Насловна / Градежништво / Саем кој претендира да го освои светот

Саем кој претендира да го освои светот

00
Единствениот град во светот кој се протега на два континента, градот на Босфорот, градот – мост меѓу Европа и Азија, град кој дише со несопирлив пулс, град кој чекори со милионските чекори по улиците, град кој се чини никогаш не заспива, град кој топло го прегрнува секој свој гостин – тоа несомнено е Истанбул! Метропола која плени, место во кое оживуваат сите бои на спектарот, сите звуци и мозаични камчиња од минатото, сите силуети на грандиозните џамии, место каде ветерот пишува историја шепотејќи ги тајните на древните историски зданија од Византион преку Константинопол до денешниот модерен Истанбул, место кое едноставно остава без здив. Град на контрасти кои ве освојуваат, спој на Истокот и Западот, точка на земјината мапа каде не само географски, туку и метафизички се спојуваат два света.
IMG_4363
Токму на оваа идеална стратешка точка на светската мапа, се најдовме и ние, претставници на „Порта3“, како учесници и посетители на еден од најголемите и најбројни саеми – Саемот за прозорци, врати, стакло и машинерија за производство, кој се одржа од 12 до15 март, во организација на саемската компанија TUYAP ISTANBUL. Како специјализирано архитектонско списание, ја имавме таа чест и задоволство да ја почувствуваме турската гостопримливост и да се претставиме пред пошироката јавност со свој засебен саемски простор-штанд.
PanoramaSaem
Овој саем зад себе има 15-годишна традиција и огромно искуство, кое му дава реномирано светско име, како една од најголемите средби на произведувачите и компаниите со нивните најнови асортимани на производи и иновации од областа на индустриите за прозорци, врати, стакло и технологиите за нивна изработка. ISTANBUL WINDOW и конкурентните GLASS EXPO ISTANBUL и DOOR EXPO ISTANBUL ги претставија водечките трендови на индустриите за прозорци, врати и стакло од евроазискиот регион со тенденција да го сплоти широкиот спектар на продукти од самите производствени процеси, машинеријата и необработените суровински материјали сè до готовите индустриски производи. Во поширок контекст, на саемски простор од 98.000 м2, во 12 саемски хали, беа претставени следниве асортимани:

1. ISTANBUL WINDOW:

  • Профили за прозорци
  • Компании за прозорци
  • Механизми за прозорци
  • Машини за производство на прозорци и додатоци
  • Системи за прозорци
  • Необработени суровински материјали
  • Фасадни системи
  • Инсолација
  • Алуминиумски и композитни производствени технологии, машинерија, производи, додатоци и специјални делови

2. GLASS EXPO ISTANBUL:

  • Производство на стакло и стаклени апликации
  • Машинерија за производство на стакло и производствени технологии
  • Дополнителни продукти
  • Хемикалии

3. DOOR EXPO ISTANBUL:

  • Производство на врати
  • Производство на додатоци
  • Технологии на врати
  • Кепенци, ролетни, панели, табли и останати делови

За концептот на Саемот, изложувачите и посетеноста, зборувавме со директорот на проектот TUYAP, Fatih Ozmert, кој специјално за читателите на „Порта 3“ изјави: „Саемот има 15-годишна традиција во континуитет. Оваа година го достигнавме максимумот, затоа што имавме најголем број на изложувачи, од 24 држави, 686 компании и нивни претставници, покривајќи една широка територија од држави како: Америка, Австрија, Белгија, Кина, Чешка, Египет, Англија, Германија, Грција, Холандија, Индија, Иран, Израел, Италија, Македонија, Малезија, Полска, Србија, Шпанија, Јужна Кореја, Швајцарија, Тајван, итн. Со бројките со кои располагаме го достигнавме второто место, веднаш зад Саемот во Нирнберг, Германија. Сега моментално располагаме со 98.000 м2 затворен изложбен простор, но за следната година планираме изградба на две нови хали – 13-та и 14-та, со што ќе добиеме заокружена бројка од 120.000 м2, што претставува сериозна бројка. Како наш примарен предизвик, претендираме да станеме саем на прво место во светот“.
IMG_4610
„Турција има една таква местоположба, во средината на Евроазија – центар кој поврзува многу држави, Русија, Кавказ, Балканот, Арапските држави, Африка. Во однос на Европа, најодалечената точка е три часа со авионска линија, па затоа најбројните посетители се токму од регионот. Податоците што ги имаме за ланскиот саем, 51.000 посетители од 91 држава, вклучувајќи ги Јужна Африка, Пацифик, Јужна Азија и Нов Зеланд, се значајни показатели за интересот што го предизвикува овој Саем“, истакна директорот на проектот, Fatih Ozmert.

Саемот ги соединува специјализираните водечки компании и малите и средните претпријатија, и навистина е тешко да се издвои некоја копмпанија посебно, а секако тука се и медиумските и едукативните институции со широката комерцијална мрежа на пазарите, вклучувајќи и бројни предавања и презентации. Тридневните настани беа вистинско шаренило од експонати и луѓе, со широки насмевки и отворени срца, исто како и гостопримливиот колоритен Истанбул. Големиот број на фирми, распоредени во 12 хали, понудија комплетен преглед на пазарот, нудејќи големи бизнис можности за посетителите и самите изложувачи. Шаренило од уникатни штандови, дизајни, впечатливи логоа, примамливи бои, промотивен рекламен материјал, катчиња за дружба и разговори со автентични специјалитети од храна, беа само дел од добро осмислената стратегија на секоја фирма за конкурентно примамување на повеќе посетители, потенцијални партнери и инвеститори.

Иако Саемот не доделува награда за најдобар дизајн на штанд, меѓу фирмите конкуренти можеше да се согледа огромен натпреварувачки дух за своја подобра презентација на саемот, што резултира со долга работа во осмислувањето на дизајнот на саемскиот штанд,  подготовки кои траат цела година однапред.

Во поглед на маркетиншкиот дел, за применетите маркетиншки стратегии и привлекување на нови пазари, зборувавме и со маркетинг менаџерот на TUYAP,  Murat Duzenli, кој за „Порта 3“, откри: „Лани направивме стратегија во која ја вклучивме Африка, па така и оваа година, како продолжение, наша стратешка цел беше токму афричкиот континент, како нов голем потенцијален пазар кој планираме да го освоиме, поради што бевме насочени кон силни промоции, претставување и работни ангажмани во тој регион“.

За крај, директорот Fatih Ozmert, за идните планови и предизвици конструктивно заклучи: „Од 2007 година па наваму, континуирано напредуваме, и во однос на посетители и во однос на изложувачи, така што речиси се доближивме до најпрестижниот саем кој се одржува на оваа тематика – Саемот во Нирнберг, Германија, кој е наша единствена конкуренција. Споменатата изградба на двете нови хали за 2015 година, се доволен предизвик сами по себе за да се наполнат, но еден вид на предизвик ни е и алуминиумскиот сектор, кој многу бргу се развива и зема широк замав во светот“.

По затворањето на Саемот, организаторите може да се пофалат со уште една неверојатна бројка на посетеност од 53.835 професионалци, покривајќи 5.846 интернационални посетители од 99 држави и 47.989 домашни посетители. Со надеж дека организаторите ќе ги исполнат своите очекувања и предизвици за наредната 2015 година, и дека пак ќе му се вратиме на овој прекрасно организиран саем и на динамичниот, колоритниот и полн со пулсирачки приказни, Истанбул, како ехо одѕвонуваат зборовите на познатиот француски поет и државник, Alphonse de Lamartine: „Ако на светот можеш да погледнеш само еднаш, тогаш погледни го само Истанбул. Таму Бог и човекот, природата и уметноста создале толку единствена глетка што навистина вреди да се погледне“.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top