Насловна / Арт и дизајн / Општеството што верувало дека формата може да ја преобрази стварноста – Порцеланови луѓе

Општеството што верувало дека формата може да ја преобрази стварноста – Порцеланови луѓе

На 10 ноември во Ликовниот салон при Народниот музеј Велес, беше претставена изложбата насловена „Порцеланови луѓе – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ Титов Велес – 1954-2003“. Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева-Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографии е Александра Костадиновска.

Промотор на изложбата и на проектот беше проф. д-р Кирил Пенушлиски. Проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура – Архифакт -Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен Архив на РСМ -подрачна единица Велес. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.

ПОРЦЕЛАНОВИ ЛУЃЕ

На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и  цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, се обидовме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката Југопорцелан од Титов Велес, бидејќи таа претставува не само  индустриски, туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет. Ги претставивме уметничките биографии на дизајнерите уметници – Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева-Тодоровска, Благородна Николова и др. кои во периодот од 1955 год. до крајот на 1990-тите биле дел од Декорното, односно подоцна од 1971 година Дизајнерско одделение на фабриката.

Индустрискиот дизајн не претставува само производствена дисциплина, туку и културен документ – огледало на времето и идеалите на едно општество во кое формата и функцијата, идеологијата и естетиката, технологијата и човекот постојано се преплетуваат. Токму од оваа свест произлегува идејата за создавање релевантна колекција на порцелански предмети од фабриката „Борис Кидрич“ – Титов Велес, која ja претставува не само како индустриски, туку и како културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет.

Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина, туку симптом на една поширока културна состојба – на „невидливоста“ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години. Идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција, но истовремено ја потиснувала личната приказна – онаа што подоцна ја создава историјата.

Недостигот од пишани траги за авторите, институциите и технолошките процеси го разоткрива двојниот лик на социјалистичката модернизација: помеѓу идејата за напредок и ограничените ресурси, помеѓу утопијата и реалноста на секојдневието. Предметите што останале, денес не зборуваат само за функцијата, туку и за етиката – за стремежот кон убавина во рамките на рационалното, за редукцијата како визуелен и идеолошки јазик на едно време што верувало во дисциплината на формата. Индустрискиот дизајн, по својата природа, не припаѓа на бинарните спротивставувања меѓу реализмот и апстракцијата; тој е медијатор меѓу уметноста и животот, меѓу идејата и материјата, меѓу утопијата и производот. Во таа медијаторска позиција се открива и неговиот демократски потенцијал – можноста да влијае врз секојдневието, создавајќи хармонија меѓу технологијата, општеството и човекот.

Од Вилијам Морис, преку Баухаус и Улмската школа, до нашите локални фабрики, се пренесува истата мисла: дека убавината не е привилегија, туку право. Во оваа перспектива, предметите без потпис, но со силно присуство, денес ги читаме како сведоштва за една идеја што верувала дека колективната креативност може да ја обликува иднината.

Токму затоа проектот „Развитокот на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан „Борис Кидрич – Титов Велес“ произлезе од свесноста дека истражувањето на индустрискиот дизајн од времето на социјалистичката модернизација претставува потрага по исчезнати траги: фрагменти од архиви, избледени фотографии, производи без автор, но со јасен идентитет.  Идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и на секое зачувано сведоштво.

Истражувањето започна како навидум едноставна мисија – да се пронајдат уметничките творби на „уметниците во индустријата“ од фабриката „Југопорцелан“ во Титов Велес – но многу брзо се претвори во археологија на исчезнати знаци. Оскудноста на архивските податоци создаде чувство на беспомошност, но истовремено и поттик за премин од институционалното кон теренското, од документот кон усната историја. Средбите со уметниците Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Сута Тодорова, Сузана Зафировска, Благородна Николова и Гавро Петрушевски – поранешни вработени во Дизајнерскиот оддел на „Порцеланка“ – ја вратија живоста на истражувањето. Нивните сведоштва, иако фрагментарни, се исполнети со љубов кон материјалот и со тивка гордост кон едно време во кое уметноста и индустријата беа сојузници, но и со тага за уништената иднина на фабриката и на градот. Во 2003 година повеќе од три илјади работници останаа без работа и без исплатени плати повеќе од четириесет месеци – траума што уште еднаш ја потсетува јавноста на човечката цена на економските и системските промени.

Нивното повторно вклучување во рехабилитацијата на сликата за работата на Дизајнерското одделение овозможи да се идентификуваат авторствата на поединечните порцелански предмети и да се согледа грандиозноста на трудот вложен во производствениот процес на овој индустриски капацитет.

Потрагата продолжи низ напуштениот простор на фабриката – низ урнатите хали, расфрланите документи, уништените гипсени калапи и испукани чинии. Средбата со девастираната архитектура на трудот беше болна, но и преобразувачка: од „руини на производството“ почна да се раѓа „порцеланова археологија“.

Секое парче, секој фрагмент стануваше носител на меморија. Истражувачкиот процес, во кој се вклучија неколкумина ентузијасти, се претвори во колективен чин на реконструкција – чин што ја повторува истата идеја што некогаш ја водела фабриката: заеднички труд, заедничка убавина. Денес, благодарение на нивниот ангажман, фрагментите се враќаат во својот контекст; од „демоде“, предмети се преобразуваат во културни артефакти – сведоштва за една социјална и естетска филозофија.

Како во парадокс, токму преку отсуството на потписот се појавува колективниот лик на дизајнерот – ликот на порцелановите луѓе. Тие не се само работници, мајстори или моделари и декоратери, туку носители на една историска мисла: дека убавината може да биде создадена во заедништво; дека естетиката може да биде општествена категорија; дека трудот е етичка вредност.

Денес, кога ги гледаме предметите од „Порцеланка“, не ги гледаме само како материјални остатоци од едно минато, туку како огледала во кои се рефлектира идејата за достоинството на трудот, за убавината на секојдневието, за општеството што верувало дека формата може да ја преобрази стварноста. Нивниот сјај, избледен, но непотиснат, зборува за човечката истрајност – за вербата дека секоја форма, секоја линија и секоја чинија претставува сведоштво за духот на дизајнот што, со или без потпис, има своја душа.

Со особена благодарност до сите кои со ентузијазам и про боно работа го направија можен овој проект и ја оживеаја приказната за „Порцеланка“: авторите на овој труд – Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска и Екатерина Намичева; нашата незаменлива поддршка Ѓоре Дамјановски; Тања и Срѓан Ристиќ од Зајечарската фабрика за порцелан; фотографката Александра Костадиновска; конзерваторките Дафинка Алексова и Ема Петрова; Киро Велков од Кинотеката на Македонија; Михаил Намичев – едитор на видеоматеријалите; Маријонка Ѓорѓиева, која ја донираше збирката фотографии на нејзиниот сопруг Љубомир Ѓорѓиев, новинар во фабриката „Порцеланка“ и уредник на месечникот „Керамичар“; Ангел Коруновски, кој го направи Народниот музеј Велес да го чувствуваме како дом; бројните старинари, особено Анѓел Јаневски – нашиот теренски трагач по предмети; донаторите и жителите на Велес, кои со својата меморија, гостопримство и човечност помогнаа да се реконструира макар и мал дел од еден запоставен универзум на трудот, убавината и колективниот дух наречен „Порцеланка“.

Особена благодарност се изразува и кон Дејан Атанасовски, директорот на Комерцијална банка – филијала Велес, за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија.

Постојат луѓе кои паметат – и токму благодарение на нив, сеќавањето станува чин на отпор кон заборавот. Без сеќавање, не постои целосна човечка личност, ниту целосна културна историја.

КУЌА НА ПОРЦЕЛАНОТ – ФИЛИП ФИДАНОВСКИ

Паралелно со истражувачкиот дел од проектот, уметникот керамичар Филип Фидановски создаде  модерно видување на дизајните на фабриката Југопорцелан, кои беа претставени на изложба од скулптури и инсталации во простор насловена  „Куќа на порцеланот“ која беше поставена во Фоајето на „Театар Џинот“ во Велес. Куратор на изложбата беше Јасминка Намичева.

Оваа изложба во контекст на современата македонска уметничка сцена, е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија каде фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво. Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината.

Со изложбата, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде што документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла. „Куќа на порцеланот“ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија.

Автор: Јасминка НАМИЧЕВА, дипл. инж. арх.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top