Насловна / Арт и дизајн / Мирко, пази куршум!

Мирко, пази куршум!

„Мирко и Славко“ е првиот југословенски домашен стрип за две момчиња, партизански курир, Мирко и Славко, кој излегувал во едицијата „Никогаш роб“ од издавачката куќа „Дечје новине“ од Горњи Милановац. Главен автор на „Мирко и Славко“ бил цртачот Десимир Жижовиќ Буин со бројни соработници. Според стрипот, снимен е истоимен игран филм. Се верува дека овој стрип го создал стрип пазарот и поп-културата во поранешна Југославија, кој на крајот ќе биде потиснат од увезени стрипови.

1_resize

Буин, на почетокот на шеесеттите години, ги осмислил стрип-јунаците Мирко и Славко, мали партизани кои со својата итрина и храброст ја разгорувале имагинацијата на децата низ цела Југославија. Стрипот имал тираж од кој дури и денес на многу издавачи им се врти во глава.

Десимир Жижовиќ Буин (1920 – 1996) работел во „Типопластика”, тогаш голема фабрика за аммбалажа. Тука станал предвесник на она што подоцна ќе се нарекува индустриски дизајн. Работел дизајни за амбалажи на бомбони, женски чорапи и разни други производи. А потоа едно дружење на кафанска маса од него направило легенда на стрипот. Кон крајот на 50-тите години, пријатели му кажале дека се формира весник за деца „Дечје новине“ и им треба некој кој ќе илустрира народни песни. Потоа добил задача да направи стрип за деца кои се борат против Германци. Не му било тешко да создаде стрип за малиот пекарски чирак Мирко.

8_resize

На 25 ноември 1958. година  во бројот 23 на „Дечје новине“ излегува првото продоллжение на стрипот „Никогаш роб“. Тогаш никој не можел да претпостави дека тоа е почеток на најомилениот југословенски стрип на сите времиња. Стрипот излегувал во продолженија до 1960. година, а потоа преминал во истоимена нова едиција заедно со уште неколку стрипови на други автори. Сепак, ниту еден од тие стрипови ни приближно не бил популарен како „Мирко и Славко“, па од 1969. година и 195 броја во овие тетратки објавувани се исклучиво доживувањата на малите курири.

7_resize

Мирко е решителен, смел, пожртвуван, накратко, идеален социјалистички лик, додека Славко знае да се исплаши, да се сомнева, да прашува. Затоа тој е постојано во сенка на Мирко, кој секогаш оди напред, сугерира, наоѓа решенија таму каде што навидум не постојат. Разликата се гледа и во оружјето со кое Буин ги вооружувал. Мирко носи „МП40“, популарно наречен „Шмајсер“, кој во војната, а особено во подоцнежната партизанска митологија, го носеле исклучиво команданти, комесари и други главни ликови. Славко е вооружен со обична карабина.

2_resize

Двете момчиња успеваат сè, сами или со мала помош од други, да разнесат германски блиндиран воз, заедно со многу други објекти, авиони, камиони и друга воена опрема. Самата приказна е наивна, но Буин велел дека прави стрипови за деца, дека не смета дека тоа е уметност, и што е најважно, децата ги обожавале.

Тиражите биле огромни, до 180.000, примероци се објавувале неделно. Морале да бидат вклучени и други цртачи во проектот. Тие цртале придружни ликови и позадини, додека Буин ги вметнувал главните ликови и ги работел насловните страници, полни со акција.

3_resize

Врвот бил во 1973. година, кога е снимен филмот „Мирко и Славко“ со Бата Живоиновиќ во една од главните улоги (не, тој не го играл Мирко). Филмот добил награда на Детскиот филмски фестивал во Полска.

Како и секогаш кога има хиперпродукција, има пад на квалитетот, така во 1979. година серијата е затворена. На ова исто така придонела и хајка спроведена кон средината на седумдесеттите години, во која стрипот бил напаѓан како шунд. Подоцна, се покажало дека сè е смислено од конкуренцијата од друга издавачка куќа, која се занимавала со увезени стрипови.

Во средината на осумдесеттите години, Буин се вратил на својот стрип, се појавиле неколку епизоди на страниците на весникот „Тик-так“, но без некаков успех. Според него, тој дотогаш потрошил барем резервоар туш на „Мирко и Славко“.

Дури и во времето на најголемата слава на стрипот, Буин бил вработен во „Типопластика“, каде што останал до пензионирањето, а успеал да направи дизајн и за други фабрики. Негова е етикетата за познатата ракија „Таково“, познатите мустаќи. Покрај тоа, тој работел и во камен, правел скулптури и, пред сè, сликал.

5_resize

А онаа позната фраза „Мирко, внимавај куршум! Благодарам, Славко, ми го спаси животот! “? Тоа е само дел од кампањата против стрипот од седумдесеттите години, која фраза се претвори во урбана легенда. Ваков дијалог никогаш не се појавил во стрипот, сè друго се монтажи.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top