Германските научници претставија иновативно решение кое би можело да го промени начинот на одржување на асфалтните патишта. Станува збор за паметна ткаенина со вградени сензори, осмислена да детектира оштетувања во длабоките слоеви на асфалт без потреба од дупчење или деструктивно тестирање.
Тим истражувачи од Институтот за истражување на дрво „Фраунхофер“ (Wilhelm-Klauditz-Institut – WKI) во соработка со проектот SenAD2 разви био-базирана ткаенина што содржи спроводливи жици.
Овој материјал се поставува директно во асфалтната подлога и ги мери напрегањата и деформациите во базниот слој. Собраните податоци се анализираат со помош на вештачка интелигенција за во реално време да се следи состојбата на патот.

Промените во структурата на патот влијаат на електричната отпорност на ткаенината, што овозможува континуирано собирање податоци за состојбата на коловозот. Интеракцијата на сензорите и алгоритмите за вештачка интелигенција треба да овозможи ефикасна проценка на состојбата на патната инфраструктура.
Традиционалните методи за одржување се потпираат на визуелна проценка на оштетувањата или инвазивни процедури за дупчење за анализа на подлабоките слоеви.
Ова често доведува до скапи и неефикасни поправки што го запираат сообраќајот и дополнително ја оштетуваат структурата на патот. Новата технологија овозможува следење на пошироки површини без физичко нарушување на патот.
Као што наведува Christina Haxter Fraunhofer WKI институтот, целта е да се овозможи долгорочно планирање и континуирано следење на промените во состојбата на патиштата, што би придонело за поефикасно управување со одржувањето.

Системот овозможува постојан увид во состојбата на асфалтот и го олеснува донесувањето одлуки за времето и местото на потребните поправки. Иако не го продолжува животниот век на патиштата, значително го подобрува мониторингот.
Паметната ткаенина е изработена од лен, природен и обновлив материјал, и е испреплетена со екстремно тенки спроводливи жици чиј дијаметар е помал од еден милиметар. Овие жици се интегрирани во ткаенината за време на самиот процес на ткаење, што ја зголемува отпорноста на поместување и лизгање за време на вградувањето.
Haxter објаснува дека материјалот е конструиран да ја издржи тежината на камионите и машините што се користат во градежништвото. Се произведува на специјализиран разбој и може да има ширина до 50 сантиметри и која било должина, што го прави погоден за широка употреба.

Откако ќе се вгради, сензорите на ткаенина собираат податоци што ги пренесуваат до единица покрај патот, каде што се складираат и анализираат. Потоа, софтверот со вештачка интелигенција ги толкува информациите, идентификува модели на оштетување и предвидува начин на кој патот ќе продолжи да се троши.
Сето ова се прикажува преку дигитална контролна табла, достапна не само за владини служби, туку и за компании, заедници и корисници на патот.
По успешното завршување на лабораториското тестирање, системот е поставен на рамен дел од патот во индустриска зона каде што се следи како се менува отпорот на сензорот под оптоварувањето на возила.
Оваа технологија претставува голем чекор кон попаметно, поодржливо и помалку инвазивно одржување на патиштата, а воедно значително ги намалува трошоците и прекините во сообраќајот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија