Волумени со едноводни кровови организирани се во композиција на Музејот Лах, музеј на современа уметност што британското студио David Chipperfield Architects го проектира покрај езерото Блед во Словенија, а отворањето е планирано за летото 2026 година.

Објектот со површина од 5.000 квадратни метри се гради со цел да стане простор каде што за прв пат ќе биде претставена уметничката колекција на швајцарската непрофитна организација Фондација Лах. Музејот Лах е нарачан од словенечките филантропи Игор и Мојца Лах, основачи на фондацијата.

Музеј поврзан со ридестиот амбиент
Како што објаснија од David Chipperfield Architects за Dezeen, проектот на Музејот Лах црпи инспирација од „локацијата на музејот во прекрасната природа во близина на Бледскиот замок“.
„Различните волумени на зградата се обединети со низа коси кровови покриени со ќерамиди, кои го поврзуваат музејот со ридестиот амбиент. Зградата е дефинирана со низа простории, дворови и тераси кои не само што создаваат идеалн амбиент за колекцијата, туку и му даваат на посетителот силно чувство на поврзаност со околниот пејзаж“, вели основачот на студиото, Дејвид Чиперфилд.

Архитектот Чиперфилд, лауреат на наградата Прицкер за 2023 година, истакна дека со нетрпение очекува музејот да стане важна културна локација со содржини значајни за целиот регион, и дека тоа ќе биде уште една причина луѓето да го посетат овој прекрасен град.
Во идниот Музеј Лах ќе бидат изложени повеќе од 800 уметнички дела, како од меѓународни, така и словенечки уметници, создадени во периодот од 1945 година до денес.

Покрај што се прилагодувал кон пејзажот, проектот на David Chipperfield Architects е воден и од димензиите и техничките барања на уметничките дела од колекцијата.
Скалестиот кровен пејзаж овозможува максимално природно осветлување од северната страна во галериите, додека пространиот распоред на волумените овозможува оптимална циркулација на посетителите.

Градина на скулптури сместена зад зградата
На веб-страницата на лондонското студио се откриени и неколку визуелни прикази од ентериерот, се наведува дека музејот ќе вклучува и библиотека, истражувачки центар и флексибилни галериски простори.

Покрај тоа, планирани се ресторан, малопродажен простор и низ надворешни амбиенти кои се „интегрирани во формата на зградата“. Меѓу надворешните содржини ќе биде и градина со скулптури сместена зад објектот.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија