Насловна / Архитектура / Вила Кармел – симбиоза на куќата со околината

Вила Кармел – симбиоза на куќата со околината

Изградена во 2013 г., оваа вила претставува еден од светлите примери на современата американска архитектура кои се во совршена хармонија со околината и претставуваат современа реинтерпретација на органската архитектура воспоставена од легендарниот Френк Лојд Рајт пред повеќе од еден век. Се наоѓа во долината Кармел во северниот дел од Калифорнија, јужно од Сан Хозе, од каде што и го влече името – самите архитекти ја нарекле „Вила Кармел“. Оваа долина низ која тече реката Кармел практично претставува село од разбиен тип, кој официјално е прогласен за „населено место со концентрирана популација“ (според американската стандардизација) дури во 2000 година, и претставува дел од природниот резерват Санта Лусија во кој важат строги правила за градење.

9_resize

2_resize

Живописната природа на околината богата со вода, старите дабови шуми и интересниот релјеф претставуваат квалитетна инспирација за архитектите кои имаат привилегија да проектираат приватни вили за некои од богатите семејства кои во последно време се доселуваат тука, привлечени од мирот на местото, автентичните винарии, голф-терени и сеопштите квалитетни животни услови. Затоа не зачудува фактот што вилата „Кармел“ не е единствениот репрезентативен примерок од станбената архитектура од ова мало населено место, но веројатно е најзначајниот: за тоа сведочат и многубројните добиени награди, но и позитивните критики, анализи и репортажи објавени во реномирани магазини и веб-страници за архитектура, од кои најзначајни се секако „ArchDialy“ и „DeZeen“.

1_resize

Објектот е дело на реномираното архитектонско биро „Piechota Architecture“ од Сан Франциско, чиј основач е архитектот Даниел Пиекота пред повеќе од 20 години. Како што ќе речат и самите архитекти, главна цел на проектот е да оствари силна поврзаност со природниот пејсаж. Еден од проектантските приоритети бил „да се максимизираат визурите и преку можностите на архитектурата да се прикажат најдобрите моменти на светлината и сенката“.

13_resize

Куќата лежи на кос терен и има две нивоа распослани на вкупни 475 метри квадратни. Формата на куќата која наликува на големата латинична буква „L“ овозможува формирање на интимен отворен двор на горното ниво кој од две страни е прегрнат од двете крила на куќата, а од другите страни е отворен кон ридот. Првичната идеја која практично ја дала ваквата форма на куќата произлегла од желбата косиот терен и околината да бидат пресечени со две оски кои се сечат под прав агол и во иднина ќе претставуваат негативи околу кои ќе се гради понатаму позитивот. Ваквото негово отсечување по правецот на овие две замислени оски, одреден од топографијата на теренот, овозможило одлични визури каде и да се наоѓате во куќата. На овој начин е добиен правоаголник на долното ниво кој е поделен со влезните скали на два дела. Правецот на скалите претставува една од замислените оски на негатив. Самите скали поминуваат под своевиден мост од горното ниво, и качуваат горе позади главниот волумен на приземјето, и практично „удираат“ во втората замислена оска, која е под прав агол на првата и гледајќи лево го сече другото крило од куќата на горното ниво. Ваквото конципирање на куќата овозможила добра функционална поделба по простории и сегменти во зависност од нивната намена.

3_resize

4_resize

На долното ниво е сместена гаражата со придружните простории и канцеларијата на едната страна, кои се поврзани со ходник кој поминува под главните скали и води кон делот со спалните, секоја со свое приватно купатило. Ваквото одвојување овозможува максимална приватност во делот за спиење.

15_resize

На горното ниво во едното од крилата е сместен главниот дел од куќата, односно дневниот простор со трпезаријата и кујната. Овој простор се развива понатаму во неколку правци: едниот е кон мостот над влезните скали кој води кон главната спална, другиот е кон отворена дневната во дворот на горното ниво (од каде може да се отиде кон местото за оган на отворено), и третиот е со сервисни скали кон делот со гаражата на долното ниво. На аголот помеѓу двете крила од замислената „L“ буква е главната спална со придружните простории, која како што реков е пристапна преку мостот над влезните скали од една страна, но од друга страна и преку делот со наткриеното џакузи на отворено, кој претставува еден од гореспоменатите негативи во волуменот. Овој дел понатаму води кон гостинскиот дел од куќата кој практично претставува не само спална соба, туку комфорен апартман.

8_resize

7_resize

Освен со ваквата волуметрија и играта на волуменски позитиви и негативи кои се приспособуваат на теренот, куќата гради хармоничен однос со околината  и нејзините природни тонови и преку употребените материјали. На фасадата доминира кедаровото дрво, надополнето со полиња обложени од кортен (или „weathered“, вештачки намерно кородиран) челик кои даваат рустична нота на објектот, и со големи прозорски отвори по целата нето-височина на катовите. На партерот доминира природниот бетон и дрвото. Во својот израз, целата структура е минималистичка и ослободена од орнаменти и нападни бои, со што целото внимание се насочува кон околината: објектот претставува суптилна интервенција врз неа, и преку својот концепт и големите стаклени отвори, практично го внесува надворешниот простор внатре. Целата замисла е доведена до совршенство преку соработка на главниот архитект и неговиот тим со надворешни соработници: градежен инженер, пејсажен архитект и внатрешен дизајнер.

6_resize

14_resize

Внатрешното уредување на објектот е во целосен склад со надворешното. Пристапот при проектирањето на внатрешноста е исто така минималистички, а особено внимание е обрнато на употребените материјали. И во внатрешноста доминира дрвото кое е во нијанси кои се внимателно одбрани, впрочем како и нијансите на сè друго. Дизајнираниот мебел е надополнет со селектирани дизајнерски парчиња на мебел и уметнички слики, како и лични спомени од инвеститорите кои се вклопуваат во целата замисла.

16_resize

11_resize

Од другите детали вредни за споменување би ги споменал и соларниот кров, специјално изработените прозорци, дрвените платформи на влезот кои ги пропуштаат старите дрвја низ нив, а специфичен квалитет е и огништето во дворот кое партерно комуницира со летната дневна. Сето заедно резултирало со врвно архитектонско дело. Тимот на Пиекота покажал како треба да се испочитува околината и затекнатиот контекст, и како совршено да се избледат јасните граници на внатрешноста и надворешноста на еден објект, овозможувајќи тие да функционираат како едно, особено во летните денови. Ваквата кохезија на ентериерот со екстериерот максимално го искористува топлото време во овој дел од Калифорнија и големиот број на топли сончеви денови.

 Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл.инж.арх.

10_resize

12_resize

 

Испрати коментар

Scroll To Top