Насловна / Архитектура / Иван Штраус: Означил една епоха во архитектурата на Балканот и почетокот на употребата на бетон во новата ера

Иван Штраус: Означил една епоха во архитектурата на Балканот и почетокот на употребата на бетон во новата ера

Иван Штраус е роден на 24 јули 1928 година во Кремина, Ужице во Србија, а починал на 24 август 2018 година во Сараево. Неговиот татко бил Словенец, а мајка му од Херцеговина. Архитектонските студии ги започнал во Загреб во 1947 година, а дипломирал во 1958 година на Техничкиот факултет во Сараево. Ги завршил студиите по 11 години, во кои ја победил туберкулозата и заработувал пари работејќи разни работи, вклучително и составување крстозборки во весникот „Ослободување“. Една година бил асистент на професорот Јахиел Финци, а дипломирал под менторство на професор Мухамед Кадиќ.

Архитект Иван Штраус (1928-2018)

Кариерата како проектант ја започнал уште како студент, од 1952 година почнал да учествува на конкурси за архитектура. Оттогаш има освоено триесетина водечки награди на југословенски натпревари, и на два меѓународни архитектонски конкурси. Тој реализирал голем број објекти, од кои некои биле базирани на наградувани натпревари за идеи.

Како архитект му е доделена Наградата 6 Април на градот Сараево во 1965 година, Наградата 27 Јули на Босна и Херцеговина за неговото архитектонско дело, во 1978 година и Сојузната награда (Борба) во 1990 година за изградбата на Музејот за воздухопловство во Белград. Во 1984 година е избран за член на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Во 2012 година стана странски член на Српската академија на науките и уметностите.

Неговото архитектонско дело е претставено на самостојни изложби во Сараево, Белград, Љубљана, Скопје и Загреб. Во текот на 1973 и 1974 година ја претставил својата самостојна архитектонска изложба во Сараево, Белград и Загреб, а во 1986 и 1987 година ретроспективната архитектонска изложба во Сараево, Скопје, Белград, Љубљана и Нови Сад. Бил учесник на колективни архитектонски изложби во Њујорк како дел од изложбата (Југословенска архитектура 1977-1984), 11 истакнати архитекти на Југославија во Белград и (Архитекти академици на Босна и Херцеговина) во Сараево, Загреб и Будимпешта.

Активен во периодот на политичка стабилност и економски раст, неговите дела го следат стилот на модернизмот на Социјалистичка Југославија, кој беше многу поотворен од архитектурата на Источниот блок и поблизок до стиловите што се користат во Западна Европа. Благодарение на (Холидеј Ин), тој бил примен во Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина, а за член бил предложен од Мухамед Кадиќ и од Хусреф Реџиќ, академици и професори по архитектура. Во Српската академија на науките и уметностите бил примен за Музејот на воздухопловството во Белград, чиј концепт го презентирал уште во 1969 година.

Хотел Холидеј Ин во Сараево, 1983

По драматичниот распад на Југославија за време на војната во Босна и Херцеговина, некои од делата на Штраус биле уништени, како што е Олимпискиот прес-центар на Бјелашница изграден во 1983 година. Други негови дела се хотелот Осмине во Слана во близина на Дубровник (1972), Домот на армијата во Дервента (1977), хотелот Оногост во Никшиќ (1982), Католичката црква во Зовик во близина на Брчко (1996), капелата во Манастирот Свети Анте во Сараево (1996), редизајнот на фасадата на зградата на Министерството на Босна и Херцеговина со Т. Најдхарт (2006), Католичката црква во Добриња, Сараево (2010).

хотелот Осмине во Слана, близина на Дубровник (1972)

Во периодот 1991-1992 година, Штраус го водел својот воен дневник. Тоа бил првиот дневник во неговиот живот. Во него се испреплетуваат мисли за животот, ужасите од реалноста на војната, животот во поранешната заедничка држава, нејзините проекти и судбината на зградите во градот. Во своите размислувања за архитектурата, тој го изградил својот интимен свет во кој се криел од ужасите на уништувањето, сосема спротивно на природата на архитектурата којашто гради и обликува.

Музеј на воздухопловството, Белград, 1989

Дневникот бил објавен под наслов „Архитект и варвари“ во 1995 година. Во својот дневник, датиран на 7 јуни 1992 година, Штраус напишал: „Вечерва, варвари запалија една од двете стаклени кули на Деловниот центар УНИС во населбата Мариин Двор во Сараево. И двете беа веќе добро смачкани, но сега едeн од близначките гори. Го гледав со огромна тага, толку беспомошен, во пламенот што излегуваше од прозорците, додека низ мислите ми минуваа деновите на неговата изградба и мојата гордост на нив. Го поминав остатокот од ноќта во подрумот, буден и немирен, испружен на грб на импровизиран кревет, гледајќи ја играта на црните парчиња пајажина и нивните сенки на испуканиот бел таван, броејќи ги летвичките околу мене и растојанието меѓу нив“.

Кули Унис во Сараево, 1986

На 1 септември 1991 година, архитект и академик Иван Штраус, добитник на Наградата шести април и на бројни други важни награди, проектант на многу згради во поранешна Југославија и во светот, се пензионирал и живеел со пензија од само 200 евра. Сепак, Штраус, и покрај сè, велел дека никогаш не би го заменил Сараево. Кога го прашале што би било ако денес би бил млад архитект, Иван Штраус рекол: „Дури и не сакам да размислувам за таква можност или за ситуацијата во која работат младите архитекти денес. Јас си ја завршив работата и задоволен сум од она што го постигнав, повеќе од тоа можеби и не е здраво“. Иван Штраус почина на 24.8.2018 година, на 90-годишна возраст, погребан е четири дена подоцна, на 28 август на гробиштата во Сараево, без присуство на Владата во Босна и Херцеговина и на ниту еден нејзин претставник.

Црква Св. Фрањо во Добриња, Сараево, 1999

Иван Штраус сигурно означил една епоха во архитектурата на Балканот и почетокот на употребата на бетон во новата ера. По неговата смрт, се појавија неколку статии во кои колеги, пријатели и студенти се збогуваа со великанот на архитектурата. „Кога ќе умре старец во пустина, како да си запалил библиотека, исчезнува сето тоа, денес модерно наречено  ‘know-who’! Токму со заминувањето на професорот, се затвора една епоха, која сигурно е најафирмативна за овие простори. Ќе биде потребна поголема историска дистанца за да се разбере тоа. Затоа мислам дека архитектот Иван Штраус не е само сведок, туку и апостол на таа епоха“, рече Амир Вук Зец, за Иван Штраус во текстот во кој се збогува со својот колега.

Зграда на Електростопанство во Сараево, 1978

Градоначалникот на Сараево, Абдула Скака, на социјалните мрежи се потсети на некои од нaјимпресивните бисери што академик Штраус му ги подарил на главниот град на Босна и Херцеговина, меѓу кои се хотелот Холидеј Ин и кулите УНИС, кои станаа симболи на градот на Миљацка. „Академик Штраус беше еден од најистакнатите архитекти во регионот, а со неговото заминување, Сараево изгуби голем човек. Имав чест да соработувам со академик Штраус на проектот за реновирање на Олимпискиот музеј. Неговиот придонес, совети и експертиза беа непроценливи за овој историски потфат. Секој момент со него беше нова вредност. За нас помладите, неговата енергија, професионализам, стремеж кон совршенство и љубов кон Сараево се водич за иднината. Ви благодарам, драг Иван, за сè. Нека Ви е лесна земјата Босна“, напиша еден од неговите соработници на Фејсбук.

Проектант на значајни верски објекти: 

  • 1988 – Џамија во Оран – меѓународен натпревар
  • 1987 – Парохиската црква во Зовиќ кај Брчко
  • 1999 – Црква Св. Фрањо во Добриња, Сараево
  • 2001 – Црква на безгрешното зачнување во Дубрава
  • 2008 – Црква Свети Анти Петриќевац во Бања Лука
  • 2010 – Парохиска црква и парохиски дом во Добриња, Сараево

Награди на конкурси во Југославија и Босна и Херцеговина:

  • 1962 – Хотел House of Press и City, Сараево, Босна и Херцеговина како втор, Здравко Ковачевиќ, прва награда.
  • 1969 – Музеј на воздухопловството, Белград, прва награда
  • 1974 – Библиотека и детски театар, Бања Лука, Босна и Херцеговина, прва награда
  • 1977 – Дом на Армија, Дервента, Босна и Херцеговина, прва награда
  • 1982 – Хотел Оногошт, Никшиќ, Црна Гора како втор, Тихомир Штраус, прва награда
  • 2000 – Парохиска црква во Дубрава, Тузла, прва награда
  • 2000 – Парохиска црква во Подмилачје, Јајце, Босна и Херцеговина, прва награда

Награди на меѓународни архитектонски конкурси:

  • 1964 – Главна пошта и Министерство за телекомуникации, Адис Абеба, Етиопија (со Здравко Ковачевиќ) – 1. место
  • 1973 – Национална опера во Софија, Бугарија (со Халид Мухасиловиќ) – 1. место
  • 1987 – Големата џамија во Оран, Алжир (со Халид Мухасиловиќ) – 1. место

Позначајни објекти:

  • 1965 – Босански културен центар „Ѓуро Ѓаковиќ“
  • 1969 – Главна пошта, Министерство за телекомуникации и Империјален одбор за телекомуникации во Адис Абеба
  • 1978 – Зграда на Електростопанство на Босна и Херцеговина, во Сараево
  • 1983 – Хотел Холидеј Ин во Сараево1986 – Кули Унис во Сараево (Обединета инвестициска и трговска компанија)
  • 1989 – Музеј на воздухопловството (Белград), награден во 1990 година со Федералната награда БОРБА за најдобро архитектонско достигнување во Југославија

Објавил серија научни книги и статии за архитектурата: 

  • 1977 –  Нова архитектура на Босна и Херцеговина
  • 1987 – Архитектурата на дваесеттиот век во изданието на Уметност во Југославија
  • 1987-  15 години босанско-херцеговска архитектура
  • 1990-1991 – Архитектурата на Југославија 1945-1990
  • 1995 –  Архитектот и варварите, мемоари, објавени на босански и на француски јазик
  • 1998 – Архитектура на Босна и Херцеговина 1945 – 1995
  • 2002 –  Иван Штраус, архитект 52-02, ANUBiH
  • 2010 –  99 архитекти на Сараевскиот круг 1930-1990

Автор: Проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top