Насловна / Вести / Презентирана студијата за заштита на парк-шумата Водно

Презентирана студијата за заштита на парк-шумата Водно

Град Скопје ја претстави ревидираната студија за валоризација на заштитетното подрачје парк-шума Водно.

“При изработката на студијата главниот акцент е ставен на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поедините видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. По првата јавна расправа оставивме простор претставниците на еколошките здруженија и претставниците на стручната јавност во рок од 30 дена да достават дополнителни коментари и забелешки на студијата, со цел да постигнеме оптимално ниво на квалитет на студијата која ќе овозможи ефикасна и сеопфатна заштита на природните богатства на Водно. Досега добивме исклучително вредни и квалитетни забелешки од Шумарскиот факултет, „Еко Свест“, „Го сакам Водно“ и советничката Драгана Велковска, кои внимателно беа разгледани од експертскиот тим кој работи на оваа студија. Дел од овие предлози и забелешки се веќе дел од новата верзија на студијата за која дискутираме денеска, а на преостанатите забелешки им беа подготвени одговори со аргументирани образложенија кои се однесуваат на нивната применливост“, рече градоначалникот Петре Шилегов на расправата за студијата.

Vodno-studija

Тој додаде дека самиот факт што вторпат се разговара за истата студија и се разменуваат мислења и аргументи со стручната јавност и со граѓаните го прави процесот на изработка на студијата инклузивен и транспарентен. Според него, сега е важно да се нагласи дека со оваа Студија ќе се создадат услови Водно да добие заштита од петта категорија што е соодветно за природните специфики на заштитеното подрачје, имајќи предвид дека шумата на Водно е антропогена (создадена од човечка рака), речиси без ретки растителни и животински видови.

“Кај петтата категорија на заштита шумата може да се заштити со одлука на Владата што ќе овозможи да се избегнат непотребните одлагања на процесот предизвикани од политичкиот контекст во кој живееме. Со други зборови, ќе може да се донесе одлуката од Владата пред формирањето на техничката влада, а особено пред распуштањето на Собранието заради претстојните предвремени избори. Студијата за која разговараме денеска се вика Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума „Водно“. Студијата е речиси готова и денеска разговараме за можните корекции во нејзината содржина, нагласи Шилегов.

Vodno-studija1

Тој додава дека паралелно со ова, неодамна бил распишан јавен оглас на кој е избран експертски тим кој треба да изработи Студија за туристичко-рекреативен центар Водно. “Вторава студија во никој случај нема да се коси со студијата за која разговараме денеска, туку напротив, ќе биде одлична рамка која преку прецизно утврдување на опфатот и начинот на заштита на шумата, ќе даде насока во кој правец втората студија смее да се движи. Втората студија има за цел да покаже дали има услови и доколку има, кои се најсоодветните локации за различните содржини со кои може да се збогати просторот за рекреација на посетителите, без притоа да се наруши животната средина на растителните и животинските видови кои живеат во шумата. На пример, втората студија ќе покаже дали има или нема услови за изработка на адреналинска патека или зиплајн. Доколку има услови на која локација може да се изведе? Доколку нема услови ќе имаме и стручно образложение зошто нема услови за тоа. Притоа, доколку студијата покаже дека има услови за изградба на некаква рекреативна содржина тоа не значи и дека веднаш ќе биде изградена, нагласи Шилегов.

Тој најави дека и за оваа студија ќе има јавна расправа, а јавноста ќе може да цени што е или што не е во интерес на граѓаните. Значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.

Шилегов, исто така, ги демантираше шпекулациите дека имале намера да бараат пренамена на средствата од Владата за пошумување на Водно за изградба на зиплајн и адреналински содржини. Вишокот средства кој ќе остане заради немањето толкав простор со поволни услови за пошумување, според Шилегов, треба да се искористи за создавање услови за поголема заштита на шумата.

Vodno

“Тие би можеле да се искористат за обезбедување соодветна опрема и инфраструктура која ќе обезбеди подобра заштита од пожари. За ова и за ред други работи во функција на заштита на шумата сум подготвен да разговарам со Владата и да побарам пренамена на овие средства. Она што помалку и го забораваме е фактот што веднаш по моето доаѓање на позицијата градоначалник преземавме мерки за поздрава животна средина и почист простор за спорт и рекреација со тоа што во голема мера го намаливме движењето на возилата за време на викендите и празниците на Водно преку воведување скапо зонско паркирање. Во истиот период им овозможивме на граѓаните бесплатни автобуски линии до средно Водно. Во летниот период преземаме превентивни, едукативни активности за елиминирање на појавата на шумски пожари. Особено внимание посветуваме на велосипедизмот и користењето на патеките од пешаците и од планинарите“, истакна Шилегов.

Водно, рече тој, е клучно за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје и квалитетот на животната средина, а оваа градска администрација е во целост посветена на подобрување на квалитетот на животната средина, за да се овозможат подобри услови за живот на сите.

“Оттука, сметам дека нема простор за загриженост дека нешто се прави несовесно и неодговорно, туку напротив има простор за разговор и дискусија со цел што поцелосно да излеземе во пресрет на она што заеднички ќе го дефинираме дека е интерес на жителите на Скопје“,  истакна градоначалникот Шилегов, на јавната расправа.

На јавната расправа присутни беа и Невладините организации кои изминатиот период гласно говореа против урбанизацијата на Водно.

vodno-gasovod1

Татјана Стојановска од невладината „Го сакам Водно” посочи дека имаат две главни забелешки на финалната верзија на Студијата за ревитализација на Водно. Првата, како што кажа, е намалувањето на зоната на заштита на Водно по препорака на експертите со образложение дека веќе е навлезено и е узурпирана оваа зона.

“Наместо да најдат начин да се забрани и казни она што е направено овозможуваат да се легализираат дивите градби“, изјави Стојановска. Втората забелешка, потенцираше таа е степенот на категоризација и оневозможувањето на Водно да има градби.

“Уште кога слушнавме дека Градот во соработка со УСАИД ќе изработува закон за Водно побаравме да биде легс специјалис и да ја заштити планината на соодветен начин. Потоа се предложи студијата која ние ја разгледавме темелно и имавме многу забелешки во предлог верзијата кои и официјално ги доставивме и добивме одговори кои не не задоволија. Финалната верзија е скоро иста како предлог верзијата, а нашите забелешки речиси воопшто не се прифатени и повторно остануваат“, посочи Стојановска.

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top