Зима во Унгарија значи божиќна магија, лизгање, културни настани и божиќни маркети што блескаат – сè до дочекот на Нова година.

Будимпешта за време на Божиќ изгледа како бајка на Дунав. Градот познат по својата величествена архитектура и термалните бањи во декември добива посебен сјај.

Будимпешта е европска престолнина која се гордее со одлична содржина за Божиќ: само во центарот на градот има шест различни божиќни маркети.

Сите тие го исполнуваат воздухот со мириси на пиперки и божиќни зачини, од продавачи кои истураат гулаш во чинии од огромни котли или посипуваат сирење врз лангош, типична унгарска храна – пржено лепче.

Секако, тука можат да се најдат и добро познатите производи на божиќните пазари: колбаси, греано вино и костени. А има и за љубителите на слатки, сhimney cakeѕ на унгарски познати како Kürtőskalács, традиционални слатки или локални варијанти на класични штрудли.

Но сепак, еден божиќен маркет во Будимпешта, можеби се издвојува во однос на останатите. Тоа е Божиќниот маркет кај базиликата „Свети Стефан“ или на унгарски Szent István. Божиќниот маркет е всушност зимски фестивал, кој започнува кон крајот на ноември и завршува во новата година, а за прв пат е отворен во 2011 година.

Овој божиќен маркет ја испиша историјата освојувајќи ја титулата најдобар божиќен маркет во Европа, четврти пат по ред, достигнување што ниту еден друг град досега не го постигнал. Настанот ги отвори своите врати на 14 ноември 2025 година и ќе трае до 1 јануари 2026 година распослан пред најголемата црква во Будимпешта – базиликата „Свети Стефан“.

Базиликата „Свети Стефан“ (унгарски: Szent István bazilika) е во склопот на Римокатоличката црква. Црквата е изградена во 1905 година и е посветена на првиот унгарски крал Стефан I, чија мумифицирана рака се чува во објектот. Основата на базиликата е во форма на грчки крст, а фасадата е врамена со две високи бели камбанарии. Во јужната камбанарија се наоѓа најголемото ѕвоно во цела Унгарија, кое тежи околу девет тони, има дијаметар од 2,5 метри и бие главно два пати годишно, на 20 август кога е датумот на неговото осветување и на полноќ на Нова година. „Свети Стефан“ се наоѓа на списокот на светско наследство.

Црквата е проектирана во неокласичен стил од унгарско-германскиот архитект Јозеф Хилд. Изградбата започнала во 1851 година, а камен-темелникот е поставен во присуство на императорот Франц Јозеф I. Во 1858 година куполата се урнала, што изискувало целосно рушење на завршените работи и повторно градење од темел. По смртта на Хилд во 1867 година, проектот го преземал Миклош Ибл, еден од водечките архитекти во Европа од средината до крајот на деветнаесеттиот век, како и највлијателен архитект во Унгарија. Неговото најпознато дело е Унгарската национална опера во Будимпешта. Ибл го изменил првичниот проект на Хилд во неоренесансен стил.
Црквата се градела педесет и четири години, а изградбата била завршена во 1905 година.

И токму тука на плоштадот пред оваа величествена црква може да се почувствува автентична божиќна атмосфера. Влегувајќи низ голема порта, посетителите се наоѓаат меѓу стотина тезги со ракотворби и големо лизгалиште поставено на плоштадот. Прогласен за најубав божиќен пазар во Европа, маркетот го оправдува својот углед: гостите ги очекуваат речиси стотина унгарски занаетчиски изложувачи, керамичари, кожари и златари, но посетителите можат да се запознаат и со нови изложувачи и со нивните производи и автентични креации. Тука секако се и вистински кулинарски авантури, прекрасна елка, светлосни дисплеи, проекциска уметност и други интересни програми.

Без разлика дали на маркетот се оди со семејството, пријателите или со колегите, посетителите се воодушевени од автентичната божиќна атмосфера, што ги враќа луѓето во божиќното чудо од нивното детство.

Во центарот на плоштадот, секако дека не може да има ништо друго освен огромната, прекрасна елка, која и оваа година ја дефинира атмосферата, а над елката, мрежа од ситни, сјајни светилки ја збогатува веќе интимната, празнична глетка. Еден од омилените делови на денот е попладнето од 17:30 часот, фасадата на базиликата е осветлена од величествено светлосно сликање, на кое во некои денови му претходи музички концерт.

Божиќниот пазар секоја вечер се отвора со програма на настани, вклучувајќи церемонија на палење свеќи секоја недела пред Божиќ.
Божиќниот дух сигурно ќе го надополни Оревокршачка, балет во два чина на Чајковски, кој во Будимпешта се изведува во неодамна реновираната Опера, а картите секогаш се брзо распродадени. Бидејќи Будимпешта лежи на повеќе од илјада и петстотини термални извори, најдобриот начин да се избегне зимата е да се загреете во бањите Гелерт, Шечењи или Рудаш.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија