Деловна зграда од 38 ката во изградба во центарот на Менхетен беше евакуирана во понеделникот откако се деформирале носечките челични столбови, што предизвикало слегнување на повеќе катови и уривање на градежните материјали, соопштија властите на Њујорк.

Зградата била евакуирана околу 8:11 часот по локално време откако градежните работници забележале дека два носечки столба на 21. и 22. кат почнале да попуштаат, соопштија Полициската управа на Њујорк (NYPD) и Противпожарната служба на Њујорк (FDNY).

Пожарникарите изјавија дека дошло до деформирање на конструкцијата помеѓу 21. и 26. кат, пишува „Њујорк пост“, додавајќи дека причината за оштетувањето засега не е позната.
Сите градежни работници безбедно ја напуштиле зградата, а во инцидентот немало повредени.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека досегашните наоди укажале на постоење на сериозни конструктивни проблеми во објектот.
„Она што досега е утврдено е дека има конструктивни проблеми на зградата. Ги повикувам граѓаните кои се во непосредна близина да ги следат упатствата на надлежните служби. Не само оваа зграда, туку и околните згради, вклучувајќи го и блиското училиште, беа евакуирани и верувам дека овие мерки се оправдани во овој момент“, рече Мамдани.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија