Насловна / Архитектура / Snøhetta претстави нови рендери за идната оперска куќа во Дизелдорф

Snøhetta претстави нови рендери за идната оперска куќа во Дизелдорф

Норвешкото биро Snøhetta објави нови рендери од својот победнички проект на конкурсот за новата зграда на операта во Диселдорф. Првично распишан во 2017 година, конкурсот „Опера на иднината“ доживеа неколку прекини во текот на годините поради промени во планираната локација, што го продолжи процесот на донесување одлуки за овој важен културен проект.

Новопроектираниот објект ќе стане дом на Германската опера на Рајна, како и на Градската музичка библиотека во Диселдорф и Музичката школа на Клара Шуман, создавајќи обединет културен центар. Предлогот има за цел да воспостави современа оперска куќа што ќе ја зајакне културната инфраструктура и јавниот живот на градот.

Приземје инспирирано од кривулестиот тек на Рајна

Предлогот, кој беше едногласно избран од 25-членото жири, замислен е како отворен и достапен културен простор во центарот на градот. Проектот на Snøhetta воведува приземје слично на пештера, инспирирано од кривулестиот тек на реката Рајна, замислувајќи порозна урбана површина што поттикнува движење и вклучување на јавноста.

Со поделба на вкупниот волумен на зградата на три асиметрични трапезоидни блока и интегрирање на преминот во приземје, концептот овозможува продор на дневна светлина и подобра циркулација на компактен простор, објасни норвешкото биро.

Трипартирната форма, исто така, го симболизира единството на трите институции што ги опфаќа објектот. Покривите паѓаат во различни насоки, спуштајќи се кон соседните згради и издигнувајќи се за да го нагласат јавниот карактер на зградата.

„Издлабеното“ приземје се отвора кон сите страни на парцелата, создавајќи широки визуелни и физички врски со околните јавни простори. На овој начин, основата на зградата станува активна културна сцена вкоренета во секојдневниот живот на градот.

Екстериерот е дефиниран со природна светлина, како и со вентилирана фасада од природен камен, која се вклопува во палетата на материјали на градот Дизелдорф и помага да се намали прегревањето во лето.

Камените модули се разликуваат по големина и завршна обработка, од груби до фино обработени, а сите заедно распоредени во брановидни ленти кои потсетуваат на геолошки слоеви на седименти и го пренесуваат мотивот на ерозија од приземјето на фасадата.

Големи отвори ги врамуваат клучните јавни простори, вклучувајќи ги фоајеата и просториите за проби, додека помалите прозорци обезбедуваат контролирано засенчување и вентилација, објаснија норвешките архитекти.

Главна сала со 1.300 седишта

Во ентериерот, стратегијата за материјализација ја продолжува геолошката тема преку минерални површини со суптилни тонални разлики. Главната сала со 1.300 седишта има облога од темен даб и црвени седишта, што потсетува на елементи од постојната оперска куќа што ќе биде срушена.

Биосоларниот кров интегрира фотоволтаични панели, кровни прозорци и техничка опрема, со терасасти засадени површини со растителни видови што потекнуваат од поплавните подрачја на долниот тек на Рајна. Заедно, силуетата на зградата, отворите и зелените тераси создаваат културна институција која е и контекстуално вкоренета и визуелно впечатлива.

Што е заедничко за двете решенија

Секако, ако се вратиме на проектот на бирото Snøhetta, кој првично беше избран на конкурсот „Опера на иднината“ во 2017 година, може да се каже дека изгледал значително различно. Сепак, отвореноста на приземјето, косата форма и ефикасното поврзување на просторот се заеднички за двата проекта.

Жирито го кажа следново за победничкиот проект од 2017 година: „Проект што изненадува, што охрабрува, но и проект за кој може и мора да се дискутира. Убедува со својата идеја за ротирање на главната оска на оперската куќа за 24°, врз основа на оската на Јегерхоф Алеја. Ова овозможува добро организиран надолжен распоред од задниот дел на сцената до контролната соба во должина од околу 67 метри“.

Жирито додаде и следново: „Исто така, концентрацијата на сите функционални елементи кон алејата Хајнрих Хајне и улицата Лудвиг Цимерман е логична, создавајќи релативно слободен форумска и фоаје зона кон градинарската страна на дворот, што е многу атрактивна, може добро да ги поврзе јавните простори во зградата и отвора интересни можности за понатамошен развој на нејзината конечна скулптурална форма.“

Испрати коментар

Scroll To Top