Египет е повторно во фокусот на големи инфраструктурни планови, откако министерот за транспорт и вицепремиер Камел Ал-Вазир најави дека проектирањето на мостот што би ја поврзал оваа земја со Саудиска Арабија е завршено и дека иреализацијата е подготвена да започне во секој момент. Во изјава за агенцијата Ројтерс, Ал-Вазир нагласи дека се исполнети техничките услови за изведување на проектот, без разлика дали се работи за мост или тунел.

Мост што поврзува два континента
Планираниот инфраструктурен зафат вклучува поврзување на африканскиот и азискиот континент. Точките на спојување ќе бидат Рас Алшеик Хамид на саудиска страна и египетскиот туристички центар Шарм ел-Шеик, со островот Тиран како меѓустаница.
Мостот е замислен како брза железница наменета за транспорт на товар преку Тиранскиот теснец. Ваквиот инфраструктурен проект има потенцијал значително да ги подобри трговските и туристичките текови меѓу двете земји, како и поширокиот регион, со цел да се воспостават подиректни и поефикасни копнени врски меѓу Африка и Азија.
Идејата за изградба на мост датира уште од 2016 година, кога кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз Ал Сауд, првпат го претстави овој амбициозен план. Тогаш, тој изјави дека поврзувањето на континентите би претставувало историски чекор што би можел да доведе до значително зголемување на трговската размена.

Проект вреден милијарди долари
Се проценува дека вкупната вредност на проектот ќе достигне околу четири милијарди долари, а финансирањето целосно ќе го обезбеди Саудиска Арабија. Мостот се гледа како дел од поширок развоен контекст – ќе го надополни мегапроектот Неом, кој се гради на саудискиот брег на Црвеното Море.
Еколошки предизвици и амбициозни цели
И покрај големиот ентузијазам околу изградбата на мостот, проектот се соочува со критики од еколошките групи кои предупредуваат на можни трајни последици за чувствителниот екосистем на Црвеното Море.
Еден од најважните еколошки предизвици се однесува на Тиранскиот теснец, кој е познат по своите богати корални гребени, разновиден морски свет, а е и живеалиште за морски желки и птици.

Затоа организациите за заштита на природата ги повикаа властите на двете земји да спроведат детални проценки на влијанието врз животната средина пред да започнат со изградбата.
Како одговор на овие загрижености, саудиските планери ветија дека ќе ги применат принципите на одржлива градба во сите фази од проектот и ќе дадат приоритет на заштитата на природните живеалишта во текот на целиот животен циклус на мостот.

Изградба во тешки услови
Иако сè уште не е објавен официјален датум за почеток на работите, проценките на саудиските власти покажуваат дека изградбата би можела да трае и до осум години. Инженерските тимови ќе се соочат со бројни предизвици, особено поради сложениот морски релјеф и високите барања за заштита на животната средина.
Кралот Абдулазиз истакнува дека инженерските предизвици се значителни, со оглед на сеизмичката активност во регионот, богатството на подводниот екосистем и потребата да се обезбеди долгорочна стабилност на конструкцијата. Поради овие причини, ќе биде неопходно да се проектираат и имплементираат врвни технички решенија.
Сепак, двете страни остануваат посветени на реализацијата на овој потфат, верувајќи дека мостот, честопати наречен „Мојсиев мост“, е повеќе од само инфраструктурен објект. Тој ја симболизира амбицијата за подлабока економска, туристичка и политичка соработка во регионот на Блискиот Исток.
Според експертите, доколку биде завршен, мостот ќе се рангира меѓу најдолгите поморски мостови во светот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија