Насловна / Вести / За Мал Ринг сите само зборат, но никој не превзема правни дејства

За Мал Ринг сите само зборат, но никој не превзема правни дејства

На првата седница во Општина Центар во 10 часот на која се одржа Јавната презентација по Предлог – Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, присуствуваа граѓани, претставници на само две институции, од Собрание на државава и од БЕГ и четири архитекти, ако не ја броиме претседателката на Советот на општината, која е присутна и по службена должност.

Она што повторно и повторно ја бранува јавноста е Скопје 2014. Советничката Јана Белчева Андреевска достави до градоначалникот на општината, Комисијата за урбанизам и Советот на Општина Центар, барање ДУП „Мал Ринг“ да биде повлечен, одново стручно разгледан, а анкетата пред јавноста да биде одложена за периодот по септември 2020. Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ испрати писмо до градоначалникот и претстедателката на Советот на Општината, истото испратено и до премиерот на Владата, Министерството за транспорт и врски и градоначалникот на Скопје. „ААМ бара да се повлече и преработи предлог планот каде се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален  план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“. Во прилог на писмото е и Декларацијата на ААМ од март 2010 година за проектот „Скопје 2014“.

IMG_20200722_103853_resize

Со предлог планот се останати изградените објекти од Скопје 2014, спомениците, површината за градење на Шпанските скали и започнатиот споменик „Мајка Тереза“.

Секаде каде што имало неизградени споменици се бришат, објектите со намена А2 – домување во станбени згради се пренанаменуваат за култура и државни институции. Се отсранува условувањето од планот во 2012 година за тоа дека архитектонското обликување на објектите треба да биде во барок, неокласицизам, рококо…, со што е овозможено префасадираните објекти да го вратат своето автентично обликување. Слободните објекти кои се од јавен карактер, а околу објектот има слободни површини, тие површини порано биле дел од градежните парцели на објектите каде можеле да се интервенира, во предлог планот тие се иземени и се јавни, не се повеќе дел од градежна парцела.

IMG_20200722_103811_resize

Во планот суштински не е многу променето, сите би сакале „Скопје 2014“ да го нема, но за ваков радикален потег очигледно е дека расположение нема. Но и според она што го велат од општина нема ни правна можност. Овој проект е веќе легализиран криминал и уништување на градот. Останува дилемата што е она што може да се спаси. Очигледно е дека има недоверба меѓу граѓаните, струката, институциите. Очигледно е дека урбанизмот е државен проблем и дека општината не може да се справи сама. Очигледно е и дека општината се обидува и дека е заглавена во институционалните и правни лавиринти, а државата не застанува позади решавање на проблемот. Градоначалникот вели дека сите само зборуваат, а не прават ништо. Тој изјави: „Токму затоа и инсистираме на јавна расправа за предлог планот и дадовме можност да се отворат дискусии, токму затоа што сите се прават мутави“ и додава „се формираа комисии, но никој не става потпис, никој не носи правен акт“.

„За тој споменикот (Мајка Тереза), сите само зборат, и Влада и Министерство за култура и Министерство за транспорт и врски, а никој нема поднесено ни пријава ни покренале акција. Министерството за култура направи елаборат, ама тоа секој знае да го направи, што чини што не чини на тој објект. Во фиоки со години се чувале предмети, и откако кажав дали треба градоначалникот да се самозапали за некој да реагира, тогаш ме викнаа во Обвинителство, ајде да го отвориме тој предмет. Намерно го употребив тој збор оти сите седат, држат предмети во фиока, а никој не презема ништо. Знаете што стои во елаборатите,  дека е прекршено е тоа, не требало така и слично.  Сите знаеме тоа да го кажеме, ама никој не презема правни дејствија. Никој не поднел поништување на одредено решение. Може Министерството за култура да каже дека е спротивно направен во одредена постапка споменикот, да го поништи и со тоа паѓа и одобрението и можеме да го срушиме“, рече градоначалникот Богдановиќ.

IMG_20200722_102424_resize

Општината од Комисијата при Министерство за култура која беше формирана за постапување по спомениците од „Скопје 2014“ го барала елаборатот, за на крај да добијат одговор дека тоа било само мислење, кое нема правна сила и кое општината никогаш не го добила.

„Приватните парцели што се продадени од државата имаат одреден рок и ние се трудиме максимално да го запазиме тој рок и согласно неговото истекување  да преземеме одредени дејствија. Веќе се преземени активирања на банкарски гаранции, поднесени се 29 пријави до Основното јавно обвинителство. Конкретно за „Шпански скали“ се отворени обвинителни акти, дел од луѓето се наоѓаат таму каде што се наоаѓаат и не смееме да влијаеме на истрагата. Со секое бришење им правиме услуга на тие кои го цртале тоа. Ако го избришете тоа нема дело, завршена е работата и нема за што повеќе да се дискутира. Како што ќе ги добиваме судските спорови и како што ќе го враќаме земјиштето така ќе го менуваме после планот, нормално, како што ќе одлучат граѓаните, во зависност дали ќе сакаат парк, плоштад… За деловите што се споменуваат и што се спорни додека не заврши судската постапка и истражните дејствија не смееме да чепкаме и да менуваме, нагласи Богдановиќ.

Ова значи дека само доколку е завршен судски спор и решението е правосилно може од ДУП да се избрише површина за градење, се дотогаш таа површина мора да остане во планот.

Претседателката на советот Цветанка Симоновса изрази жалење што нема присутен ниту еден официјален претставник на ААМ, особено со оглед на тоа што им е директно упатен допис, за кој таа смета дека е директен атак на општината. Таа рече дека особено и смета онаму каде се вели „Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 година донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90% реализиран, ААМ подразбира дека приоритет ви е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз ул.Орце Николов), т.н Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА од арх. Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен куќата на Мајка Тереза и Триумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот „Скопје 2014“. Таа смета дека ова е сосема неумесен и неточен коментар и дека токму затоа е добро присуството за да се расчистат недоразбирањата и да се разговара. Таа вели дека досега многу пати на јавноста и е кажано зошто мораториум на ДУП-ови, а меѓу најзначајните причини се параметрите зададени во ГУП-от на Скопје, селективно се исполнуваат или не исполнуваат, не се почитуваат Законот за просторно урбанистичко планирање и правилниците кои произлегуваат од него, не се почитуваат ниту, со закон пропишани, стандарди и нормативи од областите: заштита и спасување, заштита на животната средина, сообраќај и безбедност во сообраќајот, комунални услуги, заштита на културно наследство и сите останати кои се дел и ги опфаќаат сите аспекти на квалитетно живеење.

Урбанизмот е повеќедецениски проблем, немоќта да се справиме само уште повеќе треба да биде последниот аларм до државата дека општините не можат сами. Дека се неопходни внимателно одбрани стручни тимови кои ќе влезат во костец со проблемот, наместо да се изработуваат урбанистички планови добиени на јавни набавки од истите планерски куќи кои се автори на спорните планови. Тимови обединети во агенција, институт, како и да се нарекува, со единствена задача и рок за завршување на плановите.

Во меѓувреме градоначалникот вети дека јавната расправа за Мал Ринг е отворена и дека ќе продолжи и дека ќе има јавни расправи онолку колку е потребно. Граѓаните, особено архитектите долги години се жалеа дека никој не го слуша нивниот глас, дека никој со нив не дискутира и дека јавните расправи се формалност. Денес на јавната расправа архитекти речиси и да немаше. Планови за мали рингови имаше многу, но ниту еден добар. Јавната расправа е шанса да се дискутира, да се предлага и да се сработи, а и надеж дека архитектите конечно ќе се послушаат, барем така се декларираат надлежните, па да пробаме.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top