Насловна / Вести / Подводна „вселенска“ станица

Подводна „вселенска“ станица

Замислена како подводна верзија на Меѓународната вселенска станица осмислена е научно-истражувачка станица која ќе се наоѓа под вода. Проектот „PROTEUS“ е најголемата и технолошки најнапредната подводна станица досега изградена во светот и место кое треба да се справи со решавање на најкритичните грижи на човештвото. Планот е овде да се најдат најсовремени лаборатории и да стане простор за научници кои ќе работат подолг временски период. Околу овој зафат, собрани се експерти од различни области кои ќе се занимаваат со прашања од глобално значење.

svemir

Проектот што го објави Fabien Cousteau, првиот внук на Jacques-Yves Cousteau и Центарот за учење на океаните Фабиен Кусто (FCOLC) треба да ги унапреди истражувањата од областа на океаните. „PROTEUS“, дело на Ив Бехар и компанијата fuseproject, треба да овозможи откривање на нови видови морски животи, создавајќи подобро разбирање за тоа како климатските промени влијаат на океанот. Исто така, треба да овозможи тестирање на напредни технологии за зелена енергија, аквакултура и роботско истражување.

Објектот ќе зафаќа површина од 370 квадратни метри и ќе биде три до четири пати поголема од сите места од овој вид изградени досега. Во рамките на станицата ќе има и сместување за експерти, приватни компании, научници и невладини организации вклучени во истражувањето на океанот. Станицата може да смести 12 лица истовремено, за 30 дена. Фабиен Кусте вели дека „PROTEUS“ е замислен како прв во мрежата на подводни живеалишта, клуч за постигнување на значајни решенија за заштита на иднината на нашата планета. Ваквиот проект е неопходен затоа што предизвиците на климатските промени, зголемувањето на нивото на морето, екстремните невремиња и вирусите претставуваат огромен ризик за глобалната економија. Тој исто така додаде дека откриеното знаење под вода засекогаш ќе го промени начинот на кој живеат генерациите луѓе на копно.

svemir1

„PROTEUS“ ќе се наоѓа покрај брегот на Куракаа, во заштитеното подрачје на морето, на Карибите, на длабочина од над 18 метри. Изградбата треба да биде направена за да може да трае одреден број на години, со цел да се извршат потребните истражувања. Оваа платформа за истражување ќе овозможи напредок во науката и истражувањето на океанот, со акцент на создавање на големо влијание врз зачувувањето на океаните, употребата и унапредувањето на обновливата чиста енергија и одржливоста.

Врз основа на спиралниот концепт, структурата ќе биде прикачена на океанскиот под со помош на „нозе“ направени за да се прилагодат на променливиот терен. На главниот дел ќе бидат прикачени низа модуларни единици, што ќе овозможи да се додадат простории за разни намени, како што се лаборатории, спални соби, бањи, медицинско крило, системи за поддршка и складирање. Во рамките на најголемиот модул, ќе има пристаниште за подморници. Поврзани со спирална рампа, главните простори ќе бидат распоредени на две нивоа, вклучувајќи ја и дневната соба, кујната, трпезаријата и работната површина.

svemir2

Планирано е првата подводна стаклена градина да биде лоцирана во рамките на „PROTEUS“. Тоа ќе им овозможи на жителите да одгледуваат растенија за храна. Еден од најголемите предизвици е секако да се остане под вода подолг временски период и, соодветно на тоа, ќе бидат поставени централни простории кои овозможуваат физичка активност, социјална врска и професионална соработка. Покрај тоа, станицата ќе биде дизајнирана на таков начин што ќе собере што е можно повеќе светлина од прозорците, од горе и околу страните на зградата.

Испрати коментар

Scroll To Top