Насловна / Вести / Урбаните стресори и нивното влијание врз човековата благосостојба

Урбаните стресори и нивното влијание врз човековата благосостојба

Градовите, како епицентрална лулка на културата и на економијата, често заслепуваат со својата импозантност, историја и ритам. Неретко заслепени од бесконечните можности на структуралниот конгломерат, урбаните корисници, па и градоградителите неретко го занемаруваат психопросторниот стрес, кој истиот им го создава, загрозувајќи ја благосостојбата и директно влијаејќи на долготрајноста и на квалитетот на нивното секојдневие.

Особено во централните урбани четврти, каде што густината, метежот, бучавата и загадениот воздух се сретнуваат, непропорционалниот однос на полно-празно во градскиот наратив, од пријатно место за битисување се трансформира во непресушен извор на хроничен стрес, емоционално и социјално отуѓување, летаргија и колективен замор. Нашето урбано искуство не е обликувано единствено од естетиката на она што физички нè опкружува, туку и значително од шемите на однесување и од емоциите кои истото ги предизвикува кај секој од нас.

Print

Но, колку е овој аспект навистина важен? Сметам дека одговорот, сепак лежи во интердисциплинарниот пристап помеѓу енвиронменталната психологија и урбаната теорија која има за цел да ги разоткрие начините на комуникација помеѓу просторните средини, човековото однесување и појавата на различен спектар на ментални состојби кои настануваат како последица. Дека просторот не е само детерминирана заднина, туку активен учесник во човечкото искуство, ќе потврдат и Даниел Стоколс, Ричард Лазарус и Џером Сингер, научници кои целиот свој живот го посветуваат на подигање на свеста за важноста од унапредување на средината која нè опкружува. Ако појдеме од тезата дека градовите се огледален приказ на историјата, културата и визијата на една нација, тогаш слободно може да кажеме дека инфраструктурната поврзаност е во нераскинлива симбиоза со нашите мозочни виуги, суптилно обликувајќи и диктирајќи го ритамот на тоа како се чувствуваме, поврзуваме и функционираме. Но што ако тој ритам е неправилен, ни предизвикува хронична главоболка и го отежнува нашето оптимално живеење?

Дизбалансот кој неретко го чувстуваме внатрешно, во голема мера е резултат на урбаните стресори во градската структура, кои се појавуаат предизвикани од примена на несоодветни урбани практики, и урбано зонирање. Поради обемноста и неретко неможноста овие влијанија да се докажат, често стручните лица овие здравствени состојби ги препишуваат на индивидуалната негрижа, фокусирајќи се на третман на последиците наместо на преземање системско-планерски решенија кои долготрајно ќе го подобрат квалитетот на животниот стандард, наместо да го еродираат.

  1. Загадување со бучава: Тиранијата на аудитивниот стрес

Акустичкото загадување сè почесто се препознава како критичен урбанистички предизвик, особено во густо населени и функционално преоптоварени централни зони. Бучавата, генерирана од главните сообраќајни артерии, градежни активности, индустриски капацитети и од аудитивно агресивна комерцијализација, доведува до нарушување на когнитивните процеси, зголемена психофизиолошка вознемиреност и намалена урбана благосостојба. Според семинарското истражување на Глас и на Сингер, перзистентната изложеност на високи нивоа на бучава резултира со намалена когнитивна ефикасност и со нарушена ориентација, додека моделот на Стоколс за преоптоварување на животната средина дополнително ги елаборира ефектите од акустичната и од визуелната пренатрупаност врз урбаните жители. Недостатокот на акустички буфер-зони, нефункционалното зонирање и неинтегрираната регулација на бучавата ја компромитираат ефективноста на урбанистичкото планирање.

Спротивно на тоа, урбаните интервенции како густо зеленило, архитектонски решенија за звучна изолација и внимателно зонирање претставуваат применливи методи за редуцирање на негативните акустички влијанија. Оттука, интегриран пристап, заснован на акустички анализи, е предуслов за одржливо планирање, каде тишината не се третира како луксуз, туку како основно човеково право.

Извор: Прекумерна концентрација на сигнали, ЛЕД-реклами, хаотично архитектонско и урбано раслојување на градската матрица како резултат на вмрежување на некомпатибилни намени.

Урбанистичко влијание: Лошото зонирање и автоцентричното планирање го засилуваат аудиостресот. Градовите кои не ги заштитуваат зоните за домување со зелени појаси, ги влошуваат резултатите по јавното здравје.

Болести предизвикани од изложеност на бучава: кардиоваскуларни нарушувања, нарушувања на сонот, когнитивно доцнење кај децата, депресија и замор.

Урбани стратегии за намалување на ефектите од бучавата:

  • Звучно уредување на јавни површини
  • Уредување на оптимален минимум на зелени заштитни појаси околу зони за домување и околу индустриски капацитети
  • Ограничување на сообраќајот во станбените зони и нивно трансформирање во зони за мирен сообраќај
  • Промовирање на јавен превоз со низок шум (трамваи, електрични автобуси)
  1. Визуелен неред: Престимулирани улични пејзажи и сензорно преоптоварување

Сè повеќе се наметнува потребата урбаното планирање да го препознае визуелниот ред како предуслов за ментално здравје и за просторно ориентирање. Скопје, како специфичен пример на визуелна презаситеност, го отсликува ефектот од дисконтинуирано и симболички оптоварено обликување на централното градско ткиво. Контрастите меѓу неокласични фасади залепени на модернистички згради, псевдобарокни споменици и агресивна комерцијална сигнализација создаваат сензорен хаос што директно влијае врз психичката состојба на жителите.

Согласно со теоријата на Стоколс за преоптоварување на животната средина, ваквата естетска какофонија го отежнува препознавањето на просторни шаблони, ја намалува когнитивната ефикасност и води кон раздразливост и кон ментален замор. Урбаната средина станува визуелно нечитлива – токму спротивно од она што Кевин Линч го дефинира како „читлив град“. Наместо простор кој нуди визуелен одмор и културен континуитет, добиваме град кој системски го губи идентитетот. Оттука, улогата на урбанистите не е само во физичката трансформација на просторот, туку и во култивирање на визуелен баланс што ја поттикнува добросостојбата на неговите жители.

Урбанистичко влијание: нерегулираните фасади, рекламирањето и непроодните средини создаваат огромни сензорни услови. Отсуството на визуелен ритам и урбана „читливост“ (Кевин Линч) ги дезориентира граѓаните.

Болести предизвикани од изложеност на визуелен стрес: визуелен замор, анксиозност и исцрпеност, слабо задржување на меморијата и на концентрацијата.

Урбани стратегии за намалување на ефектите од визуелен стрес:

  • Визуелна кохерентност во дизајнот на јавните простори
  • Политики за ограничување на брендирањето во градот без да се наруши воедначувањето на уличните фронтови
  • Конзистентна пиктурескна архитектура долж пешачките коридори
  • Заштитени хоризонти на културното наследство
  1. Метеж и компримиран живот – социјална густина и метеж

Густината на населението во урбаните средини, кога не се координира правилно, преминува во социјален метеж, создавајќи просторен дефицит и стрес за жителите. Психолошкиот ефект на оваа компресија е длабок, како што покажува истражувањето на Роберт Сомер, кој нагласува дека недостигот на личен простор доведува до зголемена анксиозност и агресивност. Во услови на брз урбан развој, градовите се збогатуваат вертикално, но јавните зелени простори – паркови, парк шуми, плоштади – сѐ повеќе се редуцираат. Со стеснување на тротоарите, на сметка на автоцентричноста и исчезнување на зелените џебови, се создаваат сè помалку можности за одмор и за рехабилитација на жителите. Уште повеќе, концептот на Баркер за поставките за однесување покажува колку е важно е да се создадат емоционално поддржувачки јавни простори, кои ќе го синхронизираат високото ниво на густина со функционално мешовити намени. Без таква калибрација, градовите се претвораат во простори кои ги поттикнуваат стресот и клаустрофобијата, не понудувајќи доволно „трети места“ (Олденбург) за засолнување, социјализација и релаксација.

Потекло: Висока густина на население без пропорционално проширување на јавните услуги, плоштадите и на рекреативните области.

Психолошки ефект: Натрупаноста ја зголемува перципираната конкуренција за ресурси, стресот од недостаток на личен простор (Роберт Сомер) и територијалната агресија.

Урбанистичко влијание: Високата монотонија, отсуството на јавни седишта и затворените мегаблокови ги оставаат жителите без „трети места“ (Олденбург).

Болести предизвикани од изложеност на метеж: социјално повлекување, агресија, зголемена употреба на алкохол/супстанции, генерализирано анксиозно растројство.

Урбани стратегии за намалување на ефектите од метежот:

  • Планирање на урбани блокови со мешана висина и заеднички внатрешни дворови
  • Креирање социјални врски на заедницата на секои неколку блока
  • Адаптивна повторна реупотреба на празни парцели, наместо извор на небезбедност, трансформација во микројавни простори
  • Дизајнирање на простори за средба без метеж.
  1. Губење на идентитетот на местото и културно отуѓување

Губењето на идентитетот на местото и културното отуѓување се сериозни урбанистички проблеми кои значително го нарушуваат емоционалното поврзување на жителите со нивниот град. Идентитетот на местото не е само визуелно препознатлив – тој е вкоренет во историјата, културата и во спомените на луѓето што го населуваат. Во постземјотресното обновување на Скопје, модернистичките структури создадоа нов наратив за закрепнување на урбаната форма, но денес овој наратив е нарушен од неконтролираното наметнување на неокласични елементи, бесправни градби и увезена симболика која ја игнорира социјалната и архитектонската ДНК на локалниот контекст.

Како што Стоколс го дефинираше овој процес на „отуѓување на местата“ кој несомнено предизвикува длабоко чувство на бескореност и на културна бездомност, што ја нарушува заедничката припадност на жителите и го отежнува создавањето на здрава урбана средина. Во едно од делата на Џејн Џејкобс, таа предупредува за опасностите од урбана стерилизација, каде што наглото бришење на историјата и на спомените ги лишува жителите од нивната емоционална основа (Скопскиот саем, Универзалната сала итн). За да се спречат овие ефекти, потребно е урбанистите да се фокусираат на постепен раст кој ја вклучува заедницата во процесот на планирање, одржувајќи го културниот контекст на градот и комбинирајќи го старото со новото преку соучествениот и контекстуален пристап, а не кон наметнување на туѓа естетика која создава културна траума и депресија.

Потекло: Брза гентрификација, архитектонско бришење и наметнување на туѓа естетика.

Психолошки ефект: Теоријата за „идентитет на место“ на Стоколс забележува дека отуѓувањето од околината ги зголемува чувствата на културна бездомност.

Урбанистичко влијание: Кога урбаниот дизајн ја брише меморијата, тој ја поткопува колективната отпорност. Џејн Џејкобс предупреди на „урбана стерилизација“.

Болести предизвикани од изложеност на културно отуѓување: конфузија на идентитетот, депресија, културна траума, носталгија.

Урбани стратегии за намалување на ефектите на културно отуѓување:

  • Планирање управувано од заедницата
  • Културно мапирање пред интервенции
  • Зачувување на органските улични обрасци и размери на наследството
  • Јавно раскажување приказни и сместување на наративите во дизајнот
  • Возобновување на духот на местата и на градските урбани симболи.

  1. Природен дефицит – недостаток на зелена и на сина инфраструктура

Недостатокот на зелена и на сина инфраструктура во урбаните средини, особено во градови како Скопје, претставува сериозна пречка за создавање одржливи и здрави животни средини. Природата во градовите не е само украс — таа има длабок ефект на физичкото и на психолошкото здравје на граѓаните. Истражувањето на Роџер Улрих и на поборниците на биофилниот дизајн покажува како близината до вегетацијата и до водата ги намалува хормоните на стресот, го подобрува вниманието и емоционалната регулација.

За жал, во Скопје, намалувањето на зелените и на сини површини станува сѐ поочигледно, со што се создава сериозен природен дефицит. Просторите што некогаш изобилувале со зеленило, се претвораат во густо населени урбани зони, а парковите и јавните простори сѐ повеќе исчезнуваат. Се приватизираат шеталиштата покрај реките, се поплочуваат јавните паркови за паркирање, а покривката на дрвјата се жртвува во име на автоцентричноста.

Ова не само што ги ограничува пристапите до природните ресурси, туку создава и психолошка и социјална отуѓеност. Истражувањата на Роберт Сомер ја потврдуваат негативната корелација меѓу сѐ поголемото стеснување на урбаните простори и зголемените нивоа на стрес и на агресија кај жителите.

Конкретно, во Скопје, исчезнувањето на природните површини има сериозни последици на здравјето на населението. Според најновите податоци, зелените површини се намалени дури до 7 %, што е драстично под препорачаното минимално ниво од 25 % по глава на жител. За да се спречи оваа еколошка деградација, неопходно е да се вратат природните елементи во градскиот дизајн. Потребно е да се создадат зелени урбани коридори и да се имплементираат стратегии за урбано шумарство, со што ќе се обогатат и трансформираат постоечките зелени простори во функционални и во пристапни јавни области.

Во овој контекст, студиите за урбано планирање укажуваат на итната потреба да се имплементира концептот на „10-минутно планирање“ — секој жител треба да има пристап до зелени простори во радиус од не повеќе од 10 минути пешачење од својот дом. Оваа стратегија не само што ќе ја подобри физичката активност, туку и ќе го намали стресот и негативните психолошки ефекти, а ќе ја подобри и општествената поврзаност на градските заедници.

Урбанистичко влијание: Кога зелените површини не се рамномерно распоредени или проектирани за мултифункционалност, луѓето се лишени од места за ментална реставрација.

Болести предизвикани од недостаток на зелена и на сина инфраструктура: дебелина, анксиозност, висок крвен притисок, депресија.

Урбани стратегии за намалување на ефектите од недостаток на зелена и на сина инфраструктура:

  • Зелени урбани коридори (поврзување помеѓу зелените површини)
  • Урбано шумарство и зелени покриви
  • Отворени речни брегови за јавна употреба
  • 10-минутно планирање на градот (секој жител станува зелен за 10 минути)
  1. Временска дезориентација во градовите – темпорален стрес и нарушување на урбаниот ритам

Темпоралниот стрес и нарушувањето на урбаниот ритам се предмет на бројни истражувања, кои истакнуваат значајни последици на здравјето и на социјалната благосостојба во градовите. Истражувањата на Бел и на Бенедикт (2015) потврдуваат дека нарушувањето на природниот урбан ритам, преку претерана урбана активност и несоодветно времепланирање, може да води до хронични здравствени проблеми, вклучувајќи несоница и нарушувања на метаболизмот.

Скопје, како и многу други урбани простори, се соочува со „темпорален дисбаланс“ кој резултира со хроничен стрес и со психолошки нарушувања. Градовите во развој, како што покажуваат истражувањата на Рајт и на Хемптон (2019), често не го интегрираат концептот на „временски планирани“ простори во урбанистичкото планирање, што доведува до конфликти помеѓу биолошките ритми на поединците и урбаните активности. Градската инфраструктура која не ги почитува биолошките потреби на жителите, како што се неорганизираните транспортни мрежи и прекумерното комерцијализирање на јавните простори, создава урбана несоница која има долгорочни последици на физичкото и на менталното здравје на поединците.

Покрај тоа, истражувањата на Милер (2020) истакнуваат дека нарушувањето на темпоралниот ритам во градовите не е само биолошки, туку и социјален проблем. Социјалната дезинтеграција и растечките нееднаквости во достапноста на урбаните ресурси дополнително го интензивираат темпоралниот стрес.

Критички гледано, урбанистичкото планирање често ги игнорира темпоралните потреби на луѓето, при што се фаворизираат економските интереси пред човековите биолошки и социјални ритми. Во таков контекст, стратегиите за урбаниот дизајн треба да ја признаат важноста на темпорален баланс, со воведување на концепти како што се „временски засновани простори“, кои ги почитуваат циклусите на природното светло и тивките периоди за одмор.

Урбанистичко влијание: Градовите кои немаат детерминирано временска рамка ги игнорираат човечките биолошки потреби – создавајќи урбана несоница.

Болести предизвикани од изложеност на временска дезориентација: несоница, дигестивни нарушувања, синдром на хроничен замор.

Урбани стратегии за намалување на ефектите од временска дезориентација:

  • Регулирање на времето на зонирање (на пр. зони на ноќна тишина)
  • Создавање временски градиенти на активност
  • Назначени „бавни области“ со мирно осветлување и со минимална активност
  • Подобра синхронизација на јавниот превоз
  1. Просторна неправда и отелотворена нееднаквост – Просторна неправда и урбан расизам

Просторната неправда во урбаните средини, како што се гледа во Скопје, не се сведува само на географска нееднаквост, туку и на социјална сегрегација која ги обележува урбаните ткива. Териториите како Шуто Оризари и Чаир ја претставуваат оваа динамика, каде што инфраструктурната запоставеност и недостатокот на основни услуги создаваат јазови во квалитетот на животот. Географијата на јавните услуги, пристапот до чист воздух, зелени површини и до безбедни домови во голема мера зависи од социјалниот статус и од етничката припадност на населението, што ја зајакнува социјалната хиерархија и го продлабочува јавниот стрес.

Истражувањата на Ненси Кригер за „отелотворената нееднаквост“ посочуваат дека физичкото запоставување на одредени области има сериозни последици на здравјето на жителите. Лошите услови на живот и ограничениот пристап до здравствени и до социјални ресурси доведуваат до повисоки стапки на ментални и на физички болести, вклучувајќи хронични заболувања и стрес. Периферните делови на градот, кои честопати се игнорирани во урбанистичките планови, страдаат од инфраструктурна невидливост, што влијае на нивните жители и на нивните социјални перспективи.

Противотровот на оваа урбана нееднаквост лежи во концептот на репаративен урбанизам. Ова подразбира вложување во маргинализираните делови на градот, создавање инклузивни урбани решенија кои ги враќаат основните права на заедниците, како што се пристап до јавни простори, здравствена заштита и безбедни домови. Инвестирањето во квалитетни инфраструктурни решенија не е само естетски, туку и политички чин на праведност, кој ги балансира ресурсите и ја минимизира социјалната нееднаквост. Урбанизмот, како алатка за општествено вклучување, треба да создаде простор за достоинствен живот на сите граѓани, без разлика на нивната економска и етничка заднина.

Потекло: Историска сегрегација, гетоизација на маргинализираните групи, инфраструктурно запоставување на периферните зони. Метастазирање и нарушување на слоевитоста, намерно уништување на локалните центри, пустошење на урбаната матрица од 70-тите, културна сегрегација и образовно слепило.

Психолошки ефект: Просторната дискриминација станува структурна форма на хроничен стрес. Според психологот Ненси Кригер, „неправдата заснована на единица простор“, директно влијае на биомаркерите на стресот и на животниот век.

Влијание врз урбанизмот: Несоодветното домување, лошите транзитни врски и просторната стигматизација ја продолжуваат нееднаквоста. Градовите без инклузивни мастерпланови активно придонесуваат кон психосоцијалната штета.

Болести предизвикани од изложеност на просторна нееднаквост: Хронична болест од изложеност на животната средина, ПТСД од насилство во соседството, повисоки стапки на самоубиства кај младите од стигматизираните области.

Урбани стратегии за намалување на ефектите од просторна нееднаквост:

  • Просторни ревизии на капитал во планирањето
  • Политики за домување и мерки против иселување
  • Поврзување на периферните населби со градските јадра
  • Урбани репарации преку инфраструктурни инвестиции

Навистина ретко урбаните стресни фактори постојат изолирано, во определени урбани четврти, населби. Тие честопати се групираат и таложат како канцер долж градската матрица заземајќи различен облик  зависно од типологијата на блоковите и генерално од обичаите и од различните шеми на однесување, ((не)едукација) на корисниците. Во голем дел тоа се градови кои низ годините не развиваат стратешки механизми да се справат со ваквата кумулативна токсичност. Па затоа оваа слоевитост на стресори во голема мера, предизвикува хронични психолошки и физиолошки влијанија врз здравјето на луѓето (болни градски ткива продуцираат единствено болни луѓе).

По однос на влијанието врз различни таргет-групи, докажано е дека децата кои растат во вакви средини покажуваат когнитивни доцнења; постарите доживуваат зголемена осаменост; маргинализираните лица сложено исклучување. Станува јасно дека урбаниот стрес не е само пропуст во планирањето, туку системска опасност по здравјето. Препознавањето на неговите раскрсници им овозможува на планерите да интервенираат холистички – таргетирајќи ги јазлите на ранливост наместо симптомите во изолација.

Градење градови на грижа: Интегрирани урбани стратегии за спречување болести, расизам и неправда

За да се премине од констатирање на патологија во урбаните средини кон можности, градовите мора повторно да се замислат како платформи за грижа, емпатија и социјална правда. Ова бара архитектура и урбанизам кои ќе креираат емпатија и плански етос што ја вреднува емоционалната отпорност исто толку високо како и структурната стабилност. Ваквите стратегиите би вклучувале:

  1. Партиципативен дизајн – вклучувањето на жителите во обликувањето на нивната непосредна околина, ќе создаде доверлива алатка за трансформација на јавните простори со локалните заедници.
  2. Биофилна интеграција – ткаењето зелени и сини инфраструктурни мрежи меѓусебно поврзани ќе ја рекалибрира сензорната рамнотежа. Исто така, инкорпорирањето на задолжителни механизми за мерење на менталното здравје во плановите на градот (како што е направено во Копенхаген или во Мелбурн).
  3. Поставки за однесување – проектирањето простори што кореспондираат со шемите на социјалното однесување на корисниците поддржува спонтана врска. Тоа подразбира и обука на планерите и интеграција на еколошката психологија во урбаното управување.
  4. Сензорно насочување – управување со бучавата, светлината и со визуелниот тек како критични димензии на менталното здравје.
  5. Временски урбанизам – усогласувањето на услугите и на просторите со дневниот и со сезонскиот ритам значително ја поддржува телесната благосостојба. Воспоставување на индикатори за урбан стрес (бучава, метеж, зелен пристап, преку користење на ГИС-системи и податоци во реално време за да ги визуализираат стресните зони.
  6. Инфраструктура на капитал – давање приоритет на инвестициите во запоставените области за да се врати просторната правда и финансиска поддршка за креирање на јавни програми за повторно поврзување на корисници од различна културна заднина во јавниот дискурс.

Град кој пружа поддршка

Урбаниот стрес не е ниту неизбежен ниту нерешлив. Тој е резултат на долгогодишни избори – на селективно планирање, игнорирање на девастираните урбани јадра, краткорочни естетски замачкувања и негирање на потребите и на правата на современиот човек. Добрата вест е што ги поседуваме алатките да ги преиспитаме овие начини на управување, што од теориска гледна точка преку енвиронменталната психологија и просторната правда, води низ механизмот на проба и на грешка преку урбанистичкото планирање. Она што недостасува е единствено индивидуална, партиципативна политичка и етичка волја.

Иднината на хуманиот урбанизам не зависи само од ефикасната мобилност или од економската густина, туку од тоа колку темелно градот се грижи за невидливите оптоварувања на своите граѓани. Мора да изградиме места каде што се почитува тишината, се заштитува идентитетот, се гаи близината со природата, а правдата е просторно кодирана. Градовите не треба само да нè вдомат – тие треба да нè крепат.

Урбаните стресови не се невидливи – тие се вградени во тротоарите по кои одиме, воздухот што го дишеме, звуците што ги слушаме и границите што ги преминуваме. Но, исто така и решенијата. Кога градовите ќе ја признаат длабоката интеракција помеѓу урбаната форма и психолошкото здравје, тие почнуваат да се префрлаат од машини за продуктивност кон организми за грижа.

Иднината на урбанизмот не лежи во највисоката кула, туку во таргетирањето на најтивката клупа.

Испрати коментар

Scroll To Top