Реномираното архитектонско биро Zaha Hadid Architects ја започна изградбата на својата прва зграда од ќерпич, музеј наречен Asaan, сместен во историскиот кварт Ат-Тураиф во Дирија, предградие на Ријад и локалитет под заштита на УНЕСКО.

Оваа модерна институција ќе биде сместена во средина која зрачи со традиционална архитектура наџди и градби од тули и кал. Восогласност со тоа, музејот ќе биде направен од ќерпич – комбинација од земја, вода и органски материјали како слама.
Asaan ќе биде првиот проект на ова биро во кој ќе се применува овој пристап на градба.

Проектантите истакнуваат дека дебелите ѕидови со ниска содржина на јаглерод ќе обезбедат добра топлинска изолација и пријатна внатрешна температура со значително помала потрошувачка на енергија за ладење, што е клучно во пустински услови.
Музејот, кој се реализира со поддршка на Фондацијата Миск, иницијатива на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, ќе има повеќекратни функции: ќе биде домаќин на изложби, работилници и културни настани, а ќе биде опремен и со лаборатории за конзервација и реставрација на археолошки наоди.

Според архитектите, тие барале инспирација за проектот во околната архитектура. Објектот ќе има три ката и ќе биде организирана околу три централни дворови, што е препознатлив елемент на традиционалната градба на ова подрачје.
Дворовите ќе служат како заштитени простори за образовни и административни објекти, обезбедувајќи засолниште од суровите климатски услови.

Со завршувањето на изградбата, музејот Asaan тежи да стане културна врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината, промовирајќи го саудиското наследство кај домашните и странските посетители. Директорот на музејот, Халед Ал-Сакер, истакна дека целта е да се зајакне колективниот идентитет и да се сподели богатата културна историја на земјата со светот преку привлечна и импресивна содржина.
Дирија, лулката на модерна Саудиска Арабија, е основана во 15 век, а подоцна станала седиште на првата саудиска држава. Денес е место на интензивни урбани трансформации, вклучувајќи проекти за Светското првенство во фудбал во 2034 година.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија