Насловна / Архитектура / La Vallée Verte во Бордо замислен како мала урбана долина

La Vallée Verte во Бордо замислен како мала урбана долина

Архитектонската биро MVRDV од Ротердам го заврши станбениот комплекс La Vallée Verte во населбата Bastide Niel на десниот брег на реката Garonne во Бордо. Комплексот се состои од три станбени згради обликувани на сложена триаголна парцела, но неговиот главен адут е скриен од погледите од улицата – богато зазеленет внатрешен двор замислен како мала урбана долина.

 

Гледано однадвор, зградите изгледаат како прецизно поставени станбени блокови со закосени линии на покривот. Таквото решение не е избрано само поради експресивниот изглед. Аголот под кој се обликуваат краевите на покривите овозможуваат ниту еден објект да не фрла сенка врз соседниот, со што им е обезбедена на становите одлична изложеност на природна светлина.

 

Меѓутоа, вистинскиот карактер на проектот се открива дури по влегувањето во неговото средиште. Внатрешните фасади на трите блока се обликувани на таков начин што создаваат простор исполнет со дрвја, грмушки и различни видови растенија околу заедничкиот двор. Зеленилото се протега од приземјето до највисоките катови, додека становите се ориентирани кон внатрешната градина.

Секој стан има лоѓија отворена кон зеленото јадро на комплексот. Лоѓиите се опремени со жардиниери со различни големини, така што вегетацијата не е ограничена само на партерното уредување на дворот, туку станува составен дел од секојдневниот живот на станарите. Идејата на архитектите била да се евоцира амбиентот на природна долина во густото урбано ткиво, поради што различни растителни видови се распределени на катовите, слично на разновиден природен екосистем.

Одржувањето на вака обликуваниот зелен простор е решено на необичен начин. Меѓу лоѓиите има премини наменети за градинари. Вратите на тие премини се обликувани како силуета на човек со шапка, што буквално ја нагласува нивната практична намена преку архитектонски детаљ.

Winy Maas, основачки партнер на бирото MVRDV, оцени дека внатрешниот двор функционира како скриен свет, речиси издвоен од остатокот од комплексот. Според него, престојот во тој простор претсравува заедничко искуство за жителите и посетителите, бидејќи дури во него целосно се открива обемот на зеленилото и амбиентот што тоа го создава.

За разлика од некои други современи станбени проекти со интензивно зеленило, La Vallée Verte не се потпира на ефект видлив од градските улици.

На пример, комплексот Wonderwoods Vertical Forest во Утрехт е познат по своите 360 стебла и околу 50.000 автохтони растенија, кои се видливи и надвор од самиот објект. Во Бордо, пристапот е различен: зеленото јадро се открива дури кога ќе се помине низ комплексот.

Сличен принцип на затворен, пејзажно обликуван простор може да се најде кај проектот One River North во Денвер, каде што во зградата е всечен простор сличен на кањон исполнет со вегетација. Сепак, La Vallée Verte го развива тој концепт преку три одделни волумени и централен двор кој е директно поврзан со становите и нивните лоѓии.

Вкупната површина на трите објекти е 5.250 квадратни метри, а комплексот вклучува 70 станови. Проектиран е за различни профили на корисници, од поединци до семејства. На приземјето на еден од блоковите има и градинка со свој отворен простор, сместена во зелениот двор.

Положбата покрај реката Garonne барала посебно внимание при проектирањето на приземјето, со оглед на честите поплави. Становите на приземјето се подигнати на ниво на улица, така што, во случај на прелевање на реката, водата можеше да помине под зградите. Паркирањето е решено во блиска зграда, која исто така е издигната над нивото на теренот.

La Vallée Verte е дел од мастер планот Bastide Niel што MVRDV го изработи за преобликување на поранешната индустриска зона и областа на поранешната воена касарна. Планот ги утврдува правилата што домашните и меѓународните планери мора да ги почитуваат при проектирање нови згради во овој дел од Бордо.

Во согласност со насоките на генералниот план, комплексот вклучува голем број одржливи решенија. Поврзан е со заеднички систем на далечинско греење за населбата, дел од електричната енергија се обезбедува од соларни панели на покривите, додека порозните површини на парцелата овозможуваат дождовницата да се апсорбира наместо директно да се испушта во мрежата.

Така, La Vallée Verte, покрај изразитата архитектонска идеја, е и пример за станбена изградба прилагодена на климатските и урбаните предизвици на локацијата.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top