„Крајниот морален тест на секоја влада е начинот на кој таа се однесува кон три групи свои граѓани. Прво, оние во зората на животот – нашите деца. Второ, оние кои се во сенките на животот – нашите сиромашни, нашите болни, нашите хендикепирани. Трето, оние во самракот на животот – нашите постари.“
Хјуберт Хамфри (1911-1978)
Потпретседател на САД (1965-1969)
Њујорк Сити, 13 јули 1976
Поттикнати од Неделата на грижата за старите лица во Северна Македонија (17-23 ноември 2025) и неодамнешниот пожар со трагични последици во Дом за стари лица во Тузла (4 ноември 2025), Босна и Херцеговина, веројатно со право можеме да се прашаме дали и во која мерка се заштитени од пожар корисниците на јавните и приватните установи за социјално згрижување на стари лица во нашата земја.
Според информациите достапни на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија на 17 ноември 2025 година капацитетот на јавните установи изнесува 676, а на приватните 1.828 легла, со тоа да во капацитетот на приватните установи не се направени корекции за оние што не работат или пак двете приватни установи, затворени во Скопје по неодамнешниот вонреден инспекциски надзор поради сериозни неправилности и злоупотреби.

Како и секогаш регулирањето на установите за згрижување на стари лица е сложена проблематика која е споделена помеѓу повеќе органи на власта во зависност од нивните надлежности, веројатно меѓу кои најважните (вклучително со евентуалните последователни измени и дополни) се и:
- „Правилник за нормативите и стандардите за простор. опрема, стручни кадри и средства потребни за основање и започнување со работа на установа за социјална заштита на стари лица“ (Службен весник на РМ, број 125 од 2015 година);
- „Правилник за стандарди и нормативи за проектирање“ (Службен весник на РМ, број 60 од 2012 година);
- „Стандарди и нормативи за проектирање на засолништа и заштита од пожари“ (Службен весник на РМ, број 60 од 2012 година);
- „Стандарди и нормативи при проектирање на објекти за инвалидизирани – хендикепирани лица“ (Службен весник на РМ, број 60 од 2012 година);
- „Правилник за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи“ (Службен весник на РСМ, број 231 од 2020 година); итн.
За жал прегледот на погорниве документи не укажува не некои специфични критериуми за заштита од пожар на установите за социјално згрижување на старите лица од пожар, по што веројатно може да се заклучи дека за нив важат општите правила за заштита од пожари. Се разбира, само експерт во доменот на противпожарна заштита може да коментира дали ваквиот пристап е најсоодветен.

ЗАБОРАВЕНАТА КАТЕГОРИЈА „G“ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?
Пребарувањата на интернет укажуваат и на постоење на „Правилник за мерките за заштита од пожар и експлозии“ (Службен весник на РМ, број 99 од 3 август 2017 година) во кои се укажува не некои од пропишаните мерки за заштита од пожари релевнатни за установите за социјално згрижување на стари лица. Така во Член 3 (6) се дефинирани објекти од категорија „G“ во која спаѓаат објекти со висина до 22,00 метри, како и објекти во кои „предстојуваат неподвижни лица, лица со намалена подвижност и лица кои не се во можност самостојно да се евакуираат (болници, домови за стари и немоќни лица, психијатриски установи, градинки, училишта и сл.)“. Разгледувањето на овој Правилник укажува на промовирање на значително подетални барања за противпожарна заштита за сите категории објекти вклучително со категоријата „G“. Така на пример, надворешна фасада на објект од категорија „G“ може да биде изработена само од градежни материјали со класа на реакција на пожарот на системот за надворешен ѕид од A2s1 d1, значи во најлош случај со ограниечено горливи материјали. Ова вообиачено би значело примена на топлинска изолација од минерална, камена или стаклена волна. Наспроти ова честопати користената топлинска изолација во земјата е од полистирен (стиропор) која е вообичаено од категорија F – запалив материјал (лесно запалив), а со примена на додатоци за намалување на запаливоста од категорија Е – запалив материјал (со голем придонес кон пожар).

За жал следењето на историјата на овој прогресивен Правилник којшто можел да ја унапреди заштитата од пожари во нашата изградена средина укажува на тоа дека иако бил донесен, всушност никогаш не почнал да се применува. Имено, според оргиналната објава овој Правилник требал да отпочне да се применува од 1 октомври 2017 година. Со измените на Правилникот (Служебен весник на РМ број 143 од 6 октомври 2017 година) одточнувањето на приемната било поместено од 1 октомври 2017 година на 1 јануари 2019 година, за потоа со допнителните измени (Службен весник на РМ број 243 од 27 декември 2018 година) отпочнувањето на приемната да биде поместено од 1 јануари 2019 година на 1 октомври 2020 година. Новиот, значително поедноставен, „Правилник за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи“ (Службен весник на РСМ, број 231 од 25 септември 2020 година) отпочнал да се применува на 26 септември 2020 година. Во новиот Правилник категорија „G“ или објекти во кои „предстојуваат неподвижни лица, лица со намалена подвижност и лица кои не се во можност самостојно да се евакуираат (… домови за стари и немоќни лица, …) изгледа дека веќе не се ни споменуваат.

Освен доколку не постојат дополнителни појаснувања и толкувања од Член 23 на Правилникот од 2020 година не е нај јасно како треба пожарно да се секторира еден објект за да се ограничи ширењето на пожарот. Дополнително според Член 25 од Правилникот безбедносни скали треба да се обзебедат кај објекти со приземје плус два или повеќе ката, од што произлегува дека за објектите со приземје и еден кат нема потреба од безбедносни скали. Од тука веројатно може да се постави прашањето како според Правилникот треба да се обзебди евакуација на лицата во случај на пожар кога без оглед на бројот на скалите во објектот, истите нема потреба да бидат безбедни што може да го овозможи пренос на оган и чад низ објектот.
Но каков е пристапот во други земји?
90 СЕКУНДИ
Како основен принцип на заштита од пожар во установите за згрижување на старите лица во Обедиенетото Кралство е правилото од 90 секунди. Ова е основниот временски период во кој сите лица којшто се наоѓаат во еден пожарен сектор треба да се евакуираат или во друг безбеден пожарен сектор или пак надвор од објектот. Продолжување на рокот на евакуација е нешто што мора да се земе во предвид при проценката на ризикот за пожар во објектот особено кога станува збор оние во кои се јавуваат неподвижни лица, лица со намалена подвижност и лица кои не се во можност самостојно да се евакуираат, а за коишто активности е потребно дополнително време и опрема. Со оглед дека вообичаено очекуваниот временски период за пристигање на противпожарното возило изнесува околу 10 до 15 минути, одговорноста за евакуацијата на корисниците во домот е во рацете на персоналот во домот, којшто по обавената евакуација во текот на првите 90 секунди треба да се грижат за своите корисници во безбедни зони во или надвор од објектот додека очекуваат против пожарната служба да пристигне и пристапи кон гаснење на пожарот.

Во подршка на овие определби во 2007 година Владата на Обединетото Кралство има изготвено „Дополнителен водич за Безбедност од пожари – Проценка на ризик: Начини на евакуација на лицата со попреченост“. Во рамките на овој документ пости матрица од проценка на применливоста на 30 начини на бегање за 10 категории на лица со попреченост во зависниост од тоа како попреченоста се искажува. Во овие 10 категории се прикажани најсоодветните начини за евакуација на лицата и тоа од оние коишто користат електрични инвалидски колички до оние коишто се соочуваат проблеми со користење на своите раце. Во однос на начините на евакуација се разгледани оние случаи во кои корисникот сам може да се евакуира со минимална подршка па се до оние случаи каде четири лица се потребни за да евакуираат едно лице, итн.
Според „Правилникот за нормативите и стандардите за простор, опрема, стручни кадри и средства потребни за основање и започнување со работа на установа за социјална заштита на стари лица“ (Службен весник на РМ, број 125 од 2015 година), минимално потребниот персонал во третата смена е:
- Во установа која сместува до 35 корисници: Најмалку ДВА вработени (1 медицинска сестра и 1 героното домаќинка);
- Во установа која сместува од 35 до 70 корисници: Најмалку ТРИ вработени (1 медицинска сестра и 2 геронто домаќинки);
- Во установа која сместува од 70 до 150 корисници: Најмалку ПЕТ вработени (2 медицински сестри и 3 геронто домаќинки).
Од ова произлегува дека до доаѓањето на против пожарната служба секој еден вработен во третата смена би требало да може да евакуира помеѓу 12 и 30 корисници од установата за социјално згрижување на стари лица (според британските очекувања во рок од 90 секунди!). На секој читател се остава да процени колку ова е реално очекување кога дел од нив ќе бидат вознемирени од аларамот, други ќе бидат со пречки во видот или нарушен слух, некои ќе бидат неподвижни во легло, при што дел од нив може да биде и на првиот кат и ќе треба да се евакуираат низ скали кој не се безбедни, а лифтот во објектот не може да се користи за време на пожар.

Од овие причини за да се помогне со евакуацијата на корисниците во установите за социјално згрижување на старите лица во Обединетото Кралство се користат различни мерки коишто треба да ја потпомогнат реализацијата на оваа цел и можат да вклучат:
- Во објектот се инсталира систем за систем за автомастко откривање и јавување на пожар од највисока класа според британските стандарди – што значи поставување на сензори во секоја просторија и помошна просторија на објектот, вклучително со таванските простории и сите шуплини како оние во спуштените плафони до колку ја надминуваат пропишаната длабочина.
- Во објектот може да се постават и системи за многу рано автоматско откривање и јавување на пожар. Тука станува збор за систем кој вшмукува примероци на воздухот во просторијата и ги анализира за да укаже на најраните можни знаци на пожар.
- Вообичано овие системи за автоматско откривање и јавување на пожар се проектираат со ескалирачки ниво на јавувања. Првото јавување најчесто е безвучно (тивоко). Преку системите со сигнални уреди за алармирање на потреба од помош до вработените се испраќа дојава со која им се укажува во која просторија е откриен можен пожар. По ова тие имаат мал временски период во кој што можат да проверат дали станува збор за вистински пожар во кој случај се вклучува и звучниот дел на алармот, а до колку станува збор за изгорен тост тогаш се поништива дојавата и алармот.
- Системи за автоматско откривање и јавување на пожар директно го јавуваат откривањето на пожарот до против пожарната служба преку 4Г мобилни сигнални уреди претплатени на две различни мобилни мрежи за да се обезбеди пренесувањето на алармот и во случај кога една од двете мрежи е падната.
- Како резултат на дојавата против пожарната служба испраќа најмалку две против пожарни возила.
- Во новите установи се вградува систем за автоматско гаснење на пожар вообичаено со резервоар за вода и хидрофори со резервно снабдевање со електрична енергија или преку дизел агрегат или пак преку батеријски системи за непрекинато напојување со струја, за да се обзбеди функционалноста на системот до колку нема доволно пристап до вода или пак притисок во јавната хидрантска мрежа, или пак нема струја во објектот.
- Сите скали во установата се проектираат како безбедносни, а во рамките на подестите на катовите се обезбедува простор за безбедено чекање на лицата со намалена мобилност. На овој начин се овозможува мобилните лица да се евакуираат првин, додека кориснинот со намалена мобилност и вработен во установата остануваат во просторот за безбедно чекање за последни да се евакуираат. Евакуација може да биде потпомогната со евакуациони столици, душеци, носила или слични системи. Во рамките на безбедното место за чекање мора да има комуникационен уред за да оние што чекаат можат да одржуваат контакт со тимот за спасување.
- Лицата со најмало ниво на мобилност, како оние коишто се во исклучиво во кревет или пак коишто пак најмногу користат количка се сместуваат во приземјето со можност за нивна евакуација во кревет низ балконската врата надвор од објектот. Се разбира ова подразбира да нема архитектонски бариери на евакуационата патека.
- Установата мора да изготви личен евакуационен план за секој корисник или вработен во објектот со посебни потреби.
- Катовите се поделени во пожарни сектори. Ова овозможува во случај на појава на пожар во еден сектор минимален број на лица да мора да се евакуираат во соседните безбедни сектори. Ова овозможува болнички систем на прогресивна хоризонтална евакуцаија да се применува од секторот со пожар во соседниот безбеден сектор на истиот кат. Како резултат на ова се избегнува вертилана евакуација освен во случај на многу проширен пожар во рамките на објектот.
- Во случај на вклучување на алармот за пожар сите врати мора автоматски да се затворат, а сите заклучани врати автоматски да се отклучаат, итн.

До колку се вратиме на моралниот тест на Хјуберт Хамфри, можеби пожарот во дискотекта „Клуб Пулс“ во Кочани од 16 март 2025 година и пожарот во модуларната КОВИД 19 болница во Тетово од 8 сепетември 2021 година давата некаква индикација за нашето однсеување кон оние „во зората на животот“ и „во сенките во животот“, а пак неодамнешното затворање на два приватни домови за стари лица во Скопје пради сериозни неправилности и злоупотреби и кон оние во „самракот на животот“. Сепак со добра воља, севкупна подршка и анагажман веројатно постои можност да се избегне слична катастрофа на онаа во Тузла или на било каква слична идна катастрофа кај нас.

Според Член 8 од Уставот на Република Северна Македонија: „Темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се:
- ….
- слободата на пазарот и претприемништвото:
- хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
- …“
Вројатно стручно правно лице може да протолкува дали сите темелни вредности во нашиот Устав се со истина тежина или пак нивниот значај зависи од местото коешто го завземаат во листата.
Со изрази на длабоко сочуство кон смејставата и пријателите на починатите во овие трагедии и со желби за побрзо и подобро оздравување на повредените во истите.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија