Секој нов ден со тропски температури во летната сезона е се поголемо искушение за производството на електрична енергија и техничката стабилност на преносниот систем во регионот, како и стабилноста во однос на пазарот т.е цените. Југоисточна Европа минатата година мина низ една регионална енергетска криза, како и голема хаварија. Моментално најслабата точка е ниското ниво во акумулациите на хидроцентралите. Грција се подготвува да се заштити во случај на крах на некој од електроенергетските системи во соседството. Притоа, нивоата на вода во акумулациите во Грција никогаш не биле пониски во последните две децении. Ситуацијата не е подобра ниту во другите земји од регионот.

Преносниот оператор на Грција (IPTO) работи на сценарија и технички и други решенија за заштита од евентуален крах на соседните електроенергетски системи на Балканот и можен домино ефект, а во прв ред станува збор за Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора. IPTO се подготвува да ги прекине интерконекциите во случај на евентуална хаварија во соседството. Се разгледува и можноста за ограничување на уделот на обновливи извори во грчкиот систем како и зајакнување на уделот на капацитетите во резерва кој може да реагира на пореметувањата во системот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија