Насловна / Архитектура / На конференција во Загреб премиера на документарен филм за легендарниот киоск К67

На конференција во Загреб премиера на документарен филм за легендарниот киоск К67

Постојат работи што ја надживуваат својата функција. Не затоа што се големи или монументални, туку затоа што се направени со врвно разбирање на човечките потреби и природата на просторот. Киоск К67 е еден од нив. Дизајниран кон крајот на шеесеттите години како модуларно решение за урбаното секојдневие, денес е глобално призната културна икона, симбол на јавниот простор, но и инспирација за цела низа креативни и комуникациски практики. Токму затоа не е случајно што К67 е во центарот на претстојната KIOSK Branding Conference во Загреб на 6. февруари, како и фактот дека конференцијата е програмски базирана на делото на неговиот автор, архитектот Саша Махтиг, и документарниот поглед на Филип Филковиќ Филац.

Дизајн што го паметат градовите и генерациите

Саша Махтиг е еден од најважните европски дизајнери и архитекти од втората половина на 20 век. Неговиот Киоск К67, дизајниран во 1967 година, замислен е како модуларен систем што може да се прилагоди на просторот, функцијата и потребите на заедницата. Од киоск за весници, цвеќе или храна, преку информативнипинктови и продажни места, па се до современи реинтерпретации во уметноста и културата, К67 стана повеќе од објект. Стана дел од колективната меморија на градовите. Оние малку постарите го паметат од секојдневниот живот, додека помладите генерации го препознаваат по новиот бран на носталгична естетика, но и по новите употреби на киоскот далеку вон границите на поранешна Југославија.

Од киоск за весници до DJ booth на Тајмс Сквер

Денес, K67 може да се најде во музеите за дизајн, приватни колекции и јавни простори низ целиот свет. Се користел како галериски простор, поп-ап продавница, инсталација, па дури и како кабина за диџеи на Тајмс Сквер во Њујорк, што многу зборува за неговата прилагодливост и безвременост. Ретко кој дизајнерски објект може да се пофали со таква трансформација во текот на децениите, без да го изгуби идентитетот.

Авторот на киоскот K67 во пресрет на наградата за животно дело

Вклучувањето на делото на Саша Махтиг во програмата на KIOSK Branding Conference има дополнителна симболична тежина бидејќи се случува во пресрет на големо признание. Ден по конференцијата, Махтиг во Словенија ќе ја добие Прешерновата награда за животно дело 2026 година, највисокото национално признание за уметност и култура. Неговото гостување во Загреб на тој начин станува еден вид момент на пресек на кариерата, но и можност да се слушне од прва рака како еден функционален објект прераснал во културен феномен.

К67 документарец на авторот Филип Филковиќ Филац

Преку својата програма, KIOSK го претставува и Филип Филковиќ Филац, авторот на документарецот К67. Филмот не се занимава со киоскот како дизајнерски артефакт во класична смисла, туку како жив организам. Преку архивски материјали и нови снимки од обиколка на киоскот К67 на денешните локации, како и човечки приказни, Филац прикажува како К67 станал место за средби, работа, ритуали и секојдневие. Неговиот филм го следи киоскот низ градови, генерации и контексти, покажувајќи како дизајнот станува смислен дури тогаш кога се користи. За самата конференција, Филац подготвил посебен дел од документарецот што ќе даде премиерен увид во филмот.

Преку разговор со архитектот Марко Дабровиќ, еден од основачите на архитектонското студио 3LHD, програмата на конференцијата го отвора прашањето што е тоа што го одржало К67 во живот сите овие години и кое е најголемото значење на неговиот дизајн денес.

Каква е врската помеѓу брендовите денес и киоскот K67?

Тимот зад конференцијата KIOSK токкму К67 го препознал како модел и метафора за современо брендирање. Модуларноста на киоскот, неговата способност да се прилагодува на просторот, функцијата и корисниците, е она што се очекува од брендовите денес. Во свет во кој контекстите се менуваат побрзо од кога било, брендовите што не можат да ја менуваат формата, тонот или улогата ризикуваат да станат ирелевантни. K67 покажува дека силен идентитет не значи крутост, туку систем што овозможува трансформација без да ја изгуби својата препознатливост.

Така KIOSK Branding Conference не го користи киоскот само како визуелен или носталгичен мотив, туку и како концептуален ‘рбет. Тука, K67 станува лекција за дизајн, комуникација и долговечност, но и потсетник дека најдобрите решенија често се оние што оставаат простор за другите да ги надоградат.

Влезниците за KIOSK Branding Conference, што ќе се одржи во загрепската куќа за луѓе и уметност Лауба на 6 февруари 2026 година, достапни се на kioskconference.com.

Испрати коментар

Scroll To Top