Насловна / Архитектура / Во Словачка и Јапонија 3Д печатењето го менува изгледот на автобуските и железнички станици (ВИДЕО)

Во Словачка и Јапонија 3Д печатењето го менува изгледот на автобуските и железнички станици (ВИДЕО)

Од скулптурални станици во брзорастечките населби во Братислава до монтажни железнички станици во Јапонија, 3Д печатењето сè повеќе го покажува својот потенцијал во трансформирањето на јавната инфраструктура. Комбинацијата од параметарски дизајн, префабрикација и брза изведба овозможува изградба на објекти кои не се само функционални, туку и естетски и технолошки иновативни.

Два примера – автобуската станица Lipského во Словачка и железничката станица Хачиушима во Јапонија – покажуваат како различни архитектонски тимови го користат 3Д печатењето за да го редефинираат поимот на транзитни простори во урбан и приградски контекст.

Братислава: Параметарски дизајн и бетонска скулптура

На периферијата на населбата Черешње во Братислава, која е во фаза на интензивна урбана експанзија, реализирана е автобуска постојка која спојува параметарски дизајн и 3Д печатен бетон.

Проектот е дело на прашкото студио COLLARCH во соработка со локални архитекти од бирото Architekti Šebo Lichý и компанијата ICE Industrial Services.

Постојката Lipského е обликувана како елиптичен цилиндар со слоевита текстура што потсетува на геолошки формации, додека нејзината ориентација овозможува добра прегледност на автобусите што доаѓаат и во исто време ги штити корисниците од ветер и силно сонце.

Бетонската структура е генерирана со помош на параметарски софтвер и печатена во слоеви, додека дополнителни елементи како кровот направени се од челик и рефлексно стакло Stopsol за да се намали апсорпцијата на топлина. Исто така, има интегрирано осветлување на кровот, како и седишта изработени со 3Д печатење и покриени со тактилно дрво од ариш, со што е постигнато високо ниво на удобност и естетика.

Ова засолниште функционира не само како функционална инфраструктура, туку и како архитектонска инсталација што комуницира со урбаниот контекст и ги преиспитува стандардните форми на јавниот простор.

Јапонија: Станица за шест часа

Додека COLLARCH го истражува естетскиот потенцијал на 3Д печатењето во урбаниот дизајн, јапонската компанија Serendix се фокусира на брзината и ефикасноста на изградбата. Во градот Арида во префектурата Вакајама, Serendix, во соработка со железничкиот оператор JR West Japan Group и архитектонското студио Neuob, ја реализирале првата 3Д печатена железничка станица во светот.

Новата станица Хачиушима ја заменила дрвената структура од 1948 година, а изградбата е изведена помеѓу последниот ноќен воз и првиот утрински воз – за помалку од шест часа.

Четири префабрикувани елементи, отпечатени за седум дена во фабриката, составени се на локацијата за само два часа. Кровот, сбочните ѕидови и задната страна формираат затворена целина заштитена од лачен бетонски свод висок 2,6 метри.

Архитектите ја искористија предноста на 3Д печатењето за да формираат закривени површини кои со класична оплата би биле тешки и скапи за производство. Особено е интересно што елементите се печатени во вертикална, а не во вообичаената хоризонтална насока, што ја намалува видливоста на трагите од дожд и го олеснува одржувањето на објектот.

На задниот ѕид од станицата се печатени 3Д мотиви од мандарини и сабјарки, како симболи на локалното земјоделство и риболов, што дополнително го нагласува потенцијалот на 3Д печатењето за персонализација и локален идентитет.

Брза градба и нови стандарди

Иако станува збор за бетонски конструкции со висока цврстина, двата примери покажуваат колку 3Д печатењето придонело за забрзана, прецизна и естетски осмислена градба. Во време кога јавната инфраструктура се соочува со предизвици, работната сила, климатските промени и сè побрзиот урбан раст, технологиите како оваа нудат решенија кои се побрзи, поевтини и формално послободни од конвенционалните методи.

Како што велат од Serendix, нивната цел е да имаат сè повеќе вакви станици, што би вовело нов стандард во проектирањето и изградбата на објекти од мал формат. И судејќи според реализациите од Словачка и Јапонија – иднината веќе пристигна.

Испрати коментар

Scroll To Top