Познатата италијанска куќа Gufram и фондацијата што го носи името на славниот уметник се здружија за повторно да издадат две седишта од познатата уметничка вртелешка од осумдесеттите години.
Минатата година, Њујорк повторно го откри „Luna Luna“, амбициозен уметнички забавен парк создаден во 1987 година, кој помина речиси четири децении во складиште.
Овој единствен проект, во кој учествуваа некои од најголемите имиња на поп-артот, повторно привлече огромно внимание на јавноста, а сега носи новина што ќе ги израдува љубителите на дизајнот.
Две од оригиналните столчиња од вртелешката на Кит Харинг се повторно во производство и наскоро ќе бидат достапни за пошироката публика.

Дизајнерска инспирација
Еден од најпопуларните делови на „Luna Luna“, беше токму каруселот на Харинг, чии впечатливи, графички форми се препознатливи и денес.
Неговите два модели на седишта (куче и бебе што лази) сега добиваат нова, колекционерска форма благодарение на Gufram, познат по својот радикален пристап кон дизајнот.

Нова верзија на столчињата на Харинг
Gufram го задржал автентичниот изглед на дводимензионалните цртежи на Харинг, но ги претворил во скулптурални парчиња изработени од полиуретан.
Специјалниот премаз им дава текстура што потсетува на кожа, додека боите остануваат верни на естетиката на осумдесеттите години. Резултатот е мебел што изгледа како штотуку да се симнал од страниците на цртежите на Харинг.

Проект пред своето време
Кога првпат се отвори во Хамбург во 1987 година, „Luna Luna“, привлече околу 300.000 посетители за само три месеци. Паркот требаше да патува низ светот, но никогаш не стигна до САД сè до неговото неодамнешно повторно отворање во Лос Анџелес, а потоа и во Њујорк.
Интересно е што речиси триесетина уметници учествувале во создавањето на атракциите, вклучувајќи ги Салвадор Дали, Дејвид Хокни, Ребека Хорн и Жан-Мишел Баскијат.
Враќање на поп-артот
Новото издание на седиштата на Харинг претставува омаж на уметникот и неговата визуелна енергија. Соработката помеѓу Gufram, Luna Lunа и Фондацијата Кит Харинг повторно ги спојува световите на уметноста и дизајнот и тоа во форма што може да стане дел од нечиј дом.
Столиците наскоро ќе бидат достапни за купување на официјалната веб-страница на Luna Lunа.

* * * * *
Кит Харинг (1958 – 1990) беше американски ликовен уметник и активист, познат како една од водечките фигури на уличната сцена во Њујорк во 1980-тите. Пораснал во семејство на карикатуристи, но неговата работа била значително под влијание на графитите. Бил пријател и соработник на Енди Ворхол, како и на Мадона и Грејс Џонс. Неговиот опус се занимавал со актуелни општествени прашања како што се апартхејдот во Јужна Африка и епидемијата на крек на американските улици. Харинг бил отворено геј, но промовирал безбеден секс. И покрај ова, во 1988 година му била дијагностицирана СИДА, од која починал две години подоцна.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија