Насловна / Архитектура / Српската метропола ќе добие „Савски амфитеатар“ на вода

Српската метропола ќе добие „Савски амфитеатар“ на вода

„Београд на води“ е името на проектот за ревитализација, реконструкција и изградба на дел од просторот на град Белград наречен „Савски амфитеатар“. Овој простор долж десниот брег на реката Сава е издолжен, рамничарски и обрабен со ридови и височинки, што му дава изглед на амфитеатар. Оттаму доаѓа и името „Савски амфитеатар“. Во дваесеттиот век со изградбата на „Нови Београд“ и проширувањето на градот, овој простор, од околу сто хектари, се најде речиси во центарот на градот, запуштен и неизграден. Историјатот на неговото урбано планирање почнува во 1923 година и во разни варијанти на урбанистички планови и конкурсни решенија се развива сè до 2012 година. Во многу од предложените решенија се забележува тенденцијата за спуштање на градот кон реката, но до 2012 година ништо од предложените решенија не беше реализирано.

3
Проектот „Београд на води“ го почна Владата на Србија во соработка со инвеститор од Обединетите Арапски Емирати во 2012 година, кога е направен концепт за мастер-план, а договорот за изградба е потпишан во 2015 година со компанијата „Igl Hills Properties“.
Урбанистичкото решение предвидува изградба на околу два милиони квадратни метри градежна површина на простор од 177 хектари. Од тоа повеќе од еден милион квадратни метри е станбен простор, 750 илјади квадратни метри деловен простор, 620 илјади квадратни метри јавни содржини и 240 илјади квадратни метри зелени површни. Според договорот, Република Србија е сопственик на 32 отсто од капиталот, а „IglHillsProperties“ на 68 отсто. „IglHillsProperties“ одобрува и заем од 90 милиони евра за изградба на железничка инфраструктура и 40 милиони евра за експропријација на земјиштето. Вкупната инвестиција треба да изнесува 3,1 милијарди евра, а дефинираниот рок на изградба е триесет години.

4
Владата на Србија уредувањето на крајбрежната зона и проектот „Београд на води“ го утврди како проект од посебно значење за државата и за градот Белград, а потоа донесе и одлука за изработка на Просторен план на подрачјето за посебна намена (ПППН). Собранието на Србија усвои „lex specialis“ за проектот со кој ќе биде регулирана постапката на експропријација и издавање градежни дозволи. Динамиката на градење предвидена е да се одвива во четири фази:
Првата фаза опфаќа градежни работи во средишниот крајбрежен дел. Ќе бидат изградени четири деловни згради, најголем трговски центар во регионот, кула од 168 (122) метри висина, дел од хотелски комплекс, јахт-клуб и првите станбени објекти, пешачки променади, сообраќајници и пристапни булевари. Во оваа фаза беше предвиден пешачко-велосипедски мост преку реката Сава, но потоа изградбата на овој мост беше откажана.

7
Втората фаза предвидува уредување на просторот кај Бранков мост и просторот меѓу мостот Газела и Сајмиште. Овде е планирана изградба на повеќе станбени згради и реконструкција на згради кои се под заштита на законот.
Во третата фаза предвидена е изградба на централниот дел, во правец на Савска улица каде се сместени станбени и деловни содржини.
Четвртата фаза опфаќа изградба на станови и забавно-културни содржини. Предвидени се 45,584 м2 зелени површини, од кои парковски 23,463 м2.

Во целиот комплекс предвидено е да живеат 17.700 жители.
Градбата на првата фаза е во тек. Првите објекти, чија изградба почна во април 2016 година и треба да заврши до крајот на 2018, се две дваесеткатни станбени згради („BW Residences“) со висина од 72 метри, вкупна површина од 68 илјади метри квадратни и вкупно 296 стана.
Според проектот на бирото „Skindmor Owins Meril“ од Чикаго, таканаречената „Кула Београд“ почната исто така во април 2016 година, треба да претставува основен симбол на целиот зафат и на цела српска престолнина. Кулата со површина од 50 илјади квадратни метри треба да биде висока 168 (122) метри, да има 42 ката и паркинг на две подземни нивоа. Првите 22 ката се наменети за луксузниот хотел „Сент Риџис“, а над нив сè до 37 кат ќе бидат изградени луксузни станови. На 38 кат ќе се наоѓа ресторан, а на врвот видиковец. Кулата ќе биде поврзана со идниот трговски центар, а пред неа е предвиден голем пешачки плоштад.

bgd1
Изградбата на трговскиот центар „BW Galerija“ (2Po+Pr+2) почна во април 2017 година и е како една од централните точки на проектот. Ќе се простира на површина од 250 илјади квадратни метри од кои 93 илјади квадратни метри ќе бидат за издавање, со богата понуда на малопродажни објекти. Ќе располага со 3.700 паркинг-места, а со пасарела ќе биде поврзан со кулата Београд. Се предвидува центарот да има многу забавни содржини, кина, кафулиња, ресторани, со што би станал незаобиколна дестинација на жителите и посетителите на Белград.

8

Проектот предвидува голем дел од објектот да биде под масивна стаклена купола, а дополнително, делови од објектот преку големи стаклени површини ќе имаат отворен поглед кон реката Сава, со што сликата на овој трговски центар делува повеќе од атрактивна. Отворањето на трговскиот центар е најавено за 2020 година.
Почната е изградбата и на две станбени згради „BW Vista“ и „BW Parkview“, високи 82 метри, со 23 ката, а во најава се уште пет големи згради, две станбени и три деловни. Дополнително, проектот за новиот хотел „Бристол“ се најавува како ремек-дело на современиот дизајн. Почнати се градежни работи и по должината на целиот потег на променадата покрај реката Сава, на две нивоа со изградба на велосипедска патека и зеленило.

bgd2
За да се пристапи кон реализација на каков било план на оваа локација, и покрај тоа што просторот беше релативно празен и неизграден, беа неопходни обемни подготвителни работи и значајни инфраструктурни зафати. Неопходно е изместување на товарниот и патниот сообраќај, изградба на железнички друмски мост преку Дунав, дислокација на главната железничка и автобуска станица на друга локацијата, интервенции на објекти од топловодната, гасоводната и електроенергетската мрежа. Голем дел од овие работи се направени или се во тек.

6

На оваа локација моментално се активни пет градилишта на простор од преку милион квадратни метри. За изградбата на проектот ќе бидат вработени околу 25 илјади луѓе, а кога ќе биде завршен се очекува да се отворат 13 илјади работни места. Се проценува дека домашната градежна индустрија, која со години пропаѓа, би можела да добие една милијарда евра за изведувачки работи. Сè се тоа причини со кои се оправдува овој грандиозен потфат. Раководството на државата проектот го претставува како симбол на национална обнова по многу години политичка и економска криза и длабоки поделби.

5
Проектот „Београд на води“ претставен на макета, а подоцна и преку многу визуелни презентации и компјутерски анимации, на прв поглед фасцинира. Обемот на една нова футуристичка населба во срцето на Белград за 17.700 жители, само по себе наведува на восхит. Се добива впечаток дека тоа ќе биде една луксузна, елитна населба која обезбедува квалитет на живот по највисоките светски стандарди. Според изјавите на главниот проектант Алабар, следејќи го моделот на урбаниот развој на Дубаи, проектот „Београд на води“ навестува нов идентитет и некоја нова вредност на градот, но истовремено е инспириран од културата и историјата на Белград и со секој од проектите се настојува да се покаже почит кон локалното опкружување, архитектурата и традицијата.
Сепак, проект од овој вид не може да биде претставен само со компјутерска анимација, туку се потребни и технички и финансиски параметри. Проектот од самиот почеток го следат многу контроверзии. Тој ја подели стручната, политичката и деловната јавност. Најжестока во критиките беше Академијата на архитектите на Србија. Тие предупредија дека целиот проект е нестручно воден, му недостасува јавна расправа и потполно се исклучени претставниците на урбанистичко-архитектонската струка од процесот на планирање и реализација. Обврската за меѓународен конкурс за вакви зафати не е испочитувана. Расчистувањето и подготовката на теренот во случајот Сава маала и рушењето на улицата Херцеговачка, кон кои белграѓани негуваат носталгични и емотивни чувства предизвика бура од негодувања на струковите и граѓанските здруженија, како и на граѓанската иницијативата „Не да(ви)мо Београд“ (Името на иницијативата „Не да(ви)мо Београд“ претставува игра на зборови која во себе ги содржи пораките „Не го даваме Белград“ и „Да не го удавиме Белград“). Ова движење на граѓани во период од први мај 2016 година до 15 февруари 2017 година организираше осум масовни улични протести.

voda
Во 2014 година Српската академија на науки и уметности (САНУ) испрати забелешки на дваесет и две страници до Републичката агенција за просторно планирање, но сите беа отфрлени. САНУ цени дека ако нацрт-планот за проектот „Београд на води“ не се измени, тој ќе остане изолиран остров во центарот на Белград, тешко пристапен и едвај прооден и ќе предизвика сообраќајни проблеми и во другите делови на градот. Останатите нивни забелешки велат дека: станбениот и деловен простор од висока класа ќе биде пренаселен, со сериозни еколошки и социјални последици; помалите и средни трговски дуќани ќе бидат загрозени од изградбата на џиновскиот трговски центар; во комплексот нема доволно паркови и плоштади, а не е најсреќно решен ниту пристапот до реката и шеталиштето. Комплексот, поради кулата од 168 метри и солитери од 100 метри височина, ќе претставува огромен ѕид од стереотипна архитектура која ќе ги засолни историските знаменитости на градот и препознатливиот урбан профил на Белград. На планот му недостасува анализа за економско-општествена оправданост. САНУ наведува дека без сето ова неизвесноста е голема, а основно прашање е каква корист од сето тоа ќе има Србија и Белград.

21
Критики стигнаа и од еминентни професори, членови на Академијата на архитекти, меѓу кои и архитект-урбанист Бранко Бојовиќ. Тој смета дека со проектот е опфатен мал дел од Савскиот амфитеатар, кој се третира како фрагмент од вкупниот простор, што не е добро. Тој алармира дека некои од интервенциите предвидени во проектот битно го менуваат карактерот на текот на реката Сава, што ќе влијае на нејзиното користење како значаен пловен пат. Позицијата на кулата ќе предизвика пореметување на проточноста на водата.
Академијата на архитекти е најрепрезентативното здружение во Србија во доменот на архитектурата. Со декларација, едногласно усвоена во март 2015 година, Здружението се обрати до сите институции на Република Србија и Град Белград, на стручната и поширока јавност со барање за итно стопирање на проектот ,,Београд на води“, истакнувајќи дека проектот изобилува со низа прекршоци и злоупотреби и е во спротивност со јавниот интерес.

22
Не би можела да правам споредба со проектот „Скопје 2014“, бидејќи тоа е неспоредливо и во однос на обемот на архитектурата и урбанизмот и во однос на начинот на работа. Проекти со ваква големина не може да поминат без контроверзии. Но, мора да се забележи дела заедничко за двата проекта е што е нападнато централно градско подрачје и крајбрежната зона. Со „Скопје 2014“ прекршена е Повелбата на ООН за градба во крајбрежната зона, а со проектот „Београд на води“ прекршена е Декларацијата која во име на ООН ја донесе УНЕСКО, а која дава препораки како се чува и управува урбаниот пејзаж на старите градови. Во двата проекта, на сличен начин се заобиколени сите законски процедури во нетранспарентни постапки и исклучена е домашната стручна јавност.
Едно е сигурно, двата проекта на најексплицитен начин покажаа дека архитектурата и особено урбанизмот се исклучително комплексни домени, кои мораат на легален и транспарентен начин да се синхронизираат со социјалниот и општествен контекст во кој се случуваат. Притоа профитот не смее да биде основната водилка, туку одржливиот развој на заедницата.
Дали проектот кој ги подели граѓаните на Србија и предизвика бројни контроверзии ќе опстане – останува да се види, бидејќи, сепак, пред Белград и белграѓани остануваат уште 30 години градба.

Автор: ДУШАНКА ШУЛОВИЌ, дилп.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top