Насловна / Вести / Сè што се случува кај нас во суштина е урбан примитивизам и дилетантизам

Сè што се случува кај нас во суштина е урбан примитивизам и дилетантизам

Кога во некој град се чувствуваме пријатно и комфорно, значи дека објектите и архитектурата во тој град претставуваат вистински архитектонски дела. Значи дека тој е веќе уреден град и дека, како што во обичните домови животот нормално функционира, сложените активности во тој град се одвиваат нормално и хармонично доколку градот просторно-функционално и естетски е организиран.

Градот претставува специфична општествена организација во која доминираат економски, социјални, еколошки и просторни процеси, затоа е неопходно постигнување на консензус на развој на овие области за да се овозможи квалитетно живеење на неговите жители. За постигнувањето на целите на интегрален развој на градот Скопје се подразбира обезбедување на услови за развој на потребните развојни компоненти. Интегралноста на целите се поттикнува со развивање на врските меѓу компоненти за евентуален урбан развој на градот на економско, социјално, просторно и еколошко ниво.

Секој што патува низ Република Македонија може да види дека земјата е опфатена со масовно хаотична изградба на објекти која го деградира урбаниот простор. Тоа може да се види секаде низ државата и околу населбите во периферните области, надвор од централните градски подрачја. Во приградските населби рапидно расте урбаниот хаос, неконтролината и непланската изградба, која во суштина претставува вистинска закана за животната средина. Кај тие диви населби има обрт на средства, а властите немаат никакви информации за тие пари.

БЕЗ КОНКРЕТЕН ОДГОВОР И БЕЗ ДОЛГОРОЧНА СТРАТЕГИЈА

Хаотичната изградба на објекти во населбите и околу населбите во Република Македонија слободно може да се види во секој град, село и општина. Локалните власти ја префрлаат вината едни на други, без конкретен одговор и без долгорочна стратегија за евентуално решение на хаотичната изградба со која е опфатена цела територија на државата.

Покрај многубројните закони за сопственост на земјиште и национализација, наместо сериозна промена во правниот и во политичкиот систем во Македонија, се лансира политика: легализација на дивоградби, која во суштина претставува повик за понатамошно бесправно градење. Притоа има големи попусти при наплата на комуналните трошоци, а легализацијата на објектите претрпе голем неуспех.

Во политичкиот и во правниот систем во Република Македонија до денес не се знае кој ја води урбаната политика, дали државата, односно централната власт преку министерствата како што се: Министерство за транспорт и врски, Министерство за животна средина и просторно планирање или Министерство за економија. Како што во централната власт не знаат, така на локално ниво Дирекцијата за катастар и други кои имаат директна одговорност за управување со земјиштето, наместо да заземаат активна улога, а не пасивна политика за управување со земјиштето за долг временски период се занимаваат со фискализација, која нема концепција со урбанистичката политика и со управувањето со земјиште.

Наместо функција главен урбанист, се зборува за воведување функција главен архитект, која не игра никаква улога и нема влијанија во приградските населби, каде што локалното население продава свои парцели од земјиштето за најразлични урбани функции, менувајќи ја на тој начин формата, функција и структура на македонските градови и села пред очите на локалната власт.

Политичкиот и правниот систем произведуваат директна и хаотична политика во урбаниот простор. Тоа може да се промени со промена на законите, каде што треба да се земе предвид меѓународното искуство во оваа област.

Урбаниот простор се дефинира како матрица на улици, парцели, примарна урбана изградба, односно одредени урбани функции. Не може да се гради град на земјоделски парцели, без оглед на тоа како може тие да се поделат. Во просторот на земјоделските парцели може да има само имитација на град, периферијата околу градот Скопје е најдобар пример за тоа. Периферните зони околу градот Скопје покажуваат дека парцелацијата на нивите и градењето на тие ниви не произведува град, туку супстандарден простор, кој никогаш нема да биде град, ниту ќе ги задоволи основните параметри за функционирање на еден град. Може само да биде простор кој никогаш нема да може да се вклопи во градот. Најдобар пример за тоа се уличните профили во тие зони, кои никогаш нема да може да задоволуваат сообраќајни функции, исто така не може тие улици да бидат дел од градската инфраструктура и коридори, односно од комуналната просторна инфраструктура.

Во државите на Европската Унија и во источноевропските земји, владите воспоставиле ред за надлежноста на просторот, како што се планирање, функција и изградба, тоа е сосема обратно од оно што ние го имаме како процес и користењето на простор. Сè што се случува кај нас во суштина е урбан примитивизам и дилетантизам.

За оптимален развој на секој град во Република Македонија, односно за плански развој, потребни се валоризација на просторот, потенцијален развој на градовите и редефиниција на политиката на земјиштето од правниот и од политичкиот систем. Овие фактори треба да бидат основни елементи и методологија на планирањето на територија и развој на населбите под законска регулатива.

Оттука произлегува основната урбанистичка политика дека градот не е збир на сектори, туку голема социјална и техничка синтеза. Градот е сложен социјален и технички систем, потребен е прецизен, координиран, интердисциплинарен труд и организација по две хоризонтали: мора да се решаваат проблемите кои се појавуваат денес, а истовремено мора да се мисли во иднина за идните генерации, за да може градот да функционира на одржлив начин.

СКОПЈЕ ГО ИЗГУБИ СВОЈОТ ИДЕНТИТЕТ

По многу години анархија и бирократија градот Скопје ги изгуби својот идентитет, физиономија и урбаниот облик. Тоа, за жал секогаш се оправдува од градската власт со недостиг од финансии, но во суштина се работи за незаинтересираност на градската управа да се занимава со она што е општо добро и многу корисно за градот. Тоа е јавниот простор, кој е најмногу девастиран, а во изградбата на населбите и урбанизацијата на територии во градот функционира урбан хаос. Ќе наведам некои проблеми.

Спонтаното градење на другата страна на реката Вардар создава вештачка бариера меѓу двата дела на градот. На градот му треба планирање што треба да ги опфати сите нивоа од генерално до детално планирање, тоа претставува основа за одредување на услови за изградба на групни и поединечни објекти од инфраструктурен карактер. Тука треба да се спомне дека слабата и несоодветна градска инфраструктура на Скопје на сите нивоа, создава ситуација од којашто тешко може да се излезе. На вакви формирани услови следува и треба да има инженерски одговор.

ПРОБЛЕМОТ Е МНОГУ ПОГОЛЕМ ОД НАПЛАТА НА ПАРКИНГ-МЕСТО

Решавањето на паркирањето во градот Скопје не е едноставно, но треба стручно да се реши. Проблемот е многу поголем од наплата на паркинг-место во гаражите или на отворени паркинг- простори и тоа голем дел регулирани по тротоари. Политиката за решавање на паркинг во Скопје треба да биде дел од стручно и долгорочно водење на урбанистичка политика. Но, треба да биде јасно дефинирано дали се тоа дел од обврските на Владата на Република Македонија или на градската и општинска управа и кои експерти треба да ја водат таа политика.

Калето на Скопје е симбол на градот и претставува јасна слика од минатото. Како последица од изградбата на објекти од капитален карактер, долж реката Вардар на граѓаните и на посетителите им се затскри погледот кон Калето. Голем број архитекти, домашни, од регионот и од странство кои го посетиле плоштадот, имаат стручна порака и мислење, дека плоштадот на Скопје не смее да биде оптоварен со објекти, а како последица на тоа се смени сликата за модерен град.

Кога станува збор за поплочување тротоари и пешачки површини досега има многу мал број на реализации според стандарди и архитектонски решенија. Затоа е особено значајно Град Скопје да покрене иницијатива да го уреди јавниот простор според највисоките архитектонски решенија. Прв и најважен приоритет треба да биде паркинг-просторот во централното градско подрачје, второ – изготвување и реализација на проект на пејзажна архитектура на градот, а трето треба да бидат на функции архитекти и урбанисти со богато и научно искуство за да може под нивното управување да има добро реализирани урбани архитектонски решение на јавниот простор и воспоставување на темелите на урбаната политика на општините и на државата воопшто. Само така може да се создава нов визуелен идентитет на градови, села и општини во Република Македонија, што ќе биде динамично, колоритно, функционално осовременување и едноставно еколошко одржување. На нашите градови, села и општини во Македонија им треба архитектура и добри архитекти.

Изгледа дека најмногу сме заборавиле на занаетчиските уметности и сме изгубиле ритам во следењето на технологијата. Политиката за санација на улиците и тротоарите и непланската реконструција на населбите од нестручни лица не дава никаков позитивен ефект во естетско уредување на просторот, туку претставува вистинска закана за иднината на урбаниот простор.

Можам да разберам дека граѓаните се изненадени од ситуацијата која произлегува од недоволни познавање на проблемите од областа на урбаниот развој и урбанистичката политика, но не е нормално овие непогоди од ваков размер и интензитет да се изненадување за функционерите од градската управа. Но во последните дваесет години именувани луѓе за управување на различни општини, села, градови, градските совети, некои имаат и школска подготвеност и статус во различни струки од областа на урбанизам, а не знаат ништо.

Додека во суштина голем број на функционери немаат потребно и соодветно образование, ниту имаат градителско знаење, не се способни да го осознаваат и запознаваат урбанизмот како наука, градските урбани проблеми и функционирањето на голем град како пракса.

Затоа ништо не треба нас да не изненади како општество кое има ниско ниво на урбана свест, но ние некој ден ќе сфатиме што треба да направиме и како треба да се однесуваме и тоа да не биде на наша штета. Дотогаш многу време ќе помине и многу нешта во македонските градови и села ќе бидат урбанистички деградирани и невозможно е да се поправат долг временски период, а можеби и засекогаш.

Автор: проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top