Насловна / Арт и дизајн / Блокбастер изложба го прославува Мајкл Џексон

Блокбастер изложба го прославува Мајкл Џексон

Неодамна директно од Лондон повторно пристигна „Michaelmania“ во Париз како една од најочекуваните изложби за 2018 година: „Michael Jackson: On The Wall“. Изложбата на радост на фановите од целиот свет на оваа музичка поп икона, отворена во „Гран Пале“ ги обединува делата на над 40 познати уметници, од јавни и приватни колекции ширум светот, како и нови создадени специјално за оваа прилика од страна на уметниците, меѓу кои се Rita Ackerman, Dara Birnbaum, Candice Breitz, Marvin Gaye Chetwynd, Njideka Akunyili Crosby, Mark Flood, Isa Genzken, Maggi Hambling, David Hammons, Lyle Ashton Harris, Jonathan Horowitz, Gary Hume, Rashid Johnson, Isaac Julien, David LaChapelle, Louise Lawler, Klara Liden, Glenn Ligon, Paul McCarthy, Rodney McMillian, Dawn Mellor, Lorraine O’Grady, Opie Catherine, Yan Pei Ming, Paul Pfeiffer, Grayson Perry, Faith Ringgold, Donald Urquhart, Kehinde Wiley, Hank Willis Thomas, Andy Warhol, Jordan Wolfson…

30

Ова париско шоу во вистинска смисла на зборот, е организирано од Националната галерија на портрети во Лондон во соработка со музејот „Гран Пале“ во Париз и Michael Jackson Estate. Изложбата претставува истражување на културното влијание и уметничкото влијание на личноста на Мајкл Џексон (1958-2009) и неговото творештво во областа на современата уметност од 80-тите години на 20 век до денес. Многу уметници биле привлечени од покојниот King of Pop, како инспирација, трагична фигура и фасцинантна енигма. Во изјавата дадена од организаторите на изложбата се вели дека „ретко е да се има нешто ново за некој кој е славен, но во оваа изложба тоа се случува“.

Насловот на поставката „Michael Jackson: On the Wall“ е преземен од неговиот петти соло албум „Off the Wall“, продуциран од Квинси Џонс во 1979 година. На насловната страница, Мајкл Џексон (кога сè уште му била темна кожата, но со веќе естетски коригиран нос) – позира во смокинг, потпрен на ѕид од тули, и тука е секако, неговата заслепувачка насмевка на оптимизмот. Изложбата во „Гран Пале“, истакнува дека младиот Џексон од „Off The Wall“ повеќе не е тука, но тој сè уште живее…, закачен на ѕидот. Предизвик е да се види како едно лице може да значи различни нешта за различни луѓе. Според многумина, Мајкл Џексон е планетарна личност која никој нема да ја достигне и никогаш нема да се повтори друг Мајкл Џексон.

23

Изложбата вклучува дела кои го одразуваат сето она што Мајкл Џексон им претставувал на своите обожаватели, односно од неговото место во афроамериканската култура, од начинот на кој тој манипулирал со славата, како и начинот на кој славата манипулирала со него. На задоволство на фановите, на изложбата може да се видат неговата позната јакна, црните мокасини, насловни страници на списанијата што му биле посветени, како и некои од предметите што му стоеле на ноќното масиче.

РУШЕЊЕ НА СИТЕ БАРИЕРИ

Изложбата не претставува биографија на Мајкл Џексон, туку е поставка која се гледа исклучиво низ призмата на современата уметност. Иако не е биографска, изложбата е сепак организирана по хронолошки редослед. Го следи извонредниот развој на оваа светска легенда, од неговите почетоци како надарено дете во групата „Џексон 5“ до неговата метаморфоза во уметник со единствена експлозија. Тематските сали, исто така, им овозможуваат на посетителите да ги разгледаат естетските, социјалните и политичките аспекти на работата на овој афроамерикански уметник; опсег кој се обидува пред сè да ги отстрани бариерите од сите видови, од оние што ги одделуваат музичките жанрови до оние што ги одделуваат расите.

5

Премиерно, изложбата се одржала во Националната галерија на портрети во Лондон од јуни до октомври 2018 година, а по Париз, изложбата продолжува во „Бундескунстхал“ во Бон од март до јули 2019 година и во Музејот на современа уметност во Еспо, Финска, од август до јануари 2020 година.

Изложбата во Париз буквално ја претставува ѕвездата како уметнички објект преку повеќе од 100 современи уметнички експонати и дела, вклучувајќи слики, цртежи, скулптури, фотографија, видео и перформанси.

1

„Мајкл Џексон е еден од највлијателните културни фигури на 20 век, а неговото наследство продолжува во 21 век. Иако отсекогаш бил сметан за референца во светот на музиката, видеоклиповите, танцот и модата, неговото влијание врз современата уметност никогаш не било дискутирано и никогаш не било предмет на меѓународна изложба како оваа“, објаснуваат кураторите на изложбата.

21

За организаторите на изложбата, наследството на Мајкл Џексон е поживо од кога било, речиси 10 години по неговата смрт: Рекордната продажба на неговите дела која надминува една милијарда примероци, продолжува да расте, неговите видеа сè уште се гледаат, а неговите бројни фанови остануваат и натаму верни. Неговото влијание и слава не се поставуваат под знак прашање, а темите и процесите што ги покренал како социоопштествен феномен, особено од гледна точка на идентитет, раса и слава, сè уште се релевантни денес, поставувајќи ги во прв план.

Мајкл Џексон како автор на најпродаваниот албум во историјата, Thriller од 1982 година, и натаму продолжува да воодушевува поради своите пораки за почитување и толеранција. Тој сакал да ги надмине сите видови музички бариери, комбинирајќи рок, реп, фанк и соул.

3

Во прилог на рушењето на сите рекорди на продажба, освојувајќи бројни награди, учествувајќи во бројни филантропски акции и пробивање на многу културни бариери, Мајкл Џексон е исто така, еден од најзастапените личности во визуелните уметности. Почнувајќи од славниот Енди Ворхол, кој го искористил неговиот лик во 1982 година за свое дело, а истото подоцна било насловна страница на „Тајм“ списанието во 1984 година. Подоцна, многу други современи уметници од 20 и 21 век, од различни генерации и од различни земји, биле инспирирани од кралот на поп културата.

Изложбата во „Гран Пале“ ќе трае до 14 февруари.

13

Испрати коментар

Scroll To Top