Насловна / Арт и дизајн / Музејот на град Скопје одбележува седумдесет години од основањето

Музејот на град Скопје одбележува седумдесет години од основањето

Седумдесет години од постоењето (1949 – 2019) и педест години од користење на музејскиот објект Железничка станица (1970-2020) е јубилеј на  Музејот на град Скопје.

Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан денес, 12 февруари 2020 година во 13 часот со промоција на монографија „70 години Музеј на град Скопје“. Монографијата ќе ја промовира академик Вера Битракова-Грозданова.

Во монографијата, на 300 страни и со над 200 фотографии, се претставени сите значајни музејски предмети и уметнички дела од збирките на музејот, таа ги содржи и ги обединува сите значајни настани како и сите значајни печатени изданија што се резултат на работата на неколку поколенија музејски работници.

На 12 февруари на самиот влез од Музејот на предната страна на фасадата преку светлосно визуелни ефекти (3Д мапинг), ќе се промовира настанот „70 години  Музеј на град Скопје“.

Исто така, на 12 февруари во Музејот на град Скопје во првата изложбена сала преку видео проекција ќе бидат претставени активности и настани од основањето на музејот до денес. Видео презентацијата преку фотографии во проекција од 360 *, за прв пат изработена на нашите простори во 3Д мапинг технологија, ќе ја опфати музејската и галеријската работа во изминатите седумдесет години поделена на декади. Во секоја декада, почнувајќи од основањето до денес, се презентира Музејот и неговата досегашна работа.

Во втората сала ќе биде поставена изложба на која ќе биде претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани (изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации…) и избор од најзначајните публикации во седумдесетте години од постоењето на Музејот на град Скопје.

Изложбата и аудио-визуелната презентацијата во 20 часот (12 февруари 2020 г.) ќе бидат свечено отворени со пригодна реч на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и директорот на Музејот на град Скопје Славко Лисичков.

Видео проекцијата по повод седумдесет години од основањето на музејот на град Скопје публиката ќе има можност да ја види само вечерта на 12 февруари, а изложбата ќе биде отворена од 12 февруари до 12 март 2020 година.

Изложбата на плакати од продукцијата на Музеј на град Скопје ќе биде јавно достапна од 14 февруари до 14 март 2020 година.

Flaer-70 god MGS-02 (1)_resize

Музејот на град Скопје е формиран во 1949 година од страна на Градскиот народен одбор на Скопје како Народен музеј на град Скопје. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година и санацијата на објектот на Железничката станица (од 1968 до 1970 година, проект на дипл. инж. арх. Светислав Петровиќ), Музејот на град Скопје се вселил во новите простории од адаптираната зграда на Железничката станица во 1970 година.

Остварувајќи ја својата основна мисија, Музејот на град Скопје уште од почетокот стана место на непосредно фактографирање на историскиот, општествениот, стопанскиот и културниот живот на градот. Набргу, импозантниот број реализирани музејски презентации и манифестации во земјава и во странство, археолошки и теренски истражувања, организирани збирки и музејски поставки преку кои се афирмира културното наследство на град Скопје, од Музејот создаваат значаен културен центар.

poster jubilej_resize

Музејот на град Скопје остварува богата научно-истражувачка дејност и врши собирање, средување, стручна обработка, чување, заштита, презентација и публикување на музејски материјал од областа на археологијата, етнологијата, историјата, историјата на уметноста и историјата на архитектурата. Врши археолошки истражувања на територијата на град Скопје. Врши заштита на археолошките, етнолошките, историските и уметничките предмети на подрачјето за кое е основан. Преку постојани изложбени поставки, повремени и подвижни изложби, предавања, семинари, курсеви и други форми на дејствување, врши едукативна функција, развивајќи интерактивна комуникација со посетителите. Музејот го презентира музејскиот материјал и преку сопствената издавачка дејност.

Музејот го збогатува фондот од музејски предмети преку теренски истражувања, археолошки ископувања и откупи на артефакти, го збогатува фондот на уметнички дела и овозможува пошироката публика да се запознае со актуелниот творечки опус на современите уметници од земјава и од светот.

Музејот од своето основање до денес го обезбедува правото на култура и на еднакви можности за пристап до културата за сите корисници.

Музејот веќе седумдесет години ја привлекува публиката преку интерактивни проекти, изложби и презентации како на културното богатство, така и на современите културни производи и го подига општото културно рамниште на граѓаните на град Скопје. Благодарение на работата на неколку поколенија музејски работници Музејот денес стана значаен центар за чување, заштита и презентација како на нашето културно наследство, така и на современата култура и уметност.

Испрати коментар

Scroll To Top