Насловна / Вести / Зајакнување на свеста за сеизмичкиот ризик како основа за градење отпорно општество – едукативната кампања

Зајакнување на свеста за сеизмичкиот ризик како основа за градење отпорно општество – едукативната кампања

Земјотресите се една од најразорните природни појави, кои во своето многу кратко време на дејство може да предизвикаат катастрофални последици на општествените и на инфраструктурните капацитети, човечки жртви и големи материјални штети. Нашата држава генерално се наоѓа во зона со умерена до висока сеизмичност, со можност за појава на релативно чести и умерени, но и силни земјотреси. Бидејќи нивното евентуално настанување е неизбежно и непредвидливо, подготвеноста на општеството и на пошироката јавност за справување и заштита во случај на земјотрес е од суштинско значење. Ова вклучува развој на стратегии и планови за спасување и заштита, обучување на пошироката јавност за примена на безбедни постапки за заштита за време и по настанување на земјотресите, како и култура на градење на сеизмички стабилни градби.

Проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“ (ИСРА), финансиран од Европската Унија (повик: UCPM-2022-PP) има за цел да ја зголеми свесноста на институциите и на населението за сеизмичкиот ризик преку пренесување на сознанијата за последиците од силните земјотреси. Проектот го опфаќа пограничниот регион помеѓу Северна Македонија, Албанија и Грција, инаку познат по неговата висока сеизмичка активност, меѓу највисоките во Европа. Проектот го води Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје, Македонија, во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) од Скопје, Аристотел универзитетот од Солун, Грција, Фондацијата Еуцентре од Павија, Италија и Политехничкиот универзитет од Тирана, Албанија. Главната цел на проектот е да ја оспособи пошироката јавност со упатства за правилно постапување за време и по земјотрес, пренесувајќи сознанија на реномирани научни институции преку специфично креирани обуки и медиумски кампањи. Проектот приоретизира едукација на граѓаните со цел препознавање на веродостојни информации и идентификација на официјални, верификувани извори на кои може да се потпрат во случај на ваква природна катастрофа.

Проектните активности започнаа со анализа на постоечката состојба на јавната свест, преку анкети дистрибуирани кон специфични таргет групи од пошироката популација, меѓу кои владини и невладини организации, административни работници, наставници, ученици, здравствени работници, волонтери итн. Овие анкети резултираа во прибирање на потребни податоци за креирање и оптимизација на веќе успешни искуства и практики применети во поразвиените земји од ЕУ, прилагодени според спецификите на секој дел од пограничниот регион. Како краен продукт, беа подготвени едукативни производи, меѓу кои презентации, постери и брошури на четири јазици (англиски, македонски, албански и грчки) со цел користење во специјализирани едукативни кампањи. Овие кампањи беа спроведени во повеќе градови во регионот, со цел обучување на дел од различните таргет групи. Во финалната фаза на проектот, планирано е спроведување на дополнителни анкети и анализи, со цел обезбедување на параметри и показатели за постигнатите резултати во подобрување на јавната свест.

Во нашата држава, едукативната кампања беше спроведена во четири градови во пограничниот регион и тоа Битола, Дебар, Валандово и Гевгелија. Беа таргетирани по едно средно училиште и една здравствена установа. Притоа, во школите присутни беа ученици од повеќе возрасти, наставници и други училишни администратори, а во болниците разни медицински работници. Интерактивните презентации беа спроведени од страна на дел од наставниот кадар од ИЗИИС. За време на предавањата, до сите присутни беа дистрибуирани памфлети со клучни точки од едукативната кампања. Исто така, печатени постери со информации за проектот беа подарени на претставниците на училиштата и на болниците за изложување во нивните простории. Сите настани беа медиумски покриени од Институтот за комуникациски студии ИКС.

Едукативната кампања започна во Битола на 7.2.2024 год., и тоа во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ и во СОУ „Јосип Броз Тито“. Учесници беа повеќе од 30 медицински работници, вклучувајќи лекари, медицински сестри и административен персонал, како и повеќе од 35 ученици, 3 наставници и надлежни од средното училиште. Според импресиите на присутните за интерактивните презентации, како и споделените материјали во форма на памфлети и постери подарени на училишната управа и раководството на болницата, кампањата беше одлично прифатена. Освен од страна на ИКС, настаните беа медиумски покриени од локалната ТВ Тера, која ја пренесе веста до пошироката јавност.

Едукативната кампања продолжи во Дебар на 13.2.2024 год., во гимназијата „28 Ноември“ и во дебарската Градска болница. Притоа, учествуваа повеќе од 30 ученици, 1 наставник и надлежни од средното училиште, а во градската болница на презентациите присуствуваа раководството на болницата, дел од административниот персонал, лекарите и медицинските сестри. Институтот за комуникациски студии (ИКС) го сподели и промовираше настанот преку нивната веб-страница и на социјалните мрежи.

По завршување на предавањето во средното училиште дојде до интересна и плодна дискусија, која се покажа како интересна за сите присутни. Надлежните од училишната управа ја поздравија иницијативата за подарокот во форма на печатен постер со најважните сознанија од проектот, кои кога постерот ќе се постави во просториите на училиштето ќе бидат пренесени до поголем број луѓе. Во Градската болница во Дебар, персоналот беше многу љубезен и со голем интерес го следеше предавањето, а на крајот од настанот се водеше интересна дискусија со вработените, особено со најстарата медицинска сестра која се сеќаваше на големиот земјотрес во Дебар во 1967 год. И покрај тоа што градот Дебар се наоѓа во активно сеизмичко подрачје, од присутните беше потенцирано дека слични активности ретко се организираат, па затоа нашата иницијатива беше многу добро прифатена и поздравена.

Активностите на едукативната кампања завршија на 15.5.2024 со посетата на СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово и во Општинската болница во Гевгелија. Во кампањата учествуваа над 35 средношколци, придружувани од неколку наставници и училишни администратори, како и повеќе од 20 здравствени работници, вклучувајќи ги и директорот на болницата, лекарите, медицинските сестри и другиот медицински персонал.

И покрај тоа што двата града се наоѓаат во регион кој е подложен на сеизмичка активност, образовните иницијативи од ваков тип се ретки, па кампањата беше многу добро прифатена. Во текот на презентацијата беа споменати неколку историски сеизмички настани од овој регион, како што се земјотресите во Валандово во 1931 и во 1991 година. Нагласувајќи ја изложеноста на населението во овие области, презентациите успешно го проширија знаењето за земјотресите и промовираа соодветни заштитни мерки. Вклучените дискусии на крајот од секоја презентација се покажаа како корисни за сите учесници. Медиумското покривање на ИКС помогна во проширување на клучните поенти на кампањата преку нивната веб-страница и преку социјалните мрежи.

Повеќе информации за проектот и за тековните активности може да се добијат преку веб-страницата: https://civil-protection-knowledge-network.europa.eu/projects/isra

Автори: Наневска, А., Незири, З., Шешов, В., Богдановиќ, А., Бојаџиева, Едип, К., Стојмановска, М., Шалиќ-Макреска, Р., Ѓорѓиев, И.

Испрати коментар

Scroll To Top