Насловна / Арт и дизајн / Нада Прља ќе ја претставува Македонија на 58. Биенале на уметноста во Венеција

Нада Прља ќе ја претставува Македонија на 58. Биенале на уметноста во Венеција

Република Македонија на претстојното 58. Биенале на уметноста во Венеција, годинава ќе ја претставува уметницата Нада Прља со проектот „Субверзија во црвено“, кој на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност на Министерството за култура го предложи Музејот на современата уметност од Скопје.

нада1
Во определениот рок на Конкурсот пристигнале уште три проекта: „Мирисот на лебот“ од Нехат Беќири зад кој застанала Националната галерија на Македонија, „А-Reaction“ од Марија Павловска и Музеј на град Скопје и самостојниот проект „Че биде“ на Игор Јосифов.
Комисијата во чиј состав биле професор Мирко Вујисиќ, професор Тони Васиќ и Имер Бајрами го издвоила „проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на 58-то Венециско биенале „Да се живее во интересни времиња“ што ја иницираше уметничкиот директор на манифестацијата и директор на лондонската галерија Хејворд – Ралф Ругоф. Таа, исто така, „ги зела предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена“.

нада3
Комесар на настапот на Република Македонија на 58-то Биенале во Венеција е Мира Гаќина, кустос на проектот Јованка Попова , кустос-соработник Тевж Логар од Словенија ( кој, патем, пред три години беше кустос на изложбата на уметницата Јасмина Цибиќ во словенечкиот павилјон), а во тимот е и концептуалниот уметник и активист за човекови права Артан Садику.

нада4
Нада Прља е визуелна уметница, дипломирала на Ликовната академија во Скопје и магистрирала на студиите по филозофија на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Таа делува користејќи неколку различни медиуми, како инсталации, видео, проекти во јавен простор, притоа занимавајќи се со темите на нееднаквост и неправди во современото општество, отворајќи бројни прашања за актуелните политички и економски состојби, национализмот, човечките права, миграциите. Излагала на повеќе од 20 самостојни и стотина групни изложби во Австрија, Ирска, Франција, Полска, Велика Британија, Словенија. Учествувала на Берлинското биенале, на Манифеста, на Графичкото биенале во Љубљана…
За претставувањето на Македонија на 58. Биенале, Министерството за култура издвоило околу 64.000 евра.
58. Биенале на уметноста во Венеција, инспирирано од време на лажни вести, срушени вредности и различни кризи, ќе се одржи 11. мај до 24. ноември оваа година.

нада2
Насловот на 58. Биенале на уметноста „Да се живее во интересни времиња“ заснован е на стара кинеска клетва која се однесува на период на несигурност, криза и превирања – на „интересно време“, токму она кое го живееме денес, наведува Ралф Ругоф, уметничкиот директор на манифестацијата и директор на лондонската галерија Хејворд .

Испрати коментар

Scroll To Top