Насловна / Вести / На 11-ти јули, Словенија ќе одржи референдум за водата за пиење

На 11-ти јули, Словенија ќе одржи референдум за водата за пиење

Измените на Законот за води, кој во март е усвоен од страна нa словенечкиот парламент, предизвикаа незадоволство кај невладините организации и експерти кои собрале доволно потписи за организирање референдум за водата за пиење. Министерството за животна средина и просторно планирање тврди дека со измените е забранета изградбата на индустриски и приватни објекти во крајбрежни подрачја, додека еколошките активисти велат дека измените на законот ќе го направат токму спротивното – ќе дозволат изградба на овие објекти, што ќе ги загрози изворите на вода за пиење. Еколошките и невладини организации, собрале 52.230 потписи за само 30 дена, но како што истакнуваат на референдумот најмалку 340.007 граѓани ќе мора да гласаат против законот, за да се запре неговата примена.

referendum1

Инаку, Словенија во номеври 2016 година, во тоа време како втора земја во ЕУ, после Словачка, го вклучи правото на вода во уставот. Тогаш ги прогласи водните ресурси за јавно добро и ја спречи нивната продажба. Водата, која многумина ја нарекуваат „нафта на 21-виот век“, ширум светот на различни начини станува едно од најважните прашања за сите општества. Така, на крајот на минатата година, на берзите во САД се појавија првите фјучерси за вода, додека во регионот наездата на лошо изградени мали хидроцентрали, го ставија проблемот со водите меѓу главните приоритети на еколошките активисти и на граѓаните. Собирањето на потписи во Словенија го организирале над 20 невладини организации и околу 400 волонтери. Некои политички партии, исто така ја поддржаа кампањата. Активистите и експертите тврдат дека со измените на законот се намалува заштитата на водите во Словенија. Тие потсетуваат дека Министерството за животна средина и просторно планирање, под притисок на стручните здруженија и граѓанските организации, ја повлекло измената на законот која овозможувала изградба на производни објекти со опасни материи и депонии во подрачја кои се заштитени поради водите. Но, Министерството не ги повлекло измените кои генерално дозволуваат градба во крајбрежно подрачје. Измените кои дозволуваат изградба на јавни објекти во крајбрежни подрачја во согласност со законот за градење, се премногу широки и претставуваат сериозен ризик за нивна деградација и загадување на површинските и подземните води, тврдат невладините организации, и додаваат дека истовремено промените ќе го ограничат пристапот до водата како јавно добро. Законот за градење, како што додаваат тие, дозволува изградба на различни јавни објекти како што се ресторани, деловни и административни објекти, продавници, згради за услужни дејности, патишта, паркиралишта, гробишта.

referendum2

referendum3

Од друга страна, од Министерството тврдат дека измените на законот за води, пружаат поголема заштита на водните ресурси и крајбрежните подрачја, и значајно ги зголемуваат средствата за заштита од поплави. „Изградбата на фабрики и други индустриски објекти, како и приватни објекти, нема да биде дозволена во крајбрежните подрачја. Под строги услови ќе можат да се градат само едноставни јавни објекти, како на пример детски и спортски игралишта, и тоа само доколку се во согласност со просторните планови на локалните самоуправи“, соопштува Министерството. Дополнително, и за изградбата на овие едноставни јавни објекти, согласност ќе мора да се добие од словенечката агенција за води и други надлежни институции. Изградбата во крајбрежно подрачје нема да биде дозволена доколку ја загрозува заштитата од поплави и управувањето со водите, тврдат од Министерството. Измените на законот ќе ја укинат можноста владата да прави исклучоци во врска со градбата во крајбрежните подрачја. Новиот закон, исто така овозможува поголема заштита од поплави, преку зголемување на средствата за одржување, па покрај средствата од државниот буџет, ќе бидат достапни уште 17 милиони евра од водниот фонд.

Испрати коментар

Scroll To Top