Насловна / Вести / Со приватизацијата бројот на вработените во најголемите градежни фирми значително се намали

Со приватизацијата бројот на вработените во најголемите градежни фирми значително се намали

Во периодот на Социјалистичка Република Македонија градежништвото заземаше значајна улога како индустриска гранка која придонесуваше кон бруто-националниот доход на СРМ и СФРЈ не само од проектите во земјата туку и, особено, од оние во странство.  Во овој период градежништвото во Републиката беше предводено од шесте најголеми градежни фирми тогаш (наредени по азбучен ред со максималниот број на вработени во заграда): Бетон (8.700), Гранит (8.500), Илинден (3.000), Маврово (9.200), Пелагонија (12.800) и Техника (2.300). Нивните пазари надвор од територијата на СФРЈ ги опфаќаа и овие региони:

  • Азиските земји: Казахстан.
  • Балканските земји: Албанија, Бугарија и Грција.
  • Западна Европа: Германија.
  • Земјите од Блискиот / Средниот Исток: Израел, Иран, Ирак, Либија, Кувајт и Сирија.
  • Источна Европа: Русија и Украина.
  • Медитеранските земји: Алжир, Либан и Либија.
  • Централна Европа: Австрија, Чешка и Словачка.

Ваквите состојби од минатото се во контраст со она што се случува сега, кога бројот на земји во коишто работи градежната оператива на Северна Македонија значително е намален, како и обемот на договорени и завршени работи. Така расположливите информации од Државниот завод за статитика укажуваат дека вредноста на извршените градежни работи во странство на фирмите од Северна Македонија во последните 20 години се имаат намалено од 3.895.312.000 денари (околу 63,2 милиони евра) во 2004 година на само 192.519.000 денари (околу 3,1 милион евра) во 2024 година.  Дополнително во периодот од јануари до март 2025 година градежната оператива од Северна Македонија извршила градежни работи во странство во вкупна вредност од околу 23 милиони денари (околу 378 илјади евра) и тоа во Германија, Чешка, Албанија и Данска, а договорила градежни работи во истите земји во вкупен износ од околу 58 милини денари (околу 945 илјади евра). Како резултат на ова извршените градежни работи во анализираниот период од 2025 година се за 55,8 проценти, а договорените градежни работи за 65,2 проценти помали од истиот период во 2024 година.  Дополнително, во периодот од јануари до март 2025 година веќе нема извршени или договорени работи во Бугарија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како што имало во истиот период минатата година.

Наспроти ова и како илустрација за обемот и големината на градежните работи на нашите градежници во странство во минатото можат да послужат и само овие три примери:

  • Министерството за нафта (1982-1989) во Багдад, Ирак, од ГП „Бетон“ – Скопје, со површина од 100.000 метри квадратни.
  • Комплекс за одмор – Запољарије (1981-1984) во Сочи, Русија – од ГРО „Маврово“-Скопје и „СОВСТРИМ“ – Москва, СССР, со површина од над 100.000 метри квадратни и
  • Административниот центар АРЕСЦО (20 ката) во Бејрут, Лубан, од ГП „Пелагонија“, а кој се смета за прв објект во Бејрут со челична конструкција.

Комплекс за одмор – Запољарије (1981-1984) во Сочи, Русија – од ГРО „Маврово“

Во времето на СФРЈ од политичко-економски аспект се практикуваше уникатен пристап на таканаречениот „пазарен социјализам“, каде елементи од пазарната економија беа искомбинирани со социјалистичките принципи и државното планирање, а најголемиот број фирми работеа како организации на здружен труд каде ефективно сите вработени во колективот беа сопственици на фирмата и преку свои претставници учествуваа и придонесуваа кон управувањето на истата. Низ својата историја и во обидите да балансира помеѓу Истокот и Западот, и да го промовира својот „трет пат“, СФРЈ преку учеството и придонесот кон основањето на движењето на Неврзаните земји, сепак успеала да постигне значително ниво на стопански развој и модернизација и покрај бројните предизвици и надворешни притисоци. За жал тогашниот систем се покажа недоволно самоодржлив за да може да се справи со глобалните економски промени од 1980-тите години и политичките тензии во земјата, особено по смртта на претседателот Јоспип Броз-Тито во 1980 година, коишто конечно доведоа до распаѓање на земјата во раните 1990-ти години.

Неутралноста и членството на СФРЈ во движењето на Неврзаните земји (1961-1991/1992) веројатно одиграа голема улога за стопанскиот развој, со оглед дека дозволуваа земјата да тргува не само со земјите на двата светски блока (НАТО и Варшавскиот) туку и со Неврзаните земји. Дополнително промените од доцните 1960-ти години дозволуваа странски компании да влезат во југословенските работни организации со удел од најмногу 49 проценти.  Ова овозможуваше и западни технологии преку југословенските фирми да се извезуваат на Исток и слично. Се разбира, внатрешните и надворешните предизвици, нафтената криза од 1970-тите година, далечината до пазарите на Неврзаните земји и зависноста од кредити и капитал од високоразвиените земји придонесоа земјата постојано да се соочува со трговски дефицит кој со времето значително се зголеми и го достигна својот врв околу 1980-тите години.

Со официјалното овозможување на легалната емиграција кон средината на 1960-тите години дел од населението на земјата замина на работа во странство, особено во Западна Германија, преку што дијаспората со своите дознаки во земјата стана еден од главните носители на девизни средства.  Подоцна овој број беше значително зголемен и преку вработените во југословенските фирми коишто работеа во странство. И покрај нивните значителни придонеси, стопанството на Југославија не можеше да се справи со растечкиот надворешниот долг кој во 1987 година достигна вредност од скоро 22 милијарди долари.

Ова значително дојде до израз во 1980-тите години кога покрај надворешниот долг, земјата се соочуваше и со последиците од глобалната економска криза, за кон крајот на 1989 година Југославија да се соочи и со годишна стапка на инфлација од 1.000 проценти.  Едноставно кажано, тековните сметки и штедните книшки на коишто имаше и по неколку месечни плати по одреден период беа затворани од страна на банките затоа што по деноминацијата на динарот на истите веќе не останале никакви средства. Платите почнаа да се исплаќаат и два пати во месецот во готово и честопати во комбинација со „слободно време“ по примањето на платата за да се купи сè што може да се купи тој ден, затоа што следниот ден заради инфлацијата ќе може да се купи помалку.  Веројатно како илустрација за состојбите може да послужи телевизискиот скеч во кој беше прикажана измислена случка на салон за автомобили во Белград каде потенцијалниот купувач на автомобил прашува колку чини истиот, а продавачот му покажува на дигитално броило кое постојано се врти и ја зголемува цената на автомобилот во согласност со инфлацијата.

Административниот центар АРЕСЦО во Бејрут, Лубан, од ГП „Пелагонија“

Во овој период фирмите се сочуваа и со значителни проблеми со наплатата не само на меѓусебните долгови, туку и за извршените работи во земјата и странство. Од погореприкажаната листа на региони во коишто градежната оператива од земјата работела во минатото, повеќето се имаат соочено со помали или со поголеми проблеми во изминатиот период.  Исто така, кон крајот на 1980-тите години дел од наплатата не одеше во пари туку во натура, на пример железничка цистерна со нафта и железнички вагон со ориз за проект на објект во странство или слично. А потоа, директорите на работните организации требаше да најдат кому можат да му ги препродадат овие производи за да можат да ги исплатат платите и да платат за тековните трошоци на работењето.

Обидите да се преструктуира долгот на Југославија преку западните земји и меѓународните финансиски институции во текот на 1980-тите години дојдоа со значителни предуслови како на пример демократизација, економска либерализација, воведување на пазарна економија и приватизација, преку напуштање на дотогашниот концепт на организации на здружен труд.  Во времето на подемот на неолиберализмот тие вообичаено значеа ситнење, отпуштања, одземање на средствата, намалување на трошоците на работење, на работничките права, на социјалната и здравствената заштита, на трошоците на државата и сл.  Во теорија, периодот на трансформација на капиталот и неминовното страдање на населението требаше да послужи за подолгорочно зајакнување на економската моќ на деловните субјекти преку нивна рекапитализација и поголемо ново на економска стабилност, од што ќе произлезе и идниот просперитет во земјата.  Иако ова можеби подобро функционираше во други средини, ова веројатно не се случи до оригинално посакуваниот степен во земјата.  Главно до рекапитализација и свеж прилив на капитал дојде само во одредени стратегиски сектори како електростопанството, телекомуникациите и слични главно преку купување на истите од странски фирми. За разлика од нив повеќето други работни организации се приватизираа, но без да ги почувствуваат најавуваните и очекуваните придобивки од процесот, барем не за повеќето претходни работници косопственици.

Официјално, приватизацијата започна во 1990 година, но само една година подоцна започна и распаѓањето на Југославија.  Гледано од денешен аспект, очекувањата дека ќе дојде до рекапитализација на фирмите во услови на блокирани девизни сметки на граѓаните и непримени плати со месеци беа наполно нереални. Првин фирмите нудеа доброволно заминување од работа во комбинација со исплаќање на одредена отпремнина. Следните чекори беа задолжителни отпуштања.

Како резултат на овие процеси, по трансформацијата и приватизацијата до преминот од 2000 на 2001 година бројот на вработените (во заграда) во шесте најголеми градежни фирми значително бил намален: „Бетон“ (2.300), „Гранит“ (3.600), „Илинден“ (565), „Маврово“ (4.051), „Пелагонија“ (3.600) и „Техника“ (600), а денес од овие шест фирми во 2025 година опстојува само една – „Гранит“. Најголемиот број од овие фирми официјално се приватизираа во 1996 година, на кој начин и кој ги приватизираше е друга и многу обемна тема.

Веројатно може да се постави прашањето дали странски фирми воопшто имаа интерес да ги купат и да вложат капитал во овие најголеми градежни фирми од минатото.  Бруталнот одговор е, веројатно не.  Целосното и делумното пропаѓање на овие фирми не само што овозможи „природно“ намалување на конкуренцијата од овие фирми не само на светскиот пазар, туку и на домашниот (значи отвори нови пазари за странските фирми), и создаде значителен извор на евтина работна рака, од која дел замина и во западните земји и со своето вработување за помали плати од вообичаените придонесе за намалување на цената на работната сила во овие земји. Податоците за обемот на извршени градежни работи и на склучени договори за градежни работи на градежните фирми од Северна Македонија во првото тромесечје на 2025 година најдобро ги отсликуваат овие состојби, заедно со тоа кои сè фирми од странство работат на капиталните проекти во земјата, при што градежните фирми од Северна Македонија евентуално се јавуваат само како подизведувачи.

Според податоците на Стопанската комора на Северна Македонија, во 2020 година  83,51 проценти од сите деловни субјекти во градежништвото во 2020 година биле во микропретпријатија со 1 до 9 вработени, а само 0,2 проценти во големи компании со над 250 вработени.  Со ваква намалена структура нереално е да се очекува дека фирмите од Северна Македонија имаат капацитет за поголеми проекти, и тоа не само во странство, туку и во земјата.

Она што се случуваше во изминатите 35-години во земјата може да се смета дека не помина и без други потенцијално значителни последици.  Веројатно една од најголемите е онаа поврзана со намалувањето на можностите за интергенерацискиот пренос на знаења.  Во минатото, во големите градежни и проектантски фирми постоеја механизми за пренос на знаењата од една на друга генерација, вклучително со можности за постепено стручно надградување во рамките на организацијата под менторство на поискусните колеги.  За жал вакво нешто не е можно во фирми со по неколку вработени.  Дополнително со отпуштањата од работа во минатото најчесто беа опфатени повозрасните и поискусните вработени (што значи веќе формиран и стручен кадар), со што дополнително се придонесе кон намалување на стручниот капацитет и потенцијал на преостанатите претпријатија. Во меѓувреме компаниите не успеаа да создадат нов кадар, (очекуваат веќе создаден, како оној што го наследија, но тие луѓе остареа), а и да го платат соодветно, па така денес се жалат дека немало луѓе за работа, а можеби и нема кој да ги плати.

Министерството за нафта (1982-1989) во Багдад, Ирак, од ГП „Бетон“

По неодамнешното (22.5.2025) потпишување на Договорот за партнерство помеѓу Велика Британија и Северна Македонија во дел од локалните медиуми („Независен“ и „Република“) беше пренесена и поширока верзија од изјавата на вицепремиерот Александар Николоски. Во истата тој става акцент на можностите коишто ќе произлезат од Договорот за обучување на локалните кадри во иднина, и истакнува …„На Македонија ѝ фалат добро обучени кадри со искуство. За жал заради годините на девастација би рекол и децениите, во Македонија градежниот сектор скоро и да колабираше, голем број на фирми банкротираат и јас се надевам дека со ова ќе ги внесеме во фаза каде повторно ќе бидат меѓународно конкурентни како што беа во претходните времиња и затоа овој аспект за пренесувања на знаења е многу значаен“.

Се разбира можностите за обучување на кадрите во земјата од искусни партнери од една од најразвиените земји во светот е за поздравување, но неминовно може да се постави прашањето зашто последователните влади во Северна Македонија барем не се обидоа да ги сочуваат постоечките колку можат. Барањето одговор сега веројатно е непримерно, но можеби во втората половина на овој век ќе почнат да се наѕираат одговорите на ова прашање, во смисла на тоа дали не можеа, не сакаа или не смееја? Во локалните медиуми сè уште се слушаат веројатно контроверзни изјави дека работите во земјата наводно нема да тргнат на подобро сè додека уште постојат лица коишто работеле или израснале во претходниот систем!?

Во надеж дека текстот ќе ги потсети повозрасните генерации и ќе ги информира помладите генерации за минатото, коешто помогнало да се изгради земјата во која живееме.

Испрати коментар

Scroll To Top