Насловна / Вести / Живописна енергија во секоја градина

Живописна енергија во секоја градина

Есенските бои на пејзажот иако траат поприлично краток период носат многу живописна енергија во секоја градина. Тоа е особено изразено во оние градини кои се креирани за да бидат атрактивни во текот на сите четири сезони.

Вистинската комбинација на дрвја и грмушки може да се доведе во совршенство така што „досадниот“ и ладен есенски двор да се претвори во вистинска динамична средина во која боите и формите би се менувале во краток период од неколку недели. За постигнување на таков ефект потребно е добро планирање на градината и избор на растенија со такви карактеристики.

3

При креирање на градината секој дизајнер се труди да вклучи што е можно повеќе растенија за да се осигура дека градината ќе остварува визуелна инспирација во текот на сите четири сезони од годината. Конкретно во есенскиот период има растенија кои пленат со својата убавина, обезбедуваат боја и текстура која е неповторлива во ниеден друг период од годината.

1

Вообичаено кога станува збор за внесување на колоритност во градината најупотребувани растенија се листопадните видови како што се вариететите од видот на Acer palmatum. Кај овие растенија листовите пред да паднат ја менуваат бојата во силни бои кои зависно од вариететот може да бидат нијанси од црвена, златна и портокалова. Освен јаворите во есента многу атрактивни се и грмушките од видот Euonymus alatus. Кај овој вид листовите пред да паднат ја менуваат бојата во црвена боја. По промената на бојата тие прилично кратко се задржуваат на растението.

11

Во помалите градини со садење на брусница може да се постигне многу силен ефект. Во текот на летото таа плени со убавината на своите плодови, додека преку есента има портокалови крупни листови кои бавно паѓаат. Доколку се насадени во групи со зимзелени растенија во нивна близина создаваат силен контраст на бои. Растенијата од видот Cotoneaster исто така се многу атрактивни во текот на есента. Тие може да се користат како висечки растенија за разбивање на монотонијата на големите ладни жардиниери или потпорни ѕидови или во форма на бордури. Тие во есенскиот период формираат црвени бобинки кои изгледаат многу атрактивно.

2

Како поголеми дрвја кои се многу атрактивни во текот на есента вреди да се издвои видот Liquidambar styraciflua кој има крупни зелени листови, а во есента истите почнуваат да поцрвенуваат. Специфично кај овој вид е тоа што поцрвенувањето се шири од горниот дел на крошната па надолу, па така во одреден период ова растение може да има повеќе бои и нијанси.

5

Често користен вид за уредување кај нас е и белиот јасен кој има долгнавести листови кои во есен ја менуваат бојата во многу впечатлива жолта нијанса. Ова растение во комбинација со други растенија создава доминантен контраст кој плени со својата убавина.

6

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top