Насловна / Вести / Lacoste го отвори својот прв ресторан, и тоа не било каде, туку во Монако

Lacoste го отвори својот прв ресторан, и тоа не било каде, туку во Монако

Погледнете го првиот ресторан на брендот чија опрема ја носи Новак Ѓоковиќ.

Lacoste го отвори Le Café во Монако – елегантен простор кој ги спојува модата, тенисот и француската гастрономија, обликувано како продолжение на естетиката и животниот стил на брендот.

Брендовите повеќе не се само брендови. Денес, тие се цели универзуми – од парфеми и мебел до ресторани.

Најновиот пример доаѓа од Lacoste, модната куќа позната по својот спортски шик и култниот крокодил, која го отвори својот прв ресторан. И тоа не било каде, туку во Монако, покрај   медитеранскиот брег.

Француски шик на Ривиерата

Le Café by Lacoste се наоѓа во хотелот Le Méridien Beach Plaza и е проектиран како целодневен  ресторан каде што можете да појадувате, ручате или да останете на вечерен коктел.

Просторот зрачи со препознатливата естетика на Lacoste: дискретен луксуз, сведени форми и неизбежна тениска иконографија.

Во ентериерот доминираат светли тонови, чисти линии и современи материјали, додека деталите – како што се стилизирани мрежи, текстури што потсетуваат на тениски терени и мотиви од светот на голфот – се тука за да потсетат на спортското наследство на брендот.

На менито – стил, вкус и историја

Менито на ресторанот е базирано на современа француско-медитеранска кујна. Тука нема претенциозни „fine dining“ чинии – фокусот е на квалитетот, балансот и секојдневното уживање.

Посебно внимание се посветува на десертите и коктелите кои комуницираат директно со бренд идентитетот.

Култниот Crocodile зелен колач со ф’стаци, како и тирамисуто Terre battue (именувано по тениската земја) се дел од внимателно осмислената нарација.

Тука е и Chose – освежителен коктел кој го оживува пијалокот од 1967 година што, според легендата, Рене Лакост го пиел по натпреварите.

Секоја чинија и пијалок е дел од приказна што ја брише границата помеѓу ресторанот и брендот.

Повеќе од минлив тренд

Отворањето на Le Café е дел од поширока стратегија за трансформирање на Lacoste во комплетен „lifestyle“ бренд. Целта не е само продажба на облека, туку создавање простор каде што публиката може да „живее Lacoste“.

Доколку оваа формула се покаже како успешна – а судејќи според интересот, тоа веќе е – слични ресторани би можеле да се отворат и во други градови низ светот.

Нова ера на модни ресторани

Со овој потег, Lacoste стои рамо до рамо со брендови како што се Dior, Louis Vuitton и други модни гиганти кои го проширија својот домен во светот на угостителството. Единственото нешто што сега ви преостанува е да резервирате маса.

Испрати коментар

Scroll To Top