Проектот Casa TB5 на португалското студио се занимава со трансформација на заборавени делови од семејна куќа, внимателно зачувувајќи ја нејзината оригинална структура.
Замислен како одговор на желбата на сопствениците да ги ревитализираат долго запоставените простори, Casa TB5 е проект кој ги преиспитува границите помеѓу ентериерот и екстериерот.

Фокусот е ставен на активирање на градината, како и на ставање во употреба на долното ниво на куќата, кое претходно служело исклучиво како просторија за складирање.

Архитектите од студиото Constanta Design внеле нов живот во овој дом од првата половина на 20 век преку внимателни и промислени интервенции, потпирајќи се на специфичниот урбан контекст на лисабонската населба.

Градината како дел од дневната зона
Една од клучните интервенции била пренамена на две простории што се граничат со градината во нова дневна соба. Така, претходно недостапниот надворешен простор станал составен дел од секојдневниот живот на жителите на куќата.
Новата организација овозможува флуидна врска помеѓу ентериерот и екстериерот, во согласност со идејата дека куќата дише заедно со градината.

Користење на секој квадрат
Друг значаен предизвик се однесувал на долното ниво, кое претходно било достапно само преку еден вид капак во старата дневна соба.
За да се прилагоди просторот на современите потреби, пристапот е променет. Сега до овој кат се пристапува преку нови метални скали сместени во ходникот.
Долното ниво добива нова функција и станува целосно опремен дел од домот со дополнителна спална соба и работен простор.

Вредност на материјалите
Иако куќата е стара речиси еден век, поголемиот дел од ѕидовите се носиви и затоа просторните поделби не се променети. Наместо рушење, авторите на проектот се фокусираа на зачувување и реставрација на оригиналните елементи.

Дрвените подови, лајсните и вратите се реставрирани, додека декоративните плочки на долното ниво се зачувани во нивната автентична форма.
Дури и каменот од патеките во градината, типична португалска калдрма, е рециклиран и повторно употребен.

Спој на традиција и современост
Еден од впечатливите детали на ентериерот е употребата на рачно изработени плочки од лисабонскиот регион, кои се појавуваат и во ентериерот и во градината.

Овие плочки не само што ја симболизираат португалската занаетчиска традиција, туку и внесуваат визуелен континуитет помеѓу различните зони на домот.
Покрај нив, мермерот Лиоз, камен карактеристичен за лисабонското поднебје, користен е во неколку простории: во дневната соба, бањите и кујната. Ова создава уникатен естетски јазик што ги комбинира класичните и модерните елементи.

Да се задржи духот, а додаде функција
Casa TB5 е пример за тоа како, со промислен пристап, архитектурата може да ги зачува постојните вредности и истовремено да одговори на современите потреби.
Во овој случај, ова е постигнато преку внимателно зачувување на структурата, освежување на материјалите и, можеби најважното, повторно поврзување со градината која сега станува срце на семејниот живот.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија