Насловна / Вести / Почнува постапката за реализација на проектот БРТ превоз во Скопје

Почнува постапката за реализација на проектот БРТ превоз во Скопје

Се остварува и надминува 4О години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот, согласно условите кои ги овозможува денешно Скопје, истакна скопскиот градоначалник, Петре Шилегов на денешното официјално потпишување на договорот за заем за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз во Скопје, заедно со министрите за финансии и транспорт и врски, Фатмир Бесими и Благој Бочварски, како и претставникот на ЕБОР и одговорен за Република Северна Македонија, Анри Аранитаси.

BRT-Skopje1

“Горди сме  што Скопје е првиот град на Балканот, кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за градот, туку и за целата држава. Скопје добива, брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен, што ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе го намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот“, изјави Шилегов.

Тој истакна дека екипи на Градот и ЈСП досега работеле на подготовка на техничката документација, додека идејното решение е веќе изработено од стручњаци од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и тоа ќе претставува основ за тендерската документација за набавката која се очекува да се спроведе во текот на летото.

BRT-Skopje

Министерот за финансии, Фатмир Бесими потенцираше дека со овој проект се овозможува директно да се одговори на предизвиците на модерното време. Според него со реализација на овој проект се овозможува побрзо да се стигне на работното место, како и од еден крај до друг, а се намалува загадувањето на воздухот и животната средина. Тој, исто така, истакна дека ЕБРД ќе даде заем од 70 милиони евра, од кои за финансирање на трасата исток-запад 47,6 милиони евра, и 22,4 милиони евра за втората траса од југ до север, а ЕБРД ќе даде и грант за техничка помош.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека брзиот автобуски превоз е нов градски сообраќаен систем преку кој  ја подобрува ефикасноста и економичноста на целата транспортна мрежа.

Директорот на  на ЕБОР и одговорен за Северна Македонија, Анри Аранитаси нагласи дека Градот Скопје ја има почнато соработката со ЕБОР уште во 2012 година кога банката го прими градот во нејзиното семејство на зелени градови.

BRT-Skopje2

“Од 2019 година ова е трет проект кој го помага ЕБОР, а тоа е набавката на автобусите на гас, изградбата на пречистителната станица во Скопје и овој најновиот за брз автобуски транспорт“, истакна Аранитаси.

Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка ои два терминали во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче.

Се очекува првата фаза од проектот да биде готова до крајот на 2024 година, додека во 2023 година би се спровела постапката за втората фаза . Целиот систем би бил подготвен  2024-2025 година.

 

Испрати коментар

Scroll To Top