Сместен во градот Fengcheng на околу 30 километри од центарот на Шангај, проектот Joyful Community на бирото GN Architects ја редефинира типологијата на живот на пензионерите во Кина. Зафаќајќи површина од 120.000 квадратни метри на поранешна индустриска локација, проектот ја трансформира областа во урбан центар со мешана намена, интегрирајќи станбени, медицински, културни и рекреативни програми. Наместо да создава изолирана заедница за стари лица, проектот го позиционира развојот како инклузивна средина за повеќе генерации, поттикнувајќи интеракција помеѓу жителите и соседството.
Во текот на изминатата деценија, Кина доживеа брз развој на приградските заедници за пензионери, кои често се карактеризираат со социјална изолација и распоред свртен кон внатре. Joyful Community реагира на овој тренд со тоа што предлага модел на интеграција наместо одвојување. Проектот го преобликува животот на старите лица како дел од поширок урбан екосистем, достапно и отворено „село“, наместо затворена енклава.

Оваа промена се одразила дури и во името: проектот се развил од Joyful Community до Joyful Village, усогласувајќи се со оперативниот концепт на урбана јавна служба, а не со управување базирано на заедницата. Архитектонскиот и планскиот пристап ја нагласуваат различноста и отвореноста, поттикнуајќи флексибилна употреба и споделени активности кај различни возрасни групи.

За да се поттикне поврзаноста, бирото GN Architects ја применило просторната стратегија „од внатре кон надвор“. Објектите во заедницата се организирани во конфигурација во облик на буквата Т, протегајќи се кон градот, а истовремено продирајќи во станбени кластери внатре. Оваа двојна ориентација ја максимизира и надворешната видливост и внатрешната пристапност, промовирајќи интеракција помеѓу посетителите и жителите.

Распоредот гарантира дека секој станбен кластер ја одржува независноста, а истовремено користи и заеднички содржини. Со текот на времето, границите помеѓу „јавните“ и „приватните“ области се проектирани да станат пофлуидни, овозможувајќи им на делови од локацијата постепено да се отворат кон пошироката заедница.

Генералниот план интегрира 22 независни архитектонски волумени, поврзани преку систем од издигнати и приземни патеки. Три различни циркуларни патеки, на активности, на интереси и на истражување, ги поврзуваат овие зони. Секоја служи и како просторен конектор и како социјален коридор, овозможувајќи движење, рекреација и неформални собирања.

Спортскиот комплекс на главниот урбан интерфејс делува како клучна јавна порта. Транспарентните коридори се протегаат низ неговите структури, создавајќи јамка на активности што визуелно и физички го поврзува објектот. Во рамките на централната област, стаклените коридори и балконските мостови формираат континуирана издигната патека меѓу 22-те градежни групи, додека покриените патеки на приземје се протегаат низ дворовите за да ја формираат јамката на истражување.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија