Насловна / Архитектура / „Шарена револуција“ – борба на креативната мисла против кичот

„Шарена револуција“ – борба на креативната мисла против кичот

СТАВ: Политичката ситуација во моментов во Македонија на сите нас добро ни е позната и за неа нема потреба повеќе да се зборува. Секој од нас, или барем така би требало да биде, има заземено страна која ја оправдува, брани и/или застапува. Праведно е кога во една вака комплицирана ситуција, луѓето заземаат страна.

Не е добро кога немо ги набљудуваме ваквите случувања, особено не е во ред доколку се сметаме за интелектуалци и од нас се очекува да бидеме креатори на интелектуалната свест, која е движечка сила на секое општество, па така и на нашето, земајќи ги предвид или занемарувајќи ги сите аномалии кои ги имаме во образованието и фактот што над 95% од матурантите се запишуваат на факултет, а процентот на студентите што завршуваат од година во година сè повеќе и повеќе расте.

Без оглед на целокупниот образовен систем, со сите свои недостатоци и предности, како и во секоја друга држава, така и во нашата, се очекува да излегуваат кадри кои се стручни и кои подоцна се креатори на сферата од општеството на која тие и припаѓаат.

Последниве десетина години во Македонија се добива чувство дека многу од кадрите кои се компетентни за одредената сфера, особено за архитектурата, урбанизмот и уметноста, се многу тивки. Без оглед дали нивната тивкост се должи на тоа што никој не им дозволува да дојдат до израз или пак се цензурирани, но очигледно е дека кадри кои се нестручни, некомпетентни и недоволно образовани се занимаваат со целокупното креирање на урбанизмот и архитектурата, а со тоа и со уметноста, особено во центарот на Скопје каде во најголем дел е сместен несреќниот проект „Скопје 2014“.

1-sarena-revolucija

Апсурдот на уметноста

Додека ние од книгите, во училиштата, на факултетите, на универзитетите учиме што е уметност и како таа се прави, создава, интерпретира и „консумира“, добивме власт која ги сруши сите светски познати принципи и целосно нестручни луѓе почнаа да се занимаваат со уметност, како последица само на тоа што припаѓаат на, според нив, „вистинската“ политичка страна. Со други зборови, политичарите почнаа да ги креираат уметноста, архитектурата и урбанизмот. Како резултат на оваа појава, почнаа да пристигнуваат реакции од големи светски уметници и архитекти, како и многу познати и светски признати факултети за архитектура кои најчесто со потсмев гледаа кон овој проект или пак со чудење им се обраќаа на своите архитекти, уметници и студенти, објаснувајќи им преку пример како НЕ треба да се проектира и гради во дваесет и првиот век.

Апсурдно е тоа што како проектанти на овој проект се најдоа неколку „владини“ архитекти и уметници кои очигледно се многу неедуцирани или пак за момент заборавиле на сето она што го учеле низ целиот свој живот како професионалци. Истовремено, целокупната стручна јавност, студентите, архитектите, професорите, беа обединети во оценката дека овој проект е лош од секој аспект, а особено од архитектонско-урбанистички.

4-sarena-revolucija

Реакции од надвор

Како по навика, власта не им верува на сопствените професионалци, архитекти, урбанисти и уметници, и целиот овој процес продолжи да го води до крај. Одобрен од неколку потпросечни „професионалци“, овој проект го здогледа светлото на денот, а со неговата актуализација почнаа да стигнуваат реакции и од најреномираните и најкомпетентните архитекти во светски рамки. Така, со свои зачудувачки изјави и со недоверба на сопствените очи, се изјаснија голем број архитекти преку новинската агенција „Дојче Веле“, бразилскиот архитект кој работи во Германија Педро Мореира, директорот на Венециското биенале Дејан Суџиќ, Нина Неделков, позната и призната архитектка од Берлин, како и еден од најголемите и најдобрите архитекти на денешницата, Норман Фостер кој живее во Лондон, а негови проекти се градат насекаде во светот.

Сите тие, а и многу други, го осудија овој проект кажувајќи дека грото од овие објекти се некаква копија, наведувајќи ја портата Македонија, Уставниот суд, голем број скулптури како „Бикот“, „Човекот што проси“, и многу други објекти и скулптури, но исто така не штедат зборови критикувајќи го и стилот во кој се гради овој проект, велејќи дека тоа е мешавина од стилови несоодветни ниту за ова место ниту за ова време.

3-sarena-revolucija

Признание за сопствените грешки

И покрај сите критики, како од домашната јавност така и од светската архитектонска елита, власта тврдоглаво го спроведе овој максимално кичест архитектонско-урбанистички проект кој нема никаква уметничка вредност во себе. Почнаа да се градат згради, споменици, фонтани. И самите „умови“ кои го смислуваа овој проект, почнаа да си ги забележуваат сопствените непромислености, грешки и аномалии. Во низата урбанистички грешки беше и најавената црква на плоштадот „Македонија“, која мораа да ја дислоцираат под притисоците од народот. Исто така, куќата на Мајка Тереза е еден од најкичестите објекти кој ги мами очите на архитектонските лаици, но истовремено не може да ги излаже изострените очи на секој архитект, кој уште на прв поглед може да забележи дека неговата климатизација е целосно заборавена при проектирањето, како и целосното несовпаѓање на ламинатот, во собата на Мајка Тереза, заедно со стариот креденец, маса и кревет, што треба да нè асоцира на нејзината автентична соба, во која, во секој случај, немало ламинат.1461346024951193

Не може а да не се спомене и „облекувањето“ на Прометеј, откако беше поставен, дислоцирањето на повеќе скулптури кои никако да си ја најдат својата финална позиција, најавувањето на Александар Македонски, а подоцна негово именување само како „Воин на коњ“, а сето ова е признание дека целокупниот проект е промашен и без никаква уметничка вредност, освен материјалната, која е огромна.

Вандализам, погрешно употребуван термин

Терминот вандализам е сè почесто употребуван во последните неколку недели и тоа од страна на власта и владините медиуми и нивните застапници. Сега, како вандализам се карактеризираат реакциите што се последица на „Шарената револуција“. Имено, на „тапет“ на Шарената револуција се најдоа бројни спорни објекти кои беа дел од проектот „Скопје 2014“. Реакциите на загрижени граѓани и медиуми стигнуваат секојдневно, бранејќи ги овие естетско-архитектонски кичови. Апсурдно е тоа што некомпетентни луѓе говорат за уметноста и ги споредуваат овие архитектонски промашувања со уметност, а истите тие не мрдаа ниту со малиот прст кога се сквернавеше Скопје.agencija_za_mediumi_ofarbana

Вандализмот, впрочем, може да се најде во проектот „Скопје 2014“ и буквалното сквернавење, уништување и непоправливо расипување на целокупниот архитектонско-естетски изглед на Скопје. Во екстремно краток период, Скопје го изгуби својот модернистички лик кој го доби после земјотресот и доби некој некарактеристичен лик кој само го нагрдува и ги брише сите траги, сите слоеви на културолошко-архитектонско наслојување на градот, кој беше пример за еден современ европски град. Скопје, со многу брзата „експанзија“ и изградба во последните неколку години, во желбата да се идентификува на некаков нов начин, сè подлабоко навлегува во замката на безличноста. Објектите што успеале да го преживеат катастрофалниот земјотерес во 1963-та и објектите што се изградени по земјотресот, зборуваат за една логична хронологија која би била вообичаена за секој жив град, кој расте, се развива и се обновува, секојдневно, тивко и полека. За разлика, пак, на оваа логичност, во последниве години сме сведоци на една брза изградба на градот во која не се води сметка за хронолошките, културните и естетските аспекти.

Вандализмот требаше и единствено може да се најде во „Скопје 2014“ поради сите негативни реперкусии кои ги предизвика, сите бришења на историски најважните архитектонски дела во Скопје по кои тој се идентификуваше, но силата на медиумите и силата со која располага власта не дозволуваат да дојдат до израз вистинските вредности во државата во целост.

Контрадикторност на „чуварите“ на уметноста

После сите политички случувања во последните неколку недели, протестите и т.н. „Шарена револуција“ се погласни, и почнаа да стануваат одредени „чувари“ на уметноста. Овие чувари на уметноста сега се згрозуваат од боењето на објектите од проектот „Скопје 2014“ во име на „уметноста“. Истите оние луѓе кои не гледаат уметност во ГТЦ, зградата на владата на Република Македонија, зградата на ЕВН и сите други објекти кои само кулисно се преслекоа во квази–барокни, кичести и неестетски фасади, погазувајќи ги уметничките и архитектонските вредности на едни од најголемите великани на архитектурата во историјата на Македонија, како големите Живко Поповски, Петар Муличковски и многу други, токму овие „борци“ за уметност сега реагираат повикувајќи се на истата.

Селективноста на нивните реакции е очигледна, а нивната неедуцираност и неукост доаѓа до израз со ваквите реакции, во погрешно време и упатени на погрешно место. Исто така, никој од нив не се запраша што му се случува на Скопје. На она модерно Скопје во кое секој модерен граѓанин на Европа би посакал да живее. На она Скопје на Кензо Танге на кое сите архитекти и урбанисти му се восхитуваа. Она Скопје за чии објекти се ангажираа најдобрите светски архитекти и истите работеа на меѓународните конкурси. Скопје кое сите ние го сакавме и учевме за архитектурата и урбанизмот токму од него, од нашето заедничко Скопје. Скопје на кое му го одзедоа најубавиот дел од кејот на реката Вардар кој е наменет за општа употреба и им припаѓа на сите скопјани и македонски граѓани.

Пишува: м-р Енис Хоџа, архитект

асистент на Архитектонски факултет при ФОН, Скопје

3 коментари

  1. Даниела

    Одличен текст! Браво

  2. Inspirativen tekst.Bravo .

  3. Да беше борба против кичот, ќе чуевме некаква алтернатива. Тоа нема.

    Да беа истите загрижени за архитектонската катастрофа што не има погодена во последно време, ќе се направеше нешто против транзиционистичката архитектура која го преплави Скопје, инвазијата на Водно, узурпацијата на тротоарите од коли и кафичи. Ни тоа го нема.

    Да го заболе некого за естетското деградирање во Македонија, ќе имаше некаква акција против уништувањето на секоја зграда со реклами, графити, тенди, еркондишни, надгардби, заградувања, и слични гето зафати. Но и тоа го нема.

    Единствено што има е една пимитивна хорда што фрла боја, уринира и дефецира каде што ќе стигне, и фрла бехатон коцки на полицајци.

    Да не се зафркаваме дека овде има некоја интелектуална подлога.

Испрати коментар

Scroll To Top