Насловна / Архитектура / eSpaDrina во Љубовија: Како изгледа новиот станбен комплекс на Дрина

eSpaDrina во Љубовија: Како изгледа новиот станбен комплекс на Дрина

На бреговите на Дрина во Љубовија,Србија, во директен контакт со реката и планинското опкружување, изграден е туристички комплекс кој носи нова интерпретација на престојот во природа преку модерен архитектонски израз.

Комплексот наречен eSpaDrina се состои од шест типски станбени единици со ресторан, базен и подземен spa&wellness центар, кои заедно формираат заокружена функционална целина. Проектот е создаден како резултат на долгорочно партнерство помеѓу инвеститорот и проектантскиот тим на белградското студио Architechna.

Самата локација претставувала посебен предизвик поради својата единствена природна средина и топографијата на парцелата. „Иницијалната идеја на инвеститорите и проектантите беше да се надминат воспоставените стереотипи и да се понуди на пазарот нешто ново – модерна апартманска населба со повеќе одделни единици и придружни содржини, хармонично интегрирани во пејзажот на специфичниот меандер на реката Дрина.“ – велат архитектите.

Различен пристап кон архитектурата

Концептот на населбата е креиран на начин да низ својата поставеност, обликување и матерјализација внесе модерен и различен пристап кон проектирање објекти од овој тип, создавајќи пример на современ пристап во архитектурата на туристичките комплекси долж брегот на Дрина,наведуваат авторите.

Апартманските единици се распоредени во два меѓусебно повлечени реда, што создава динамична просторна композиција, така што секој има директен поглед на реката и максимална приватност. Распоредот и позицијата на објектите се обликувани според геометријата на парцелата и визурите, со што се постигнува рамнотежа помеѓу заедничкиот и интимниот простор. Секој апартман има своја тераса ориентирана кон реката, што речиси ја брише границата помеѓу ентериерот и екстериерот.

Објектите се истакнуваат со своите динамични форми на кровот и јасни, читливи волумени, во кои ритамот на косите рамнини го следи падот на теренот и линијата на хоризонтот. Материјализацијата комбинира дрвени подни облоги, фасади од фиберцемент и дрвени ентериерски облоги во неутрални тонови, со што комплексот се вклопува во пејзажот.

„Дополнителна динамика и контраст создаваат деталите на оградите, столаријата и перголата во темно сиви нијанси, нагласувајќи ја прецизноста и софистицираноста на дизајнот.“ – велат архитектите.

Од влезот во комплексот до речната променада се протега главното шеталиште кое ја обликува просторната оска и ритамот на целиот комплекс. Секундарните комуникации се разгрануваат од главната променада кон апартманските единици. На овој начин, се формира јасно дефинирана зона на апартмански куќи со приватност, додека јавните содржини – шеталиште, ресторан, отворен базен и плажа покрај реката се организирани во одвоен, пристапен заеднички простор.

Ресторанот, сместен веднаш до брегот, со голема тераса и базен, претставува централна точка за собирање во рамките на комплексот. Под ресторанот семестена е плажа за одмор, која овозможува директен контакт со реката и природната средина.

Објектот на ресторанот се карактеризира со едноставна правоаголна основа, додека динамично обликуваниот кров асоцира на формата на традиционалната српска шајкача. Оваа комбинација од чисти, минималистички линии и изразена кровна динамика создава впечатлив визуелен идентитет, поврзувајќи го современиот архитектонски израз со традиционалната културна референца.

„Отворениот базен со својата форма ги продолжува линиите накровот на ресторанот, создавајќи хармонична и динамична целина.“ – велат архитектите.

Објектот Spa&Wellness е вкопан во природниот релјеф на теренот. Ваквото решение го нагласува пејзажно-архитектонскиот израз, интеграцијата во пејзажот и суптилното присуство во просторот, правејќи го спа центарот и визуелно привлечен, но и хармонично интегриран во околината.

Спа центарот дополнително ги збогатува содржините на комплексот, обезбедувајќи им на корисниците разновидни содржини и искуства. Разновидноста на програмата и функционалноста ја збогатува туристичката понуда, не само на ниво на самиот комплекс, туку и во пошироката околина, придонесувајќи за поголема привлечност на дестинацијата и подобро искуство за посетителите.

Единство со природата

Постигнат е исклучително висок удел на зелени површини, кој изнесува 70 отсто. Пејзажното уредување е проектирано со акцент на едноставност и хармонија со природната средина – реката и околните шумовити ридови.

Распоредот на слободните површини меѓу објектите формира јасен ритам на зеленило, поплочени патеки и дрвени платоа што поврзуваат различни содржини. Секоја куќа има помал, внимателно обликуван тревник со насади од ниска вегетација и декоративни камења, со што се постигнува уреден, минималистички изглед без нарушување на природниот амбиент.

Користени се автохтони видови вегетација кои се лесни за одржување. Преовладуваат пониска вегетација и тревни видови, кои не го попречуваат погледот на реката, додека поедини стебла стратешки се поставени за да обезбедат нежна сенка и да ја нагласат просторната динамика.

Главните комуникации се изведени како бетонски патеки со јасни линии што водат од паркингот и централниот влез до секоја единица и заеднички содржини покрај реката. променадата на брегот е проектирана како дрвена платформа што ја следи природната линија на реката и ги поврзува објектите со јавната површина и базенот.

„Уредувањто на зелените површини во целина одразува модерен, одржлив пристап: комбинација од архитектонска геометрија, природни материјали и внимателно контролирана вегетација, со што  се постигнува мирна, хармонична атмосфера во директен контакт со пејзажот на реката и планинската заднина.“ – велат архитектите.

Конструктивна елеганција

Објектите се изведени како челични рамковни конструкции анкерисани на армирано-бетонски постаменти. Конструктивниот систем се состои од низа челични рамки меѓусебно поврзани со хоризонтални и коси укрутувања.

Постаментите од армиран бетон, фундирани со лентовидни темели до носивиот терен, служат како носива основа и прицврстувач на челичната конструкција. Применетото конструктивно решение овозможило паралелен развој на неколку фази од изградбата – истовремено изведување на груби градежни работи на ископ, армирање и бетонирање на темелите и постаментите на терен и изработка на челичната конструкција во работилницата.

Ваков начин на организирање на работите изискувал висок степен на прецизност во проектирањето и префабрикацијата, како и внимателна координација помеѓу тимовите на терен и во производството. Сепак, токму овој пристап овозможил значително пократко време на изведување и поголема ефикасност на изградбата, а воедно го зачувал квалитетот и точноста на конечната монтажа.

Спа-центарот е реализиран во систем од вкопани армирано-бетонски периметарски ѕидови, со дупла темелна плоча што овозможува непречено поминување на инсталациите. Кровот на зградата е изведен како бетонска плоча со дебелина од 30 сантиметри, на која е формиран зелен рамен кров и поставена соларна фарма.

Нов туристички рапер

Преку внимателно осмислена архитектонска композиција, избалансиран однос кон пејзажот и доследно спроведена современа естетика, овој комплекс на брегот на Дрина покажува како современиот туризам може да функционира во хармоничен дијалог со природата. Комбинацијата од јасно артикулирани волумени, рационална конструкција и суптилно обликуван екстериер резултира со мирен, но препознатлив архитектонски идентитет кој го почитува карактерот на локацијата, а воедно носи нови квалитети на престојување во природен амбиент.

Проектот на студиото Architehna демонстрира дека доследен и современ пристап не е секогаш во доминантната форма или гест, туку во способноста да се организира просторот на в начин што е функционален, хуман и навистина поврзан со околината. Оваа апартманска населба може да послужи како референца за идните архитектонски проекти покрај Дрина – како пример за функционално организиран и внимателно проектиран комплекс кој подеднакво ја цени природата, корисниците и архитектонскиот израз.

Испрати коментар

Scroll To Top