Насловна / Вести / Пластиката како енергент: Скриена пракса во сиромашните домаќинства

Пластиката како енергент: Скриена пракса во сиромашните домаќинства

Во недостаток на средства за купување на енергенти за греење и готвење, многу домаќинства во земјите во развој користат пластика како гориво. Освен поради сиромаштијата, пластиката се користи и поради фактот дека ја има во изобилство, покажува една нова студија. Со согорување на пластика се ослободува цела низа токсични соединенија, меѓу кои се диоксини, фурани и тешки метали, кои го загрозуваат здравјето на луѓето и се штетни за животната средина.

Имано, најновото истражување претставено во студијата „Распространетост на пластичниот отпад на Глобалниот југ како гориво во домаќинствата во заедниците со ниски приходи“, објавена на научната платформа Nature Communications, покажува дека оваа пракса е значително пораспространета отколку што тоа претходно се претпоставувало. Истражувањето опфатило 1.018 испитаници во 26 земји на т.н Глобален југ. Истражувачите анкетирале стручњаци и актери од локалните заедници во земјите со ниски и средни приходи во Азија, Африка и Латинска Амерка. Според резултатите, дури секое трето лице знае за домаќинства кои согоруваат пластика, додека 16% од испитаниците навеле дека и самите користеле пластика како гориво. Студијата истакнува дека пластичниот отпад често се користи помешан со дрво, јаглен или други традиционални енергенти. Оваа пракса досега не го привлекла глобалното внимание бидејќи се случува во маргинализирани заедници и скриено од очите на јавноста.

Иако земјите од Западен Балкан не се опфатени со студијата, познато е дека дел од населението користи отпад како енергент. Поради достапноста, поедници користат и отпадно моторно масло. Екологистите предуптедуваат на опасностите од согорување на различни видови отпад поради исклучителната токсичност на гасовите кои се ослободуваат при согорувањето. Овие соединенија се хемиски стабилни и долго се задржуваат во организмот. Според проценките на Светската здравствена организација, нивното време на полураспаѓање во човековото тело изнесува 7 до 11 години. Изложеноста на овие соедниненија може да предизвика репродуктивни и развојни пореметувања, оштетување на имуниот систем, пореметување во работата на хормоните, како и појава на карцином.

Студијата покажува дека согорувањето на пластика првенствено е последица на структурни проблеми, а не на индивидуални одлуки. Домаќинствата се посклони кон оваа пракса во средините каде цените на чистите енергенти се сериозен товар за домашниот буџет и каде што системите за собирање на отпад не постојат или се недостапни.

Според Организацијата за економска соработка и развој (OECD), количината на пластичен отпад на глобално ниво би можела повторно да се зголеми тројно до 2060 година. Истражувачите предупредуваат дека без унапредување на системот за управување со отпад и подобар пристап до чиста енергија, овој проблем може дополнително да се продлабочи.

Испрати коментар

Scroll To Top