Насловна / Градежништво / Се бара раката што ќе ја направи Македонија енергетски ефикасна

Се бара раката што ќе ја направи Македонија енергетски ефикасна

se-bara-rakata-1.jpgЅидари, фасадери, столари, покривачи на кровови, термоизолатери,
инсталатери, електричари и електромонтери се професиите што треба да се
дообучуваат за да може Македонија да има градби кои ќе бидат енергетски
ефикасни. Приоритет е надградба на системот за образование на возрасни,
следење и трансфер на европските искуства за дизајнирање на програми за
енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија за примена на
сертификациони шеми, градење на капацитет на образовните институции за
испорака на обуки согласно потребите за квалификувани работници и
идентификување и надминување на бариерите за реализирање на зацртаните
цели.

 

Овие цели за напредокот на градежниот сектор се дадени во Патоказот за развој на капацитетите на градежниот сектор во областа на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, а кој пред членките на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите го презентираше Ристо Иванов, експерт во проектот ‘Buld up Skills’.

 

Како што истакна Иванов, намерата на Патоказот е да придонесе во остварувањето на националните енергетски цели преку обезбедување квалификувани работници во градежниот сектор за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Документот ги презентира идентификуваните потребни вештини за различните занимања на градежните работници и бариерите што треба да се надминат за обезбедување на потребниот број квалификувани работници, директно инволвирани во градба. Потребата од квалификувани работници е минимум 9.600, а максимум 16.200. Меѓу нив, за енергетска ефикасност се предвидени ѕидари, фасадери, столари, покривачи на кровови, термоизолатери, инсталатери, електричари и електромонтери.

 

se-bara-rakata-1.jpg

 

Акциониот план за реализирање на мерките за четирите приоритети е изработен за периодот 2013-2016 година, а со него се опфаќа обука на 4.800 работници, кои се директно инволвирани во градбата, кои би требало да имаат свое учество во реализација на Националните енергетски цели во однос на ЕУ Стратегијата 20/20/20. Бидејќи високоградбата, односно станбените објекти на домаќинствата се поголемите потрошувачи на енергија, приоритетно е да се пристапи кон зајакнување на потребните вештини на градежните работници, било да се во текот на образованието, а повеќе во совладување на вештините преку дообука и преквалификација на возрасни. Компаниите ги истакнаа интересот и потребата од обучен кадар, кој ќе може да биде вклучен во градбата, иако самоиницијативно во повеќе компании се врши едукација.

 

Сепак, законската регулатива, која сè уште во овој сегмент не е целосно заокружена, засега претставува пречка за постигнување на барањата за квалитетна изградба и задоволување на барањата на енергетска ефикасност во објектите. Но компаниите сметаат дека за обука на нивните работници во овие сегменти се потребни многу финансиски средства кои помалите градежни фирми нема да може да си ги дозволат. Доколку нашата земја ги следи препораките на ЕУ за енергетската ефикасност и користење обновливи извори на енергија, потребно е годишно да реновира 1.157 милиони квадратни метри станбен фонд. За тоа, според предвидувањата на Стопанската комора, во градежниот сектор ќе треба да се вработат нови од 9.800 до 14.000 работници.

Најпотребни ќе бидат ѕидари, фасадери и инсталатери, како и за струки поврзани со инфраструктурата за енергија, електричари, изолатори. Според првичните пресметки, за обука по работник, зависно од нивото на квалификации, се неопходни од 100 до 300 евра или 4,5 милиони евра за околу 1.500 лица. Во согласност со новата директива на ЕУ, од 2014 година секоја држава, вклучувајќи ја и нашата, ќе мора да спроведе најмалку три отсто енергетска ефикасност на годишно ниво, а до 2018 година треба да има имплементирано до девет проценти.

 

Спасот е во летно-зимско работно време

 

Градежниците се залагаат за распоредување на работното време на годишно ниво, како би се избегнале празните одови во зимско време, а на сметка на времето кога е најпогодно за градење и производство на градежни и неметални материјали, наменети за градење на објектите. За реализација на оваа одредба, се формира работна група, која заедно со Синдикатот во компаниите ќе предложат мерки и решенија за реализирање на оваа одредба, која можеби ќе биде вградена и во законска одредба. Останува отворено прашањето, дали во најкраток рок ќе се постигне некаков договор или, пак, преговорите ќе траат додека е лето, а потоа во зима повторно ќе затаат, сè додека не почне повторно екот на градежната сезона во која градежниците ќе мора да работат само онолку време колку што им дозволува законот.

 

Катерина Спасовска-Трпковска

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top