Насловна / Арт и дизајн / Yukinori Yanagi покажа во Милано дека неговата уметност е порелевантна од кога било

Yukinori Yanagi покажа во Милано дека неговата уметност е порелевантна од кога било

Изложбата на јапонскиот уметник Yukinori Yanagi, насловена како ICARUS, се отвори на 27 март и ќе биде достапна за јавноста до 27 јули 2025 година. Во монументалните хали на Pirelli HangarBicocca, поранешна индустриска зона во Милано, Yanagi гради комплексен свет од песок, оган, знамиња и огледала. Ретроспективата ICARUS, неговата прва голема изложба во Европа, осветлува четири децении уметничко творештво кое постојано го приспитува идентитетот, границите и последиците од националистичките митологии. Од неговите рани експерименти со вистински мравјалници до монументални инсталации кои ги топат восочните знамиња на државите, Yanagi користи материјали кои се распаѓаат, се топат и исчезнуваат, покажувајќи колку идеите за нација, суверенитет и моќ во нивната суштина се кревки. Изложбата се протега низ целиот простор на HangarBicocca како систем од фрагменти, метафори и симболични урнатини, во кои се рефлектираат духовите на колонијалното минато, еколошкиот колапс и немирните граници на современиот свет.

Во една од неговите најпознати серии дела, World Flag Ant Farm, тој пушта вистински мравки да ги населуваат и да ги разградуваат националните знамиња исполнети со обоен песок, поврзани со тенки цевки што мравките ги користат како патишта. Мравките, како симболи на организиран колектив, но и на несвесен отпор кон хиерархијата, ги претвораат јасно дефинираните симболи на моќ во зрнести, заматени форми – мапа на светот во распаѓање. Оваа интервенција на природата во симболичниот поредок претставува една од темелните почетни точки на работата на Yanagi: идеите што го дефинираат колективниот идентитет не се вечни ниту стабилни, туку порозни, пропустливи и подложни на промени. Мравјалникот станува и метафора за глобализацијата, миграцијата и контаминацијата на идеолошките граници – бидејќи како што мравките се преоѓаат од едно знаме на друго, исто така се распаѓа илузијата за автономија на нациите. Ако мислевте дека мравките се само тивки, ситни и претежно досадни жители на оваа планета, Yanagi ќе ве натера да ги слушате што имаат да кажат.

Yukinori Yanagi поврзува две моќни дела – Project God-zilla 2025: The Revenant from „El Mare Pacificum“ и Article 9, инсталација со јапонски натписи во неонски цевки. Секоја фраза трепка од време на време, дозволувајќи им на посетителите да прочитаат само делумни фрагменти од текстот од Член 9 од јапонскиот Устав. Овој член, кој изричито се откажува од војната и употребата на сила за решавање на меѓународни спорови, има амбиција да придонесе за светскиот мир.

Напишан во 1946 година, на крајот од Втората светска војна, под влијание на сојузниците, особено на американскиот генерал Даглас Макартур и јапонскиот император Хирохито, Член 9 и денес е предмет на длабоки расправи. Во ова дело, Yanagi го истражува проблемот на официјалниот превод на тој текст: првиот нацрт, напишан на англиски јазик од Макартур, преведен е на јапонски јазик во официјална форма, за потоа повторно да биде преведен на англиски јазик.

Yanagi го користи овој текст за да привлече внимание кон противречностите што произлегуваат од „подарената“ демократија и внатрешните тензии што произлегуваат од тие историски разлики – тензии што совршено се вклопуваат во пошироката тема на неговата уметност за моќ, граници и идеолошки конструкции.

Поставката продолжува со едно спектакуларно дело, насловено Project God-Zilla Onomichi U3. Во центарот на купот остатоци, буриња и песок, духот на минатиот век се чини дека се издига: огромна сфера со проекција на окото на митското чудовиште Годзила. Неговата портокалово-жолта зеница, замислена како поглед на самата историја, се менува со слики од атомски експлозии – од Хирошима до тестови во Тихиот Океан, па сè до Фукушима. Yanagi ги спојува личната и колективната меморија, спомените од детството и јапонските филмови за чудовишта од кал, со најдлабоките трауми што го обликуваат азиско-пацифичкиот регион.

Иако неговите дела често се читаат во глобален клуч, Yanagi постојано се враќа на прашањето за јапонскиот идентитет – комплексниот сплет од традиција, модернизација, милитаризам и постколонијална траума. Во Hinomaru Illumination (1993–1997), светлечките кутии со јапонско знаме во форма на црвен круг на бела позадина стануваат симбол на опсесивна национална нарација. Со користење на светло и минималистички дизајн, уметникот ја маскира бруталноста и идеолошката ригидност што таа едноставна форма може да ја носи. Оваа формална тензија помеѓу чистотата на естетиката и насилството на значењето е една од константите во делата на Yanagi: симболите на моќ не се нужно спектакуларни – тие често делуваат тивко, преку форма, повторување и отсуство на контекст.

Во време кога границите, идентитетите и екологијата повторно влегуаат во центарот на вниманието, уметноста на Yanagi изгледа како да доаѓа од иднината. Освен што е најголемата европска ретроспектива на овој уметник, изложбата ICARUS е и серија дела што нè потсетуваат како нашите колективни уверувања за моќта и идентитетот изгледаат толку трајни, иако можеби ќе исчезнат ако само малку поблиску ги погледнеме.

Испрати коментар

Scroll To Top