Насловна / Архитектура / Во МоМА Скопје и неговата постземјотресна обнова зазема значајно место

Во МоМА Скопје и неговата постземјотресна обнова зазема значајно место

Вчера, на 10.07.2018 година во 19 часот по Њујоршко време, во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк се отвори изложбата „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“, истражувачки проект кој пред очите на светската публика го претстави исклучителното модернистичко наследство од територијата на поранешна Југославија. „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ воедно е и првото обемно претставување на оваа архитектонска продукција во една од најреномираните светски културни институции.

MoMA (1)

Зад ваквиот потфат, како главен куратор стои швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, раководител на Филип Џонсон одделот за архитектура и дизајн во МоМА (the Philip Johnson Chief Curator of Architecture and Design at MoMA); ко-куратор е Владимир Кулиќ и Ана Катс како асистент-куратор.

Поаѓајќи од хипотезата дека Југословенската повоена архитектура не само што не е периферна, туку е во самата суштина на модернистичкиот проект, главните куратори вниманието го насочуваат на подрачје и тема која со децении се наоѓа вон интересот на „западната“ историја на архитектура, во таа смисла недоволно истражена, „егзотична“ и речиси непозната, подеднакво за општата, но и за стручната архитектонска јавност вон границите на поранешна Југославија и нејзината непосредна околина.

MoMA (7)

Истражувачкиот проект „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ претставува навраќање на архитектурата на територијата на Југославија низ читањето на една нова генерација на архитекти, историчари на архитектура и уметници кои имаат за цел критички да го обноват нејзиниот наратив.

MoMA (2)
Формирајќи таканареченo кураторско советодавно тело (curatorial advisory board), од страна на МоМА беа поканети десетина истражувачи од регионот, кои веќе години наназад се занимаваат со собирање, истражување, толкување, вреднување…, а во некои случаи и извлекување од заборавот на вредните архитектонски реализации и нивната документација. Од Македонија, членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата беа архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски.

MoMA (4)

Во рамките на изложбата поставена во МоМА, темата на Скопје и неговата постземјотресна обнова зазема значајно место, како во однос на обемот, така и во однос на позицијата во рамки на поставката. Катастрофата во Скопје во 1963 год., меѓународната солидарност и помош по земјотресот, инволвирањето на ООН во координирање на процесот на обнова, како и улогата на Кензо Танге во планирањето на центарот на градот е наратив кој е веќе делумно познат и интересен за меѓународната публика.

MoMA (5)

MoMA (3)

Покрај оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Кензо Танге и неговиот тим и макетата од Културниот центар на Биро 71, во изложбата се претставени оригинални цртежи и скици од работата на Кензо Танге во Скопје, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на: Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова – Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71, Универзитетскиот комплекс на Марко Мушиќ итн. Покрај материјалот за Скопје, во делот во кои се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.

MoMA (9)

MoMA (8)

MoMA (6)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top