Насловна / Архитектура / Американските згради ги надминуваат европските во однос на долговечноста

Американските згради ги надминуваат европските во однос на долговечноста

Нова студија објавена во научното списание „Buildings & Cities“ открива дека зградите срушени ширум Европа имале значително пократок век на траење во споредба со оние во Соединетите Американски Држави.

Истражувањето спроведено од Juliana Berglund-Brown, Isaac Dobie, Jordiana Hewitt, Catherine de Wolf и John Ochsendorf анализирало податоци за околу 15.000 згради кои биле срушени во девет американски и четири европски градови во текот на 21 век. Заклучокот на истражувачите е дека зградите во САД просечно се користат 81 година, додека во европските градови таа бројка изнесува само 65 години.

Вкупниот примерок вклучувал 5.305 згради срушени во американски градови како што се Лос Анџелес, Минеаполис, Њујорк, Питсбург, Сиетл, Болдер, Кембриџ, Линчбург и Релеј. На европската страна, анализирани се 9.574 згради од Амстердам, Копенхаген, Цирих и Хелсинки.

Просечната старост на сите анализирани згради што доживеале рушење била 71 година. Сепак, постојат значителни разлики меѓу поединечни градови. Најдолги животен век меѓу американските градови е забележан во Кембриџ, каде што зградите биле рушени во просек после 120 години. Спротивно на тоа, во Релеј, објектите до рушењето траеле во просек само 53 години.

Во Европа, зградите во Цирих биле најдолговечни со просек од 75 години, додека оние во Хелсинки имале најкраток животен век – 49 години.

Рушењето на зградите често не зависи од нивната техничка исправност

Авторите истакнуваат дека објектите често се отстрануваат дури и пред да дојдат до крајот на нивниот технички век на траење. Како причини за рушење се наведуваат голем број фактори кои е тешко да се предвидат, вклучувајќи ја економската исплатливост, личните преференции на сопствениците и архитектонските карактеристики кои со текот на времето се сметаат за неповолни.

Главната цел на истражувањето била да се подигне свеста за причините за рушење на зградите и да се истакнат типовите објекти кои најчесто се прогласуваат за застарени.

Во САД, поголемиот дел од урнатите згради датираат од периодот помеѓу 1920 и 1950 година, додека во Европа објектите најчесто се градени помеѓу 1950 и 1970 година.

Исто така е интересно што староста на градовите не игра значајна улога кога станува збор за трајноста на објектите. Така, Хелсинки, основан во 1550 година, и Релеј, основан повеќе од два века подоцна, имале многу сличен просек во однос на староста на урнатите згради. Ова откритие сугерира дека долговечноста на зградите не мора нужно да зависи од долгата урбанистичка традиција на некое место.

Стамбените згради траат најдолго

Анализираните објекти се класифицирани во четири категории: станбени, комерцијални, индустриски и институционални (кои вклучуваат образовни, рекреативни и културни установи).

Во двата региона, станбените згради покажале најфолема просечна долговечност – во САД се рушени по 85 години, а во Европа по 70. Спротивно на тоа, институционалните згради во САД имаат најкраток животен век (просечно 55 години), додека во Европа комерцијалните објекти најкратко опстанале – само 43 години, што е значително пократко од американскиот просек за истата категорија, кој е 71 година.

Целата студија можете да ја видите тука.

Испрати коментар

Scroll To Top