Насловна / Вести / ЌЕ ПРЕРАСНЕ ЛИ КАРГОТО ВО ШТИП ВО НАЦИОНАЛЕН ПАТНИЧКИ АЕРОДРОМ?

ЌЕ ПРЕРАСНЕ ЛИ КАРГОТО ВО ШТИП ВО НАЦИОНАЛЕН ПАТНИЧКИ АЕРОДРОМ?

Image

Имајќи ја предвид аспирацијата на Македонија за членство во НАТО, важен дел од овој систем е логистиката која државата треба да и ја пружи на Алијансата. Покрај воениот полигон Криволак, во иднина сосема е извесно дека Скопскиот аеродром ќе прерасне во воен, додека цивилната функција постепено ќе ја преземе Штипскиот карго аеродром. Многумина ваквата претпоставка ја поврзуваат со воениот комплекс непосредно до скопскиот аеродром кој не сака многу мешање со цивилниот аеро сообраќај.

Локацијата кај Сушево каде ќе се гради карго аеродромот е идеална за оваа намена. Локалитетот Сушево е еден вид врата кон Овчеполието кое е претежно рамнинско, со идеална клима. Во текот на летото нема дождови, во текот на зимата нема магла. Тоа го прави сосема погоден за цивилен аеродром. Воздушната линија од 30 километри до Петровец и околу 75 километри од центарот на Скопје се дополнителен фактор.

Ако на сето ова се додаде и патниот правец Миладиновци-Свети Николе-Штип, североисточниот дел на Македонија ќе скрати 50-тина километри и дополнителни 30-тина минути за пристап до аеродромот. И на крајот, сите овие претпоставки се вкрстуваат во условите кои Владата му ги поставува на новиот концесионер, а тоа се реконструкција на Скопскиот и на Охридскиот аеродром во пакет со изградба на карго аеродром во Сушево до крајот на оваа, со евентуална негова надградба во цивилен до крајот на 2009 година.Овој аспект од инвестицијата комплетно би завршил во 2012 година. Градоначалникот на Штип, Панде Сарев за локалните медиуми веќе изјави дека карго аеродромот ќе прерасне во патнички, а Скопскиот во воен аеродром. Тој вели дека станува збор за реализација на неколкудецениска идеја поврзана со патниот правец Миладиновци-Свети Николе-Штип. Откако ќе биде отворен и скратениот патен правец Радовиш-Струмица, целиот источен регион ќе излегува токму на аеродромот Сушево. Владата веќе објави дека карго аеродромот ќе има писта долга 2,4 километри со можност да се продолжи. Откако во првиот период Сушево би било опција за поддршка на Скопскиот аеродром за да се тестира функционалноста, пистата лесно може да се продолжи на три километри колку што е таа за патничкиот сообраќај на аеродромот “Александар Велики”.

Тоа практично значи дека до завршување на проектот во 2012 година, карго аеродромот би се адаптирал во цивилен аеродром. Негодувања се уште има, но јасно е дека Владата го турка проектот слично како оној со Универзитетот, без поголема загриженост од домашните и странските експерти. Најизразена е негативната оценка на холандските консултанти кои по посетата на Сушево напоменале дека теренот не е погоден за патнички аеродром, но сепак оставиле можност со инвестициските зафати да се направат соодветни подобрувања.

Ако странците не вложат во овој проект, постои интерес државата да се јави како вложувач во Штипскиот аеродром. Министерството за транспорт пресметало дека би било прескапо “Александар Велики” да се проширува, па сосема е полесно да се почне од почеток, во Штип. Доволен податок е бројката од околу 200 милиони евра за трите аеродроми од кои за Штип ќе бидат обезбедни околу 90 милиони евра.

Едно е сигурно: во Штип никој не е против, бидејки со секој нов проект градот си ја враќа титулата на центар на источна Македонија. Впрочем, имаше песимисти и за Универзитетот во Штип, за по само две години комплетно да го сменат својот негативен став.

 

П.Р.
Објавено во број 92.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top