Овој стан на Тајван е опкружен со мочуришта што изумираат. Погледнете како потемни бои ја евоцирале блиската атмосфера.
Еколошките промени влијаат на светот околу нас и современото општество почна да презема дел од одговорноста, некои помалку, некои повеќе. Тоа прифаќање на одговорноста се рефлектира во наоѓањето решенија, а кога станува збор за уметност, станува збор за пренесување порака. Дел од таа уметност овој пат е ентериерот на еден интересен стан на Тајван.

Бескрајната сива боја што доминира во станот е разбиена со малубројни традиционални украси, но и со темноцрвен лустер. Обликот на овој лустер е инспириран од мостот Гуанду, заштитен знак на ова место.

Површината на станот е 270 квадратни метри, што на дизајнерите на ентериер од студиото Wei Yi International Design Associates им дало многу можности. Погледот се протега до устието на реката Тамсуи и планината Датун, која е дел од еден од најубавите национални паркови на Тајван. Моќта на природата што го опкружува влијаела врз уредувањето на овој простор. Шумата што се наоѓа над него е скапоцен резерват на мочуришни станишта.

Како што пренесува ArchDaily, преку промената на светлината и сенката во овој простор видлива е и дизајнерската вештина.
Просторот доживува различни промени во однос на тоа дали е утро, пладне или вечер, односно во зависност од тоа како сончевата светлина паѓа на подот и ѕидовите.

Внатре во овој простран стан има два ѕида кои се направени во техника која потсетува на извртување и сечење што се користи во индустријата за производство на хартија.
Дизајнерот на ентериер во овој простор ја користи својата креација за да укаже на некои културолошки елементи. Целиот изглед на станот е инспириран од желбата да се зачуваат мочуриштата кои се наоѓаат во непосредна близина. Материјалите што се користат за брановидни структури наликуваат на геолошките карактеристики на мочуришните шуми.

Линеарните и мрежните структури во станот се испреплетени, а визуелните промени што ги предизвикуваат им даваат на оние што престојуваат во овој стан магично чувство на движење во просторот.
Интересен детал кој се издвојува е тепих стар сто години од Узбекистан. Направен е од коноп и стои тука како дел од минатото.

Материјалите како бакар и железо суптилно додаваат разновидност во просторот и исто така ја разбиваат доминантната сива боја. Истото тоа го прави и употребата на дрво и камен.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија