор, откривме заедничка визија – вкоренета во доверба, амбиција и желба да се изгради нешто значајно. Заедно, ги трансформиравме почетните идеи во јасна стратешка насока. Проектот е конзистентен израз на централната идеја. Во тој аналитичко-синтетички процес се обидовме да ги разбереме сите параметри и да ги соединиме во едно решение.

Создадовме мултифункционален простор што ги задоволува потребите на компанијата и ја подобрува благосостојбата на вработените. Индустриската хала вклучува канцелариски простори со 38 работни места и заеднички простории, со директен пристап од производството до канцелариите за подобра комуникација. Дизајнот интегрира современи елементи кои го подобруваат целокупното работно искуство.

Индустриската хала главно е поделена во три сегменти низ кои линиски се надоврзуваат функциите во објектот. Западно се поставени канцеларискиот простор и сервисните простории од кои директно се пристапува во централно позиционираната производна хала, а на неа од источната страна се надоврзуваат холот и магацинскиот простор. Западниот дел од индустриската хала содржи кафетерија, инфо пулт, сала за состаноци, архива, тоалети и канцеларии за проектанти. Во централниот западен дел од катот, дел од канцелариите се изведени како отворени канцеларии.

Тие се лесно достапни, поставени на армиранобетонска конструкција. На овој начин, висината на објектот се искористува максимално додека отворениот тип на канцелариски простор овозможува лесна и флуидна комуникација. Концептот за внатрешен дизајн го одразува идентитетот на компанијата преку стратешко повторување на препознатливата жолта боја на логото. Оваа нијанса е суптилно врежана во клучните елементи на просторот – како што се изборот на ткаенини, деталите на мебелот и декоративните завршни обработки – создавајќи кохезивна визуелна врска помеѓу брендот и околината.

Низ континуирана игра со геометриски форми, жив колорит и смирени топли тонови на дрво се доловува присуството и раздвиженоста на компанијата која постои во една мала населба како Јесенице и делумно ја редефинира во мал урбано-индустриски центар.

Источниот дел на индустриската хала вклучува магацински простор, електротехничка работилница и простории за работници. Преку вакво позиционирање на функционални единици се затвора производствената хала која останува централно поставена со што се внимава на ширењето на бучава.

Објектот се развива на две нивоа – приземје и кат, висината на истиот е сензитивна и прилагодена на висината на околните објекти, со симетричен двоводен кров и доминантна влезна партија со карактеристични светлечки вертикални ленти. Ентериерот одговара и се обраќа – го одразува постојаното и го создава новото. Објектот во целост е ненаметлив, но динамичен и разигран преку присутност на впечатлив колорит, материјали и игра со осветлување што дава една нова современа нота на Јесенице.

Автор: Јелена АНДЛОВИЦ, дипл. инж. арх.

Автори:

СТОКУЌА ДООЕЛ – Скопје

Јелена Андловиц

Соработници:

Ива Китевска, Ева Костеска

Инвеститор:

ЈБ ЕНЕРГИЈА ДОО Jесенице на Долењскем, Р Словенија

Година на завршување:

2024

Вкупна површина:

Канцелариски простор 345 m2

Производство 390 m2

Фотографии:

Нивес Брелих

Испрати коментар

Scroll To Top