Поранешната пиварница FIX во Солун претставува еден од клучните индустриски комплекси во историјата на градот. Изградена кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, фабриката била сместена на стратешка локација веднаш до пристаништето и железницата, во областа што тогаш била индустрискиот столб на западниот брег.
По престанокот на производството во втората половина на 20-тиот век, комплексот останал запоставен со децении, но задржал силна симболична и архитектонска вредност, поради што денес се смета за еден од клучните потенцијали за урбана регенерација на Солун.

Прославеното архитектонско биро Foster + Partners неодамна претстави мастер план за реновирање на оваа пиварница во Солун, кој предвидува мешана зона со станбени, угостителски и културни објекти. Инвеститор е компанијата Dimand, а идејата е да се создаде „урбана регенерација на овој пристанишен град“.

Јавни простори обликувани низ пејзажот
Мастер планот вклучува и јавни простори обликувани низ пејзаж и мрежа од патеки што овозможуваат приоритетно движење за пешаци и велосипедисти. Планот е да се задржат постојните индустриски структури и да се адаптираат така што тие ќе бидат организациски точки на развој, формирајќи нови рути, јавни плоштади и просторни целини.
Целокупната концепција има за цел да ја зајакне поврзаноста помеѓу брегот, околните квартови и културната инфраструктура на градот. Со организирање нови интервенции околу објектите од културното наследство, историската структура станува основа за современи урбани функции.

Материјалните и обликовни референци на пиварницата од 19 век влијаат и на конзервацијата и на новата градба. Така, тули, видливи бетонски сводови и индустриски профили на прозорци се појавуваат низ целиот проект, создавајќи врска помеѓу минатото и идното користење на локацијата.
Овие елементи насочуваат адаптивното повторно користење на постојните сали, како и обликувањето на нови објекти. Овој пристап ја нагласува улогата на архитектонската меморија во обликувањето на населбите со мешана намена, а во исто време се прилагодува на потребите на домувањето, културата и угостителството.

Плоштад поврзан со две нови згради
Централниот плоштад го формира главниот јавен простор, кој е дефиниран со зеленило, засенчени површини и воден елемент. Плоштадот се поврзува со две нови згради: хотел со тераси со поглед на јавниот простор и станбен блок проектиран да фаќа погледи на морето.
Растенијата се интегрирани во фасадите на зградите преку вовлечени тераси и кровни градини, така што јавниот пејзаж „се искачува“ на по катовите, објаснија од Foster + Partners во соопштението.

Поранешните индустриски згради ќе бидат наменети за галерии, музејски содржини и угостителски објекти, што ја прави локацијата нов културен центар на градот.
Низ целиот проект, односот помеѓу внатрешниот и надворешниот простор е нагласен со засводени тавани, длабоки тераси и преодни зони кои обезбедуваат сенка и заштита од временските услови.

Реинтерпретирани историски елементи
Историските елементи како што се фасадите од тули, лачните отвори и сводестите конструкции се реинтерпретирани за да се создаде уникатен архитектонски израз.
На овој начин, предлогот го сместува наследството во современ урбан контекст, придонесувајќи за поширокото поместување на Солун кон адаптивно обновување, одржлив развој и реактивирање на поранешните индустриски локации.

Проект на 2,5 хектари
Досега, точниот распоред за извршување и завршување на работите не е објавен, бидејќи проектот на 2,5 хектари моментално е во фаза на урбанистичко планирање и подготовка за изградба, со очекување дека трансформацијата на целиот простор ќе трае неколку години.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија